Изминативе недели, во македонската јавност се појавија неколку предлози или идеи како да се реши проблемот со Република Бугарија. Последната рунда на нудење идеи се совпадна со одржувањето на последната средба на Комисијата за историски и образовни прашања. Разбирлив е моментот на пласирање на идеите, бидејќи одржувањето на средбите на Комисијата се одличен момент доколку некој сака добронамерно да пласира одредена своја идеја, или, пак, доколку некој сака да влијае на процесот за да се надмине спорот, се разбира, oд различни побуди. Без намера да навлегуваме во мотивите, но и идеите (за некои сметаме дека се добри, за некои, пак, сметаме дека се нејасни и/или селективни, а некои, пак, немаат основа во современата историска наука), oна на што сакаме да се фокусираме во оваа колумна и со тоа да пратиме порака до јавноста во Македонија и Бугарија е начинот како некои мислат дека треба да се надмине овој спор и како ние сметаме дека овој вид на спорови може да се надмине.
Видете и ова: Македонско-бугарската комисија уште во средновековието, напредок немаРечиси на сите кои го следат овој процес им е јасно дека станува збор за проблем кој произлегува од различното толкување на минатото, за етничкиот идентитет на Македонците, како и за правата на етничките Македонци во Бугарија. Оттука, она што ги обединува сите предлози и идеи е фокусот на историјата, поточно нејзиното толкување, доминантните наративи и политиките на сеќавање. Тоа е разбирливо, со оглед на силното симболично значење на историјата во спорот кој Македонија и Бугарија го водат со децении.
Притоа, се нудат идеи што и како треба политичките институции да направат за да се реши спорот. Во некои од нив се предлага политички институции да нотираат, да изјавуваат или да утврдуваат одредени погледи за минатото. Се разбира, тоа може да го направи секоја Влада, само доколку сака да влезе во авторитарни води и да наметнува што е историска вистина, а што е фалсификат. Токму овие разбирања и овие поделби на “историски вистини“ наспроти фалсификати го храни овој историографско-политички спор помеѓу двете држави. Токму овие погледи служат на одредени политичари во Бугарија, но и во Македонија да манипулираат со граѓаните и граѓанките и да стигматизираат/определуваат/одредуваат кој е предавник на нацијата.
Се разбира, како и секогаш, споменатите предлози предизвикаа дебата, но и навреди и етикетирање по социјалните мрежи. Македонското општество е очигледно силно поделено општество, а историјата е омилена тема за поделба. Некои од предлозите предизвикаа излив на историзирачки тези кои треба да легитимираат одредена политика, а помалку имаат цел да го објаснат минатото и неговото значење за нас денес. Тоа е така, бидејќи историјата кај нас има силна симболичка моќ да мобилизира луѓе за одредени политички и националистички цели кои цврсто не држат на дното во Европа. Треба да се каже, дека тоа што често го слушаме во јавноста не е историја која се заснова на методологија и научни принципи. Во неа има повеќе политичка митологија, отколку професионални анализи кои треба, пред се, да ни помогнат да го разбереме минатото, а не да го користиме за да се расправаме со соседите. Македонските историчари постојано ги држат националните аспекти на „македонското прашање“ највисоко на својата агенда со што се одржува историографската битка со соседите, поточно меѓусебно се хранат со нивните контрапунктови во соседството.
Видете и ова: Ниту чекор напред по средбата на македонско-бугарската комисијаИстовремено, негирањата од страна на некои историчари од соседните држави ја држат заробена македонската историографија да се занимава, пред се, со ова прашање и никогаш да не излезе од „војната“ во докажување на „историски вистини“ со своите колеги од соседството. И после децении повторување на истите тези, некогаш во марксистички, а сега во демократски амбиент, „војната“, т.е. докажувањето сѐ уште трае.
Уште еден проблем е нераскинливата врска помеѓу историчарите и политичарите. Често велат, историјата да се остави на историчарите, мислејќи на тоа дека политичарите се тие кои ја политизираат историјата. Всушност, за жал, поголемо политизирање на историјата доаѓа од самите историчари.
Историските политички митови се напишани од историчари, а не од политичари. Исто така, политичарите не би можеле да влезат во улогата на историчари и да го толкуваат минатото, доколку ја немаат подршката на историчарите. Без нив и нивните тези, тие не би можеле да добијат легитимитет.
