Вицепремиерот Артан Груби и министерот за надворешни работи Бујар Османи се во интензивна кампања со порака до дијаспората да се попише. Левица води кампања не отворај врата, ВМРО-ДПМНЕ да се одложи пописот, а нивниот лидер Христијан Мицкоски вели- не ми паѓа на крај памет да разговарам со невакциниран попишувач. Другите владини претставници повремено споделуваат повици да се попишат иселениците, за кои онлајн самопопишувањето е во тек, но најчеста порака од владината зграда е- повикот за бојкот и бојкотот на пописот е кривично дело.
Видете и ова: Влада: Пописот дефинитивно ќе се спроведе во априлВо вакви услови во кои политички партии изразуваат скепса кон операцијата која властите инсистираат дека е само статистичка, а на шест дена пред почнувањето на пребројувањето и внатре во државата нејасно е какви податоци ќе се соберат на крај. Заменикот директор на Државниот завод за статистика Иљми Сељами вели дека ги разбира оние кои повикуваат граѓаните да се попишат, оти вели не правеле ништо лошо туку повикувале закон, но вели дека не ги разбирал оние кои повикуваат граѓаните да не се попишат.
„Што е лошо во тоа да повикувате граѓани да го почитуваат законот? Јас не се чудам зошто Албанците повикуваат да се попишуваат Албанците, туку се чудам зошто Македонците повикуваат да не се попишуваат Македонците? Што е целта, што е намерата, да не се попишуваат, да направиме деформирани бројки? “, вели Сељами во интервју за Радио Слободна Европа кое во целост ќе го емитуваме в недела.
Кој се повикува на бојкот?
Партијата Левица која има двајца пратеници во парламентот води кампања „Не отворам врата“. Тие тврдат дека со него ќе се фабрикувале податоци, дека пописот е фингирана политичка операција, која има намера „дополнително да ја зголеми рамнотежата на моќ во полза на албанските партии“. Партијата води и теренска кампања делејќи летоци и тврди дека насилно е истуркан законот за попис и со него се кршат многу од принципите препорачани од Обединетите нации и ЕВРОСТАТ.
ВМРО-ДПМНЕ исто така тврдат дека пописот не е во согласност со стандардите на ЕВРОСТАТ, бараат негово одложување поради пандемијата со коронавирусот, а лидерот на партијата Мицкоски вели дека пописот може да се одржи кога ќе се вакцинираат попишувачите.
„ВМРО-ДПМНЕ има јасен предлог, односно одложување на пописот до есен, а може и одложување на локалните избори за еден месец“, вели Мицкоски чија партија собираше и граѓански потписи за одложување на пописот.
Уште една групација вонпарламетарни партии води кампања „Не отворам врата“. Единствена Македонија на Јанко Бачев во име на Националниот блок кој го претставува ги повикува граѓаните да не учествуваат на пописот ако тој не се одложи, оти тврди дека „пописот е фалсификуван и се договорени процентите меѓу премиерот Зоран Заев и претседателот на ДУИ, Али Ахмети."
Кривично дело ли е бојкотот?
Од Владата, пак, тврдат дека повикот за бојкот и бојкотот на пописот е кривично дело. Се повикуваат на членот 387 од Кривичниот законик. Во тој член на кој се повикуваат од Владата се наведува дека „тој што ќе организира други на отпор или на непослушност спрема законити одлуки или мерки на државен орган, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години. Во ставот два од истиот член пак пишува дека „ако поради делото од став 1 дошло до неспроведување или до значително отежнување на спроведувањето на законита одлука или мерка на државен орган или делото го стори како водач на група,
Поранешниот претседател на Врховниот суд Дане Илиев смета дека бојкотот на пописот не е кривично, како што тврди Владата, туку прекршочно дело.
„Тоа што се повикува владата, на членот за повикување на отпор, значи на неспроведување на одлуки кои произлегуваат од законите, а во случајов пописот е регулиран со закон и во него се предбидени казнени одредби во одделот за прекршоците. Тој е лекс специјалис, тој си има предност и тој се применува и кривичниот законик не се однесува на тоа“, вели Илиев за РСЕ.
Прекршоците, пак, се предвидени во членот 51 од Законот за попис. Во него се наведува дека „глоба во износ од 200 до 300 евра во денарска противвредност ќе се изрече за прекршок на физичко лице ако одбие да ги даде податоците што се бараат од него за Пописот или ако даде неточни податоци“.
Недоверба во пописот
Инаку, во Македонија последниот попис е одржан во 2002 година, што ја прави земјава една од ретките во светот кои речиси две децении го немаат пребројано своето население. Неуспешен обид за попис имаше во 2011 година, но процесот беше прекинат во согласност со тогашните коалициски партнери ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и со тврдење дека бројките немало да бидат реални.
Недовербата всушност потекнува од тоа што во земјава правата на етничките заедници по Рамковниот договор се врзани со процентите на заедницата, а големи спорења сега има и околу „тивкиот бојкот“ на дел од дијаспората која не се самопопишува.
Пописот на дијаспората кој е необрзувачки и електронски според документот „Препораки за попис на населението и домаќинства 2020“ објавен на страницата на Евростат е можно да е важно за земји кои што имаат голема емиграција. Од европското статистичко биро наведуваат дека претходните искуства покажуваат дека е тешко да се очекува да се обезбеди точен број на емиграцијата во странство.
„Ако податоците за лицата кои живеат надвор од земјата подолго од 12 месеци се добиени на пописот тогаш тие треба да бидат одвоени од податоците добиени за резидентното население“, се наведува во препораките на Евростат.
Минатиот месец Радио Слободна Европа праша во Евростат дали се запознаени со македонскиот Закон за попис и методологијата и ако се, дали тие се во согласност со нивните стандарди.
„Законот за попис и методологијата неодамна беа споделени со Евростат. Тие во повеќето аспекти се широко поврзани со релевантните стандарди дефинирани во статистичкото законодавство на Европската унија иако законодавството на ЕУ се уште не е обврзувачко за Северна Македонија како земја кандидат", наведе Маргарида Карвало од канцеларијата за односи со јавноста на Евростат.