Петочната средба на работната група за Законот за јавно обвинителство треба да даде одговор дали јавната дебатата за законот послужи да се надминат отворените прашања, кои беа „камен на сопнување“, меѓу власта и опозицијата. За в петок се најавува средба во поширок формат, односно присуство на претставници на сите пратенички групи. На минатата средба, ВМРО-ДПМНЕ побара присуство и на државниот обвинител Љубомир Јовески, по што претставниците на партијата ја напуштија средбата.
Министерката за правда, Рената Дескоска, на својот Фејсбук профил напиша дека на средбата треба да се усогласи текст кој ќе влезе во собраниска процедура.
На средбата ќе се гради консензус околу постапката за предлагање јавен обвинител од страна на опозицијата и за начинот на кој ќе продолжат предметите на СЈО. По дводневната јавна дебата во Собранието, Дескоска рече дека на дебатата не слушнала ниту едно аргументирано тврдење оти јавниот обвинител треба да се избира на предлог на опозицијата, но дека е вреден за размислување предлогот за зголемување на транспарентноста на постапката за избор на обвинител за организиран криминал и корупција.
Дескоска вели дека постапките на СЈО продолжуваат како и да е, и дека дури и да не биде изрично наведено дека постапките продолжуваат – тие ќе продолжат согласно Законот за кривичната постапка.
„Тоа значи дека согласно она што беше истакнато во текот на јавната дебата, дава простор за градење на консензус, бидејќи една од забелешките којашто ја истакнува опозицијата е дека не сакаат да се дозволи постапките да продолжат. Ако нема изречна одредба дека продолжуваат, тогаш тие ќе продолжат согласно Законот за кривичната постапка. Но, нема простор за ставање на одредба дека одредени постапки ќе запрат“, рече Дескоска.
Несогласувања има и за членовите 108 и 109 од законот со кои обвинителството на Вилма Русковска ќе ги преземе надлежностите врз поранешното СЈО, а специјалните обвинители и понатаму ќе постапуваат по предмети предадени на јавното обвинителство, како и тоа дека Обвинителството за организиран криминал ќе се проширува со нови обвинители. Министерката вели дека треба да се зголеми бројот на обвинители во Обвинителството за организиран криминал, ако се има вистинска желба за градење на капацитетно обвинителство.
Видете и ова: Зошто е толку проблематичен законот за Јавно обвинителство?
ВМРО-ДПМНЕ - Ако намерите им се чесни можно е да се донесе законот
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека се оптимисти дека законот може да се донесе пред распуштањето на Парламентот, ако Дескоска, Зоран Заев и СДСМ се откажат од аболицијата на криминалот.
„Односно ако ги применат сите до една забелешки и од експертите, а многу порано ги нотираа и ВМРО-ДПМНЕ и правниот тим којшто учествуваше од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Мораме да бидеме свесни дека тие ќе направат сè за да донесат закон по нивна мерка, но доколку се имплементираат сите оние експертски мислења во однос на законот, веруваме дека може да се донесе многу побрзо од 10 дена тој закон, но пак знак прашалник е дали намерите на Заев и на Дескоска им се чесни и искрени“, рече на прес-конференција Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Во јавната расправа учествува претставници на правната фела, обвинители, адвокати, претставници на невладини организации. Дел од правните експерти посочија дека законот има недостатоци и дека треба да се доработи.
Експерти укажаа дека законот не може да се носи по скратена постапка и дека треба да се даде на разгледување на Венецијанската комисија, дека во законот не е имплементирана европската регулатива. Имаа забелешки дека предметите на СЈО не може да ги продолжи јавен обвинител во основно јавно обвинителство, туку обвинител од јавното обвинителство за организиран криминал и корупција.
Сè зависи од волјата на парламентарниот состав
Претседателот на Собранието, Талат Џафери изјави дека доколку до Парламентот биде доставен усогласен Предлог-закон за јавно обвинителство и по содржина и со договорено мнозинство, тој веднаш ќе биде ставен на собраниска седница.
„Сè зависи од волјата на парламентарниот состав“, вели Џафери.
Министерката Дескоска рече дека ќе продолжат да се убедуваат со сите пратеници и да бараат мнозинство.
„Кој има добра намера е добредојден, кој не, нема да дозволиме да го блокира процесот на носење на законот“, рече министерката за правда.
Премиерот Оливер Спасовски денеска изјави дека мора да се донесе законско решение кое нема да дозволи штитење на поединци, без разлика дали се сегашни или поранешни политичари.
„Јас и владата сме против какво било законско решение кое ќе оневозможи водење постапки против кого било, туку напротив сме за законско решение кое ќе овозможи правда за сите“, рече Спасовски.
Видете и ова: Дебата за Законот за ЈО за да се надмине „каменот на сопнување“ меѓу власта и опозицијата
На првиот ден од јавната дебата, пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, со голем транспарент побараа од државниот обвинител Љубомир Јовески да ги покаже писмата од поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева. Меѓу они пратеници кои го истакнаа транспарентот беше и пратеникот Антонијо Милошоски, кој е осомничен во истрагата „Моќник“ на СЈО. Тој учествува и во работната група за Законот за јавно обвинителство. Писмото кое го бараа, Јанева во септември минатата година му го прати на Јовески од притвор за да го ополномошти за предметите на СЈО. Јанева е второосомничена во случајот „Рекет“ за примање награда и злоупотреба на службена положба. Но, на вториот ден од дебатата Јовески, иако го носел писмото од Јанева, немаше можност да го покаже, оти не доби дозвола да се обрати во Собранието.
И власта и опозицијата се декларираат дека се за евроинтеграции и дека државата нема друг алтернатива од членството во ЕУ, но за законот за кој ЕУ апелира да се донесе, се „договараат“ од март минатата година. Претставниците на ЕУ изразуваат надежи дека законот ќе се донесе од овој парламентарен состав, кој треба да се распушти за десет дена.
И македонските власти и европските политичари велат дека законот не е услов за земјата да добие датум за почеток на преговори со ЕУ, но оти би било добро да се донесе.
Вицепремиерот за евроинтеграции, Бујар Османи вели дека треба да продолжат предметите на СЈО и оти тоа е црвената линија во постигнување компромис со опозицијата за законот.
Додека во Собранието се дебатираше за законот, амбасадорите на САД и на дел земји од ЕУ апелираа да се надминат партиските интереси и да се донесе законот.