Ќе почне ли конечно чистењето на линданот во ОХИС?

Подготвителната фаза за чистењето на малата депонија со линдан во фабриката ОХИС во Скопје. Извор МЕД.

По неколкугодишно одложување, следниот месец ќе почне чистењето на малата депонија со линдан во ОХИС. Надлежните уверуваат дека процесот ќе биде безбеден за граѓаните и околината. Отпадот ќе биде уништен во странство, a обуката за работниците вклучени во чистењето ќе ја вршат експерти од Холандија.

Во март годинава треба да почне чистењето на линданот од малата депонија во фабриката ОХИС во Скопје. Грчката компанија ПОЛИЕКО го доби тендерот за отстранувањето на локациите контаминирани со канцерогениот пестицид, кој поради еколошки причини беше забранет од Обединетите нации пред околу 40 години.

Планирано е ископот да се одвива во неколку фази, со што од малата депонија треба да бидат отстранети вкупно 6.661 тони HCH oтпадот (чист линдан), контаминирана почва и контаминиран бетон во индустриско-хемиската постројка ОХИС во југоисточниот краен дел на Скопје. За тоа во текот на следниот месец на самото место ќе бидат обучени сите потребни работници. Обуката ќе ја врши супервизорската компанија TAUW од Холандија, според официјалните податоци.

Во првата фаза која ќе почне во втората недела од март, ќе биде направен ископот и планирано е да се заврши во мај оваа година. Околу 650 тони линдан и контаминирана почва ќе бидат спакувани и транспортирани, според податоците кои Радио Слободна Европа ги доби од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Видете и ова: Тивкиот убиец од ОХИС

Отпадот, по отстранувањето од локациите во ОХИС, ќе биде согорен во лиценцирани постројки за отпад во Франција, а контаминираното земјиште ќе биде преработено во лиценцирана постројка во Холандија, според официјалните податоци на МЖСПП.

Потоа, во втората фаза од чистењето на малата депонија, ќе биде направен ископ на околу 900 тони почва и чист HCH отпад и тоа ќе трае до почетокот на јуни, додека останатите количини треба да бидат отстранети во третата и четвртата фаза во рок од 10 до 12 месеци.

„Во периодот од 20 парил до крајот на јуни 2022 година ќе се врши сукцесивно транспортирање на ископаниот материјал до двата капацитети во Франција и Германија“, според Министерството за животна средина и просторно планирање.

Подготвителната фаза за чистењето на малата депонија со линдан во фабриката ОХИС во Скопје. Извор МЕД.

Има ли ризици при чистењето?

Во изминатите неколку години надлежните повеќе пати го најавуваа чистењето на линданот во ОХИС, но процесот доцнеше до обезбедувањето на потребните средства и ангажирањето на компанијата ПОЛИЕКО.

Инаку, илјадниците тони линдан помешан со земја во ОХИС е оставен на отворено повеќе од 40 години, на одалеченост неколку километри од центарот на Скопје. Овие депонии според токсичноста на отпадот се рангирани на прво место како најопасни за животната средина, според податоците добиени при дефинирањето на 16-те индустриски жешки точки во земјава.

Канцерогениот линдан е детектиран во воздухот, водите и почвите, како и на крововите и зградите на фабриката, во зеленчукот и подземните води што ги одгледува и употребува локалното население. Потенцијално, на линданот секојдневно се изложени околу 470.000 граѓани на Скопје и околината кои се под ризик на можни канцерогени ефекти врз нивното здравје, како рак на црниот дроб или на бубрези или болести на имунолошкиот систем, според податоците на Организација за индустриски развој на Обединетите нации УНИДО која го спроведува проектот во соработка со Канцеларијата за неразградливи органски загадувачи – ПОП-с при Министерството за животна средина и просторно планирање.

Побаравме одговори од Министерството за животна средина и просторно планирање дали постои ризик за ширење на супстанцата откако ќе почне чистењето, од каде одговорија дека ПОЛИЕКО ќе постави шатор од непропусен материјал со филтри за вентилација, за граѓаните да можат безбедно да се движат во околината на ОХИС.

Од институцијата велат дека ,исто така, во фабриката ќе биде поставен специјален шатор за да се избегне ширење на честичките прашина кои ќе се создаваат при ископот на линданот, а системот за вентилација со активни филтри треба да ги апсорбира честичките во воздухот кој ќе излегуваат од него.

Мониторингот при чистењето ќе се врши преку мерни станици поставени на неколку места околу шаторот за во секое време да се знае дали се спроведени сите безбедносни мерки во текот на чистењето.

„Со самиот факт дека се работи во затворен простор со сите превентивни и безбедносни мерки, се очекува дека ќе се минимизира ризикот од ширење на контаминиран материјал во околината на локацијата, па и движењето на граѓаните би било безбедно“, велат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Подготвителната фаза за чистењето на малата депонија со линдан во фабриката ОХИС во Скопје. Извор МЕД.

Допрва ќе се бараат пари за големата депонија

Македонското еколошко друштво во рамки на проектот за отстранување на линданот спроведува активности за подигнување на јавната свест за значењето и влијанието на линданот врз човековото здравје и за состојбата на животната средина.

Од МЕД велат дека во подготвителната фаза досега се направени активности како расчистување на теренот, обезбедување на механичка опрема и машини, анализа на почвата во малата депонија, сепарација и пакување на ископаната почва од рововите и обука на персоналот кој треба да работи на теренот.

Откако ќе биде поставен безбедносниот шатор во текот на февруари, ќе биде поставена метална конструкција, велат од МЕД, а во оперативната фаза компанијата ПОЛИЕКО ќе ги спроведе и обуките на персоналот за ископување и ракување со отпадот, како и за пакување, складирање и реставрација на локацијата.

Завршната фаза на целиот процес е делот на транспонирање на отпадот до објекти за конечно отстранување од Северна Македонија, што ќе се одвива преку Грција до Франција и Холандија каде ќе биде согорен.

Малата депонија е само еден дел од процесот, по што треба да следи чистењето на големата депонија, но откако за тоа ќе бидат обезбедени средства, како што велат од Министерството за животна средина и просторно планирање. Од таму наведуваат дека од оваа временска дистанца не можат да дадат проценки за колку време ќе бидат исчистени двете депонии. Постојат многу фактори кои влијаат на текот на активностите, а најважно е да се обезбедат потребните средства и поддршката од сите засегнати чинители во земјава за да може без застој да се спроведе целиот процес, велат од институцијата.