Во Владата денеска на средба се повикани лидерите на коалиционите партии која следи по оставката на Зоран Заев од премиерската функција и од лидер на СДСМ откако владејачката партија беше поразена на локалните избори. Како ќе се дејствува понатака, кога Заев ќе ја поднесе оставката до Собранието и кој би бил неговиот наследник се прашањата кои се наметнаа откако резултатите од локалните избори се рефлектираа и на внатрешно политичката сцена.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Коалицијата „Можеме“ која е предводена од СДСМ, е сочинета и од Беса, НСДП, ЛДП, ДОМ, Демократски сојуз, ВМРО-НП, Партија на пензионери, Српска странка во Македонија и Партија за движење на Турците и Демократска партија на Турците. Заедно со ДУИ и ДПА коалицијата има 62 пратеник и мнозинство во Собранието.
Видете и ова: Светски медиуми: оставката на Заев и несигурната владина коалицијаСогласно Уставот оставката на Заев значи и оставка на целата Влада
„Оставката на претседателот на Владата, неговата смрт или трајна спреченост да ја врши функцијата, повлекуваат оставка на Владата“, се наведува во Уставот.
Според одредбите од Уставот, освен избор на нов премиер, ќе треба да се бира и нова Влада, од страна на мнозинството во Собранието. Во Деловникот на Собранието има два члена кои се однесуваат на оставка на премиер.
„Владата, претседателот на Владата или член на Владата можат да поднесат оставка. Оставката на Владата или на претседателот на Владата, се поднесува до претседателот на Собранието во писмена форма и може да се образложи… Оставката на Владата или на претседателот на Владата, претседателот на Собранието веднаш ја доставува до пратениците и до претседателот на Републиката“, предвидува членот 219 од Деловникот.
Додека пак во членот 220 се наведува дека Собранието на првата наредна седница, без претрес, констатира дека мандатот на претседателот на Владата и на нејзини членови им престанува на денот на одржувањето на седницата.
Политички математики за парламентарни мнозинства
Владејачката коалиција „Можеме“ има 46 пратеници. ДУИ има 15, а еден ДПА
Од 46 пратеници од коалицијата, 30 се членови на социјалдемократскиот сојуз, четворица се од Беса , по двајца имаат НСДП и ЛДП, еден независен и по еден од ДОМ, Демократски сојуз, ВМРО-НП, Партија на пензионери, Српска странка во Македонија и Партија за движење на Турците и Демократска партија на Турците. ЛДП, која има два пратеника и ДОМ еден пратеник одлучија да настапат сами на локалните избори.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Пратеникот Арбер Адеми од ДУИ изјави дека премиерот Заев избрзал со одлуката за оставка.
„Мое лично мислење е дека е избрзана одлука од страна на премиерот бидејќи не се тестираше легитимитетот на партиите или на Владата за националните политики“, изјави Адеми за време на гостувањето на телевизија Сител.
ВМРО-ДПМНЕ, пак, има 40 пратеници. Од традиционалните партнери на опозициската партија е и пратеникот Иван Стоиљковиќ од Демократската партија на Србите и двајцата пратеници од Социјалистичката партија, како и еден пратеник од ГРОМ. Заедно тие бројат 44 пратеници.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски денеска изјави дека состојбата во државата е многу сериозна.
„Ние ќе се обидеме да направиме ново парламентарно мнозинство имајќи ги предвид сите предизвици пред коишто се соочува државата и граѓаните во нашава држава“, изјави денеска Мицевски во Собранието.
Тој истакна дека до Парламентот се уште не е доставена оставката од премиерот Заев и дека кога ќе го добијат писмото со оставка ќе се знаат следните чекори што понатаму. Мицевски рече дека не ја исклучуваат ни можноста за предвремени парламентарни избори. Заев изјави дека предвремени парламентарни избори за СДСМ не се опција.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по гласањето на вториот круг се осврна и на темата за парламентарното мнозинство. Притоа тој упати порака и до ЛДП и ДОМ.
„Во однос на ново мнозинство, оставете времето да ви одговори на многу работи. Власта е делегитимирана и таа е новата реалност која очекувам со тек на времето да се манифестира и во парламентот. Но, најдобро би било тоа да биде преку предвремени избори“, рече Мицкоски.
Алијанса за Албанците има 8 пратеници, а нејзиниот коалиционен партнер Алтернатива 4. Додека пак Левица има 2 пратеника.