Јанушев - ВМРО-ДПМНЕ ги немаше снимките за „Рекет“

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Јанушев - Имаме заеднички точки со партиите на Албанците

Како реакција на аферата „Рекет“, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека ниту еден начин на делување не се исклучува, меѓу кои и протести и блокади. Партијата ги немаше снимките додека не ги објави италијанскиот весник, вели генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Јанушев, аферата „Рекет“ е во полн ек. Најмногу избувна по објавувањето на снимките во електронското издание на италијанскиот весник „Ла верита“. Како ВМРО-ДПМНЕ ќе преземете ли некакви конкретни чекори од типот да поднесете гласање на доверба на Владата во Собранието?

ВМРО-ДПМНЕ во целиот овој изминат период предупредуваше, објавуваше низа на скандали и афери, криминали, коруптивни случаи, меѓутоа Владата гледаме дека останува слепа и глува на нашите барања. Од друга страна видовме дека пред повеќе од месец дека како Катица Јанева си поднесува оставка, меѓутоа продолжува во вршењето на својата функција. Знаете дека во овој период, особено во месец август дека Собранието е на одмор.

Од кога ќе се врати, дали имате таква идеја?

Ниту една идеја не е исклучена. Ниту еден начин на делување не е исклучен, нормално во рамките на демократското однесување и демократските принципи и вредности, меѓутоа буквално ниту еден начин на делување после сето ова што го видовме, начинот на кој што е злоупотребувано или можеби подобро кажано употребено СЈО, а де факто дека воопшто не се сомневаме дека биле способни самите тоа да го и организираат и исценираат, меѓутоа и извршат без притоа да бидат вклучени највисоките ешалони на власта, што всушност и го видовме во дел од снимените материјали.

Што подразбирате под „ниеден начин на делување не е исклучен“?

Ниеден начин на делување, мислам на демонстрации, протести, протестни маршови, можеби блокирање на улици, блокирање на Парламентот, блокирање на институциите, значи буквално секој оној демократски начин на делување во моментов не се исклучува. Секако дека највисоките тела и органи на партијата, тука пред сè мислам на извршниот и на централниот комитет во следниот период ќе заседаваат и ќе одлучиме кој е најдобриот начин на делување за конечно симнување што е можно побрзо на оваа криминално-рекетарска влада.

Имате ли контакти со новинарот на италијанскиот весник Ларис Гајсер кој ги објавува снимките за „Рекет“?

Не, немаме контакти, меѓутоа и воопшто не разбирам зошто е и битно тоа прашање кое многу во изминатиов период се покрена во јасноста, бидејќи на некој начин се обидуваме да се правиме глуви при уши и слепи при очи, бидејќи видовме, гледаме, има најава и за дополнително објавување на снимки. Се надевам дека ќе имаме прилика да видиме точно за што станува збор.

Во моментот воопшто не е битно кој со кого комуницирал, кој на кого ги дал, од каде се снимките и слично, меѓутоа ќе потврдам уште еднаш лично – не, немаме контакт.

Ги имавте ли снимките, вие како партија, пред да ги објави весникот?

Не, не, не. Значи не станува апсолутно збор. Веројатно алудирате на она што можеби се случуваше пред неколку години, меѓутоа апсолутно не.

Има ли ВМРО-ДПМНЕ сега заеднички точки со Беса врз кои би можеле да создадат идна влада?

Секако дека имаме и не само со Беса, со сите политички чинители од албанскиот блок, со некои повеќе, со некои помалку, меѓутоа она што е битно и во кое се согласуваме во голем дел од нив е дека владеењето на правото и почнување на градење на систем каде што ќе владее правната држава е еден од принципите, основите од каде што би почнале. Меѓутоа исто така еден од врвните приоритети е економијата и финансиите, бидејќи ова што го имаме во моментов е една девастирана држава во однос на тоа поле.

Новинарите кои пишуваат за скандалозните криминали на Заев и картелот околу него не се суетни, туку се гласот на граѓаните и не смеат да подлегнат на притисоци и закани на аболицираниот криминалец, порачуваат од партијата, ова е ваше соопштение. А претходно вашиот лидер Мицкоски пишуваше за цитирам: „Бардовите наши новинарски кои беседеа со властодршците“, споменувајќи и мети, плати, заработки. Не е ова некаков вид притисок врз новинарите?

Притисок единствено може да се прави кога си од страна на власта. Со што може опозицијата да направи притисок? Со тоа што ќе критикува некого?

Не, туку да го покаже својот однос кон новинарите и кон медиумите.

Мислам дека во овој период, барем во овој период од речиси две години откога претседателот Мицкоски е избран на чело на ВМРО-ДПМНЕ и целокупното раководство коешто дојдовме со него однос на новинарите, во однос на медиумите, со нашиот однос, со нашите настапи, мислам дека со пример доволно сме покажале каков е всушност нашиот однос во однос на оваа фела. Она што имавме прилика да го видиме од изјавата на Заев едноставно не знам дали воопшто вреди да се коментира, бидејќи покрај пуштањето или обидот за пуштање низ вода на Катица Јанева со тоа што коментираше дека нејзината изјава е идиотска, нападот со зборовите „суетен новинар“, и она што дополнително го кажа, мислам дека е навистина можеби и надвор од памет и тотално е изгубено тлото под нозете, мислам дека воопшто не знаат повеќе во која насока треба да се постават и како да продолжат понатаму. И токму затоа сметам дека предвремените избори се единствениот излез од оваа ситуација во која се наоѓа Република Македонија и граѓаните.

И уште ова поврзано со изјавата на Заев. Дел од ЛГБТИ заедницата ја доживеа реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ дволично, поради тоа што вашиот почесен претседател од позиција на премиер велеше дека таа заедница има искривоколчени вредности, а ВМРО-ДПМНЕ не го поддржа законот со кој се зголемуваа дел од нивните права и практично вие како партија имате став дека не ги поддржувате зголемувањата на правата и барањата на ЛГБТИ заедницата. Значи ли ова дека партијата го смени ставот и дава поддршка кон барањата на таа заедница?

ВМРО-ДПМНЕ е демохристијанска партија со десничарска определба. Како такви сме примени и сме член на ЕПП. И тоа се тие традиционални вредности коишто ги негува и ќе ги негува во иднина. Имаше многу реакции, дел се точно од членови или поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ, дел се од луѓе кои немаат буквално никаква врска со ВМРО-ДПМНЕ. Без разлика дали поддржувате или не поддржувате, без разлика дали имате одредени ставови или не, без разлика кон која било популација, група и слично, едноставно не можете да си дозволите, особено од позиција која што ја има во моментов Заев, да коментирате на начин на кој тој да даде изјавата.

Во однос на тоа како ние во иднина ќе постапуваме, дали и каква борба ќе водиме, дали ќе придонесеме или не во однос на заштита, зголемување и слично на одредени права на одредени групи во општеството е начин на којшто сме делувале и ќе делуваме. Меѓутоа односот, начинот на комуникација треба секогаш да биде темелен на одредена почит и разбирање меѓу сите, бидејќи на крај на ден Заев е тој кој промовираше и еден од главните слогани со кој успеа да ја зграби апсолутната власт во Република Македонија е „едно општество за сите“. Од она што го видовме пред некој ден, ова е општество само за него и за тие околу него, за криминално-рекетарскиот октопод што го води.