Премиерот Зоран Заев си поднесе оставка од премиерската функција и од партиската позиција – претседател на СДСМ, по поразот во вториот круг на локалните избори. Претходно опозициските партии на локално ниво прогласија победи во мнозинството општини низ земјава каде што се гласаше во втор изборен круг. За поразот на локалните избори одговорноста ја презеде Заев кој на прес конференција изјави дека си поднесува оставка.
„Останувам на ставот дека не треба да има предвремени парламентарни избори“, рече тој.
Тој им честиташе на, како што вели, сите прогресивни граѓани, но додаде дека на овие избори за прогресивните стигнала и политичка казна на овие избори. Според него причината за ваквиот резултат на изборите се парите пристигнати од надвор кои ги добиле домашни бизнисмени за лични интереси и бизниси. Заев вели дека е разочаран што мнозинството народ кој гласаше со сите оние кои останаа дома и ги избраа истите луѓе и политичари кои пред 4 години во парламентот тргнаа да тепаат и убиваат.
„ На овие избори видовме и сојузи меѓу жртви и насилниците од ВМРО-ДПМНЕ без никаков образ, за една цел – за власт и пари“ изјави Заев.
Претходно лидерот на ВМРО- ДПМНЕ Христијан Мицкоски прогласи победа во повеќе големи градови во земјава, меѓу кои и Скопје и посочи дека најдобро би било власта да си замине на предвремени парламентарни избори. Тој во својот говор истакна дека Македонија мора да се менува, а промените почнаа од вечерва.
„Многумина велат Скопје е ВМРОвски град, да е, но Скопје, пред се е слободен град. Како што и Македонија ќе биде од утре слободна, “ изјави Мицкоски.
Независната кандидатка за градоначалник на Град Скопје, Данела Арсовска која беше поддржана од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ вечерва прогласи победа во вториот круг на изборите.
Арсовска прогласи победа во градоначалничката трка со речиси 30 илјади гласа повеќе од нејзиниот против кандидат од владејачката СДСМ Петре Шилегов.
Таа на прес конференција посочи дека ја добива оваа тешка битка, во која освен досегашниот градоначалник противник и бил и, како што вели, премиерот во заминување.
„ За прв пат, во 30 години независна Македонија, Скопје има жена за градоначалник“ изјави Арсовска.
Шилегов и ја честиташе победата на Арсовска и изјави дека проектите што досега ги реализирал ќе бидат неизбришлива трага и дека нема да дозволат повторно, како што вели „силување на Скопје“.
Кандидати на ВМРО -ДПМНЕ ќе седнат на градоначалничко столче во неколку поголеми градови во земјава како Охрид, Битола, Гевгелија и Кратово. На прес конференцијата по кратката прослава пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски меѓу другото ја обвини власта за поткуп и притисоци врз гласачите во вториот изборен круг.
„Би рекол дека ова беше повеќе или помалку демократска трка, затоа што денеска ќе се радуваме, но не треба премногу да славиме, затоа што она што се случуваше посебно меѓу двата круга не смееме да го заборавиме, насилното однесување, поткупот, уцените“ изјави Мицкоски.
Коалицискиот партнер на ВМРО-ДПМНЕ Гром, го освои градоначалничкото столче во скопската општина Карпош. Стевчо Јакимовски освои нов мандат во оваа општина со 1 441 повеќе гласови од неговиот против кандидат од СДСМ Душко Велковски.
„Со десеткувана партија, со украдени пратеници, омаловажуван, притворан, жртва на страшна пропаганда тргнав во овој поход, но знаев дека го имам народот зад себе. Направивме моќен сојуз и јас и народот на Карпош ја испишавме оваа историја“, рече Јакимовски.
Победа во Тетово прогласи и кандидатот за градоначалник Биљал Касами од БЕСА. Досегашната градоначалничка Теута Арифи на куса прес конференција му ја честиташе победата.
„Резултатите покажуваат дека против кандидатот има повеќе гласови и општина Тетово ќе биде водена од мојот против кандидат. Сакам да му честитам за победата и му посакувам успешна работа имајќи го в предвид фактот дека Тетово е град со многу предизвици“ изјави Арифи.
Втор мандат освои досегашниот градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски во битката со доскорешниот сопартиец од СДСМ и против кандидат Оливер Илиевски. Димитриевски на социјалната мрежа Фејсбук се вклучи во живо од неговиот изборен штаб и прогласи победа со разлика од над 5 илјади гласови.
„Леле луѓе што направивме“ извика Димитриевски.
Опозициската Алијанса за Албанците прогласи победа во Гостивар. Актуелниот градоначалник Арбен Таравари тврди дека во градоначалничката битка води со над 5 илјади гласа разлика.
„Значи ако во првиот круг победивме со две ипол илјади гласови, сега победивме со над 5 илјади гласови. Ако сакаат тука сме да идеме и трет круг, па да биде 2 спрема 1“ изјави тој.
Претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски ги оцени изборите како успешни и мирни со со изолирани инциденти. Гласањето беше фер и демократско, а уредите за отпечаток од прст работеа беспрекорно, освен неколку случаи каде што имаше проблеми, коишто беа надминати, изјави на последната прес конференција Даштевски по затворањето на гласачките места.
Излезноста на гласачите во вториот круг од локалните избори до 18 и 30 часот е 48,62 отсто соопшти Државната изборна Комисија. Во споредба со првиот круг излезноста во неколку општини е драстично поголема како што се општините Охрид и Битола каде што во вториот круг излегле да гласаат по околу 9 илјади повеќе гласачи. Вкупно на гласање во 44 општини каде што се гласа во вториот круг на локалните избори своето право на глас го искористиле над половина милион гласачи.
Највисока излезност има во општината Вевчани и таа изнесува 81, 2 проценти, а најмала во скопската општина Сарај каде што само 28,57 проценти од гласачите излегле да го дадат својот глас. Излезноста на ниво на Скопје изнесува над 40 проценти.
Денеска не се гласаше за градоначалник во Маврово-Ростуше и Центар Жупа бидејќи во првиот круг не беше исполнет законскиот цензус на гласање односно да излезат најмалку една третина од запишаните гласачи во Избирачкиот список. За овие две општини Државната изборна комисија најави дека ќе ја извести Владата, а дополнително ќе се организира повторување на гласањето за градоначалник согласно Законот за локална самоуправа. Членови на советот се избрани бидејќи за нив не е потребен цензус.
Овие се седми локални избори од независноста на Македонија и втори, по ланските парламентарни, кои се одржуваат во време на пандмијата со коронавирусот.