Што следува во војната во Украина, по Херсон?

Локалните жители слават по повлекувањето на Русија од Херсон, во центарот на Херсон, Украина, 13 ноември 2022

Повлекувањето на Русија од југоисточниот украински град Херсон означува уште една победа за Киев,бидејќи линиите на фронтот на бојното поле продолжуваат да се прецртуваат. Но, како што борбите се префрлаат во нова фаза во пресрет на претстојната зима, што е следно во војната што почне пред 9 месеци?

Откако руските сили се повлекоа од Херсон, сега копаат на источниот брег на реката Днепар, спроти Херсон, каде што моментално поставуваат одбрана за која воените аналитичари велат дека може да го попречи украинскиот напредок.
Ширината на реката и дополнителната штета на Антониевскиот мост, што ги поврзува двата брега, го прават овој маневар поризичен за Украинците од гонењето на руските трупи.

Видете и ова: Мерки за стабилизација во Херсон, САД оценува дека ослободувањето е извонредна победа

„Ова повлекување на (руските) војници (од Херсон) беше однапред подготвено. Знаеме дека започна порано отколку што беше најавено од Кремљ“, изјави Роман Костенко, полковник на Службата за безбедност на Украина (СБУ), главната разузнавачка агенција во Киев за Курент тајм, мрежа на руски јазик предводена од РСЕ во соработка со Гласот на Америка.

„Од воена перспектива, тие компетентно се повлекоа покривајќи го нивното повлекување и оставајќи големи минирани области како препрека за украински сили“, вели тој.

Во меѓувреме, борбите продолжуваат да се водат во источниот регион Донбас, при што украинските сили ги одбиваат повторените обиди за притисок од руските сили за преземање градови како Бахмут и Павливка, со растечки загуби на секоја страна.

Костенко, кој е и пратеник во украинскиот парламент, беше дел од неодамнешните воени напори за повторно заземање на градот Снихуривка во украинскиот регион Миколаив, приближно 50 километри североисточно од градот Херсон. Тој вели дека, како што Русија се повлекува, таа ќе продолжи да ги преместува трупите на север за да ги зајакне позициите во регионот Запорожје кон градот Мелитопол и пошироко.

Уништувањата во ослободениот Херсон


Со почетокот на зимата, што ќе донесе нови логистички потешкотии за преместување на војниците и опремата неопходна за друга офанзива, аналитичарите и дипломатите ја зголемија можноста за забавување на борбите бидејќи и двете војски се обидуваат да се прегрупираат.

Некои западни лидери, особено началникот на Здружениот Генералштаб на САД, генерал Марк Мили, исто така ја отвори можноста за нови преговори меѓу Киев и Москва, при што Мили рече дека зимата претставува „прозорец на можности“ за страните да започнат разговори.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Жителите на Херсон го прославуваа ослободувањето

Сепак, украинските власти се категорични дека застојот или забавувањето само ќе ѝ овозможи на Москва да ги зацементира своите придобивки и да ги ескалира борбите по нејзини услови. Тие укажуваат на тоа што го рече генералот Сергеј Суровикин, командантот на руските сили во Украина, дека повлекувањето од Херсон ќе ослободи војници да се борат на друго место. Како што се подготвуваше повлекувањето, Москва испрати нови единици на мобилизирани војници да се борат во Сватове и други области во источна Украина, во обид таму да постигнат придобивки.

„Единствениот начин на кој Суровикин може реално да му ја продаде идејата за повлекувањето од Херсон, на (рускиот претседател Владимир) Путин беше ветувањето за сигурен успех на исток“, напиша Андриј Загородњук, поранешен министер за одбрана на Украина, кој сега е соработник на Атлантскиот совет, тинк-тенк со седиште во Вашингтон.

Видете и ова: „Празните закани“ на Кремљ го парализираа Западот?

„Затоа, Украина мора да се подготви за голема ескалација во регионот на Донбас во следните недели“, вели тој.

Ограничувања во руските редови

По претходниот воен неуспех и повлекувањето на руските трупи во Харкив во септември, Кремљ започна акција за мобилизирање на мажи за војната во Украина. Но, новите регрути досега не можеа да го променат моментумот на бојното поле, со сè погласните извештаи за нискиот морал и слабо опремените и обучени војници кои беа распоредени на фронтот.

„Курент Тајм“ разговараше со десетици роднини на мобилизирани регрути кои се испратени на фронтот во Сватове, во украинскиот регион Луганск, каде што нивните единици претрпеа големи загуби. Според членовите на нивните семејства, регрутите велат дека се соочуваат со тешки услови и недоволно оружје и муниција. Некои дури одбија да продолжат да се борат и во моментов се затворени поради непочитување на наредби за време на војна.

„Мојот брат стапи во контакт и рече дека се во подрум во Зајцеве (во источна Украина)“, рече Екатерина Белова за нејзиниот брат Алексеј Арсјутин кој работел како менаџер во компанијата за брза храна КФЦ во предградието од Москва пред да ја добие поканата на 25 септември, а потоа и распореден во Сватове.

„[Алексеј] рече дека имало 250 други луѓе таму кога бил приведен“, вели таа.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

„Путин ќе остане сам во неговиот бункер“: Московјаните за војната во Украина

Една жена која сакаше да биде идентификувана по нејзиното име и нејзиното татково име, Ала Петровна, вели дека добила телефонски повик од нејзиниот син, кој исто така рекол дека бил приведен со други затоа што одбил да се бори и дека зградата во која биле сместени „не била удобна“. Тој исто така рекол дека многу мажи биле под притисок да потпишат документи со кои признаваат дека одбивале наредби од нивните команданти, што е кривично дело.

Анастасија Дутова, чиј сопруг беше регрутиран од руската област Курск и испратен на линијата на фронтот во Луганск, се обидува да лобира кај локалното воено обвинителство, заедно со другите сопруги на неодамна мобилизираните мажи од областа. Единицата на нивните сопрузи беше под тешки напади во источна Украина и војниците често им се жалеле на своите сопруги за лошата стратегија и водство од нивните високи офицери. Таа вели дека напишале колективна жалба и од канцеларијата им било кажано дека ќе биде испратен конвој за да ги врати, но нејзиниот сопруг сè уште е во близина на фронтот и ѝ рекол дека не гледа знаци дека некој ќе дојде.

„Многумина се ранети, а многумина веќе починаа. Некои само беа оставени да искрварат“, рече Дутова.

Видете и ова: Руски регрути се враќаат во мртовечки вреќи, мобилизацијата завршува?

„Другите се разболуваат од студот, а некои е можно да имаат пневмонија“.

Што е следно?

Аналитичарите внимателно ќе ги набљудуваат борбите во наредните недели и ќе ги следат следните потези на Киев и Москва додека се формираат новите борбени линии.

Мали на 10 ноември, за време на настан во Економскиот клуб во Њујорк, рече дека Русија и Украина претрпеле повеќе од 100.000 жртви, мртви и ранети, од инвазијата на Кремљ на Украина на 24 февруари.

Во услови на зголемени жртви и повлекување на Русија, некои аналитичари велат дека гледаат зголемена подготвеност од Москва да се вклучи во разговори со Украина за иднината на војната.

Некои официјални лица од американската администрацијата, како Мили, исто така се заложија во текот на зимата фокусот да биде на дипломатијата. Сепак, ова, наводно, е малцинска позиција, оти американскиот државен секретар Антони Блинкен и советникот за национална безбедност Џејк Саливан велат дека нема да вршат притисок врз Киев.

„Тоа зависи од Украинците. Ништо за Украина без Украина“, рече американскиот претседател Бајден на прес-конференција на 9 ноември на прашањето за потенцијалот за разговори.

Поширока загриженост има за тоа колку разговорите може да бидат плодни, ако Кремљ се држи до својот став дека Киев мора да прифати дека Русија анектираше дел од територијата на Украина и дали Москва само ќе го искористи прекинот на огнот како можност за обнова на своите сили за да започне нов напад врз Украина. Украинските власти, исто така, сигнализираа дека имаат намера да продолжат да се борат и да преземаат територии по серијата придобивки на бојното поле во последните месеци.

„Војната нема да престане претстојната зима“, напиша Мик Рајан, неодамна пензиониран генерал-мајор на австралиската армија и коментатор на војната во Украина, во неодамнешната статија за австралиската ABC.

„Но, ќе се бори со различно темпо... и им дава можност на политичките и воените лидери да планираат за она што веројатно ќе биде брутална и крвава година пред нас“, вели тој.