„Јавна соба“ активна, МВР истражува, а обвинителство се занимава со ланската група

Логото на апликацијата Телеграм.

Од МВР велат дека работат на расчистување на случајот со повторното активирање на групата „Јавна соба“ каде се објавуваат експлицитни фотографии. Случајот од пред 1 година се уште е во предистрага, што според упатените, предолго трае и затоа таквите групи ќе ги има и во иднина.

Со иста име и цел групата „Јавна соба“ повторно е активна на социјалната мрежа Телеграм по една година од нејзиното откривање во јавноста, а МВР повторно презема мерки за расчистување на случајот. Обвинителство пак се уште се бави со предистрага за минатогодишната група. Над 5 илјади членови сега брои групата и во неа, како и во минатото се споделуваат експлицитни фотографии. Нејзиното повторното активирање во полиција наводно го пријавила девојка, чија фотографија се нашла во „Јавната соба“.

„Секторот за комјутерски криминал и дигитална форензика при МВР презема мерки за расчистување на случајот. Го повикуваме секој граѓанин што е жртва на ваква злоупотреба да пријави во најблиската полициска станица, а МВР во координација со обвинителството презема соодветни мерки“, велат од МВР.

Телеграм не соработува?

Членовите на групата ја бараат девојката која ги пријавила, што наиде на револт на социјалните мрежи каде граѓаните побараа полицијата да се активира и да ја блокира групата. Воедно граѓани повикаа и на одговорност за креаторот и за членовите кои споделуваат податоци од девојки.

Видете и ова: Семејното насилство ретко се пријавува, а уште поретко оди на суд

„Ќе продолжиме и со интензивните напори да се оствари и директна комуникација со платформата Телеграм која до сега демонстрира целосна затвореност за соработка со владите на државите од која било земја. Се разбира ги користиме сите други активности кои ни се на располагање за расчистување на овој случај“, додаваат од МВР.

Се уште се работи на стариот случај

Во јануари, минатата година МВР го идентификуваше сопственикот на тогашната група „Јавна соба“ и еден од администраторите на групата. Од Јавното обвинителство велат дека за случајот се води предистражна постапка.

„Во предметот за кој покажувате интерес се преземаат дејствија во рамките на предистражната постапка, односно се врши детална форензичка анализа на извадените податоци од запленетите мобилни телефони со цел да се обезбедат докази за евентуално сторено кривично дело“, велат од ЈОРМ за РСЕ.

Во однос на сегашната група, од обвинителството додаваат дека ќе постапуваат по случајот доколку е направено кривично дело.

„Што се однесува до новата група со слична содржина, Јавното обвинителство ги следи информациите и ќе постапи доколку бидат утврдени елементи на кривично дело“, посочуваат од ЈОРМ.

Поранешниот претседател на Врховниот суд, Дане Илиев вели дека предолго трае предистражната постапка кога се идентификувани сторителите и затоа сега повторно се активираат такви групи.

Видете и ова: Кога нема западна вакцина, добра е и кинеската

„Апослутно плодна почва за формирање вакви групи уште поширока ќе се јави затоа што изостануваат неопходните мерки за санкционирање на таквите лица кои отвараат такви групи. Треба ова да биде приоритет, бидејќи се работи за социјални мрежи кои се масовно посетени. Последиците се несогледливи затоа треба предистрагите да бидат реални, брзи и да се преземе санкционирање спрема таквите лица. Се одлагаат работиве и се ставаат во фиоки“, смета Илиев.

Тој додава дека не гледа причина за таквите случаи да се одолговлекуваат. Инаку, Кривичниот закон предвидува високи затворски казни за делата кои се однесуваат на производство и дистрибуција на детска порнографија. Казните се движат од пет до осум години.