Токму овие погледи и состојби создаваат претстави за „историски неправди“, за „историски вистини“, поим кој припаѓа на XIX век, кога се мислело дека историјата може да постигне егзактност како што тоа го прават некои природни науки. Денес зборуваме за истории, за историски претстави, а „историските вистини“ се поскоро речник на личности со авторитарни ставови или пак на оние кои немаат доволни познавања за историјата, а често сакаат жестоко да дебатираат за неа.
Во јавниот дискурс често слушаме дека историјата треба да биде коректно или адекватно толкувана. Навидум, овие поими звучат примамливо за оние кои посакуваат спорот да се надмине. Сепак, тие можат да значат различно нешто во зависност од тоа кој ги употребува, поточно можат да бидат маска за наметнување на одредени погледи за минатото. Ова размислување е особено проблематично во услови како нашите каде има силно политичко вмешување во толкувањето на минатото. Дали тоа значи, ако некој толкува поинаку, поточно „некоректно“ или „неадекватно“ ќе биде посочуван како политички неподобен, како непријател на народот или на „добрососедството“? На овој начин, „коректноста“ е врата која води кон отворено политизирање на историјата, а не нејзина професионализација и деполитизација. Историјата е дебата преку која таа се развива и ни помага подобро да ја разбереме денешницата. Ако нема дебата тогаш нема ниту наука, а историјата ќе прерасне во догма.
Видете и ова: Искричења пред средбата на историчаритеИсто така, сакаме да спомнеме дека и постојаните обвинувања и искажувања невистини кон македонските членови на Комисијата и пречат на нејзината работа. Уште поважно тие пречат на постигнувањето на заедничката цел која произлегува од Договорот, а тоа е градење на добрососедство и пријателство. Која е целта постојано, без аргументи да го обвинувате за политизирање својот соговорник со кого заедно сте влегле во процес да градите добрососедство и пријателство. Ако не постои разбирање и емпатија за мислењата и погледите на другиот, тогаш воопшто не треба да започнувате разговори со него за прашања кои пречат во односите помеѓу двете држави. Како да се постигне пријателство ако не го уважувате соговорникот и соседот. Овие обвинувања единствено имаат смисла, ако нивната цел е домашната публика. На крајот, кој и да е мотивот, постапката е спротивна на заедничката цел - градење на добрососедство и пријателство.
Ако искрено сакаме добри односи, пријателство и заедничка иднина во Европската унија, има начин да се направи тоа. Меѓутоа, што е потребно да содржат препораките на Комисијата за да се постигне оваа цел? Прво и многу важно, за идентитетите не се носат политички резолуции и ставови, ниту пак се инсистира други народи да прифатат туѓи етнонационални историски наративи и погледи за себе. Идентитетите се почитуваат. Толку!
Она што се анализира се елементите во наративите кои предизвикуваат антагонизам и кои поттикнуваат предрасуди за Другиот. Во однос на улогата на политиката и идентитетите, сметаме дека политичките институции не треба да нотираат, толкуваат или да одредуваат што е доминантно толкување или што е коректно и адекватно толкување на минатото. Тоа не треба да биде нивна работа, освен ако не решиле – да повториме – да запливаат во авторитарните води. Второ, препораките кои Комисијата цели да ги постигне треба да бидат одржливи, а не да поттикнат нов спор, кој, пак, во иднина може да биде уште потежок и поемотивен од овој со кој сега се соочуваме. Доколку е целта да се постигне привиден успех, колку за да се излезе пред јавноста и двете или пак само едната страна да прогласи победа, тогаш може да се очекува нов и посилен спор помеѓу двете држави и народи.
Во тој контекст, поимите како коректно или адекватно толкување, „историски вистини“ треба да бидат изоставени. Во однос на историјата и Комисијата, членовите на Комисијата мора да понудат насоки со кои ќе се одземе моќта, поточно политичкиот капитал на историјата да мобилизира и манипулира луѓе за политички цели.
Видете и ова: Захариева: Ако ги препознаат корените на нивната нација и јазик, ова ќе завршиНаметнувањето еднозначно решение кое ќе биде промовирано како победа на „историската вистина“ или како адекватно толкување со сигурност нема да ја деполитизира историјата и да го надмине спорот. Уште поважно, Комисијата не може да биде тело кое ќе одредува „историски вистини“ или ќе кажува што е коректно и адекватно толкување на минатото, а што не е. Со овие пристапи не се измислува ништо ново, тие веќе биле или се применуваат во други спорови кои произлегуваат од различното и конфликтно толкување на минатото. Се друго не е искрен и добрососедски пристап и нема да доведе до целта, а тоа се добрососедски односи и пријателство помеѓу македонскиот и бугарскиот народ.
Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.