Жестоки критики од хонорарците по најавените даночни измени со кои ќе треба да плаќаат и придонеси за пензиско и здравствено осигурување. Велат дека владата сака да го полни буџетот со пари од оние кои едвај врзуваат крај со крај, други потсетуваат дека и владата на Никола Груевски во 2015 година се обиде да воведе слично решение, но по протестите се откажа. Прашуваат зошто ако тогаш не било добро решение, сега би било, а трети посочуваат на бројни нејаснотии и прашуваат што ќе добијат тие од државата за тие пари што ќе им ги земе.
Видете и ова: Зголемените даноци ќе ги дотепаат фирмите што едвај ја преживеаја ковид-кризатаАктерката Даниела Иваноска од Прилепскиот театар вели дека воведувањето придонеси за хонорарците е лоша идеја и потсетува дека во 2015 година и владата на Никола Груевски имаше сличен обид, но под притисок на јавноста и по протестите на хонорарците, тој предлог беше повлечен.
„Не ја гледам поентата зошто повторно се пука со нешто што нема да се покаже добро за творците, за уметниците“, вели таа.
Издавачот Никола Гелевски вели дека плаќањето на илјадници чиновници кои не работат ништо паѓаат на грбот на оние кои едвај врзуваат крај со крај.
„Клучно е државната каса да се полни со даноци од најбогатите луѓе. Тој товар не треба да паѓа врз слабите, сиромашните, врз тие кои едвај врзуваат крај со крај, а голем дел од хонорарците се такви. Скандалозно е тоа, просто. Сево ова делува како привремено решение, палијативно. Краткорочни мерки во голема нужда, бидејќи зимава ќе биде тешка за сите. Не делува како системско, долгорочно решение, а пред сè не делува како праведно и фер решение“, вели Гелевски.
Министерот за финансии Фатмир Бесими најави даночни реформи од Јануари 2023 та со кои се укинуваат низа даночни ослободувања со кои државата треба да прибере дополнителни 54 милиони евра од граѓаните и стопанството.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Меѓу предложените мерки се и плаќање данок од 10 отсто на каматите од штедните влогови, како и плаќање придонеси за пензиско и здравствено осигурување за ангажираните со договор на дело и за хонорарците.
Тука се и најголемите нејаснотии. Луѓе хонорарно работат на некој проект цела година, но се случува парите да им ги исплатат одеднаш. Прашуваат дали ако од проектот заработиле 5000 евра и со тие пари живеат цела година, ќе им се впише 12 месеци стаж или ќе им се смета како една голема плата од 5000 евра за која ќе добијат еден месец пензиско и здравствено.
Министерот за финансии Фатмир Бесими, на брифинг со новинарите пред неколку дена рече дека и за него е нејасно дали придонеси на хонорарите ќе треба да плаќаат и оние кои веќе се вработени, а повремено сработуваат нешто и за хонорар.
„Тоа е дилема и за мене. И јас си ги поставувам овие прашања како и вие. Затоа, Министерството за финансии не излезе со конкретен предлог и очекуваме тој да излезе од широката дискусија“ рече Бесими.
Музичарот Петар Младеновски вели дека има многу нејаснотии на кој начин би се плаќале придонесите за хонорарците и што ќе добијат тие за возврат.
„Дали ќе се плаќаат придонеси на секој износ на договор на дело, дали тоа вклучува придонеси за одреден уметник за еден настан што ќе го реализира па тоа би траело еден-два месеци? Дали тие придонеси би траеле на годишно ниво? Многу небулози, многу нејаснотии. Лесно е само да се каже дека ќе се оди на дополнително оданочување коишто би покрило дупки во буџетот“, вели популарниот Пеце Суперхикс.
Тој повикува на внимателност за да не се удри по џебот на музичарите кои едвај ја преживеаја пандемијата поради откажувањето на настапите. Младеновски потсетува дека сличен обид имаше поранешната власт во 2015 година.
„Знаеме сите и се сеќаваме какви протести имаше, посебно од оние коишто се дел од независната сцена коишто живеат од оние хонорари коишто повремено ги заработуваат. Знаеме какви беа реакциите, па власта се повлече. Мене и ова малку ми мириса на истата ситуација“, вели тој.
Од друга страна, музичарот Трајко Симоновски, кој е и претседател на Здружението за заштита и унапредување на правата на музичарите „Музика сега“, вели дека тие со месеци бараат решавање на статусот на музичарите, но немаат информации за овој конкретен предлог.
Симоновски вели дека барале донесување на Закон за музичка дејност со кој ќе се регулираат обврските на музичарите кон држава, но и на државата кон нив. Не можам да кажам дали ова решение е добро или лошо затоа што не сме ги виделе деталите, вели Симоновски.
„Тоа што ние го побаравме беше, по примерот на веќе постојната категорија индивидуални земјоделци, ние самите да можеме, во финансиската рамка којашто е реална според пазарот, да си плаќаме придонеси, социјално, здравствено и пензиско, без притоа да има потреба од отворање на фирми, трговци поединци, коишто се сериозен удар затоа што пазарот едноставно не дозволува толкав одлив на средства. Ова што сега го слушаме е ново за нас, не ги знаеме деталите, не можеме категорично да кажеме дали е тоа добро или лошо и што ќе значи за нас, зашто за деталите допрва ќе се разговара“, вели Симоновски.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Претходната влада во 2014 година исто така имаше план да воведе плаќање придонеси за хонорарите. Тоа предизвика жестоки протести, па на почетокот на 2015 година, владата се повлече од предлогот.