Што е ветено, а што остварено една година по изборот на нови градоначалници?

Локални избори во Северна Македонија.

Од локалните избори помина точно една година. Едни го нудеа најдоброто за секоја општина, други се залагаа за промени, проекти и победи, трети имаа зелена, еколошка визија. Што е ветено, а што остварено? И што мислат граѓаните? Колку кризата ќе скрати од буџетите за нови проекти?

Бетонизацијата, чекањето по шалтери во општините, нехигиената, сообраќајниот хаос и недостигот од повеќе паркови и велосипедски патеки и натаму се главните проблеми кои ги посочуваат граѓаните во своите општини.

Од локалните избори помина точно една година. Едни го нудеа најдоброто за секоја општина, други се залагаа за промени, проекти и победи, трети пак имаа зелена, еколошка визија.

Сепак, многу од ветувањата засега се уште се само на хартија.

Андреа која повеќе од 20 години живее во скопската општина Центар вели дека најмногу и пречи намаленото зеленило на сметка на урбанизацијата.

„Во последниве осум години толку многу административни згради се кренаа поради што еден од парковите дури се сруши за да се изгради зграда, што мислам дека е многу жално. На пример јас кога бев дете имаше многу повеќе паркови за да си играме, а сега децата едноставно нема каде да играат“, вели Андреа.

Бетонизацијата во центарот на градот Скопје и пречи и на Смиља Петковска, жителка на Центар.

„Направија секаде згради и таму каде што треба да има паркови за седење и играње за децата“, вели таа.

Голем дел од центарци се жалат и на нехигиената, а очекуваат и решенија за паркинг просторот во општината.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Една година од локалните избори - Што е сменето?

„Треба повеќе внимание да се обрне на инфратруктурата и хигиената, бидејќи и самите луѓе не обрнуваат внимание каде фрлаат, но треба и градоначалниците да излезат надвор“, вели Виолета Божиновска.

„Туристка се сопна од плочките и падна, толку се искршени и нерамни, мене ми беше срам. Иначе гледам дрвјата ги средуваат, а најважна забелешка ми е за кучињата, сметам дека треба да има посебни паркови за кучиња“, раскажува Јулија Негриевска.

На околу околу три километри од Центар е општината Гази Баба.

Според пописот од 2002 општината брои 72.222 жители, и со тоа е една од поголемите општини по населеност во земјата.

Речиси истите проблеми како во Центар ги мачат и жителите на Гази Баба кои забележуваат на локалните патишта, но се жалат и на бавната општинска администрација и покрај тоа што дигитализацијата беше едно од главните ветувања.

„Во општина ако одите тешко ќе завршите работа, треба да имате некој пријател за да завршите работа и да одите и по неколку пати“, вели пензионерот Никола Марковски.

„За локални патишта секоја општина е надлежна за сите населени места каде има жители и општината треба да ги поправи, а буџетот да се распределува рамномерно“, вели Панчо Трајковски.

„Има паркови, зеленило, но имам забележано дека нема доволно корпи за отпадоци, додека шетам и паркот околу студентскиот дом треба да се среди паркот“, вели студентката Сандра.

Видете и ова: Отчет на терен: вода за пиење нема, асфалт селективно

Има и задоволни граѓани.

„Убава општина, чисто е средено, не би сакал ништо да се смени, јас сум во населба Железара, сега за сега немам замерка“, вели еден од жителите.

Што ветуваа, а што остварија градоначалниците?

Градоначалниците кои победија на ланските локални избори сето ова веќе го ветија. Избравме двајца во две различни скопски општини Центар и Гази Баба, кои имаа и конкретни рокови за своите проекти.

Подобрувањето на хигиената во општината, повеќе градинки, паркови и игралишта, а помалку згради и бетон беше предизборното ветување на градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски.

Изградба на четири детски градинки, изградба на фекалната мрежа со мали пречистителни станици со отпадни води како и изградба на катна гаража во Автокоманда и Ченто меѓудругото беше дел од предизборната програма со која настапи градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски.

Ги прашавме и градоначалникот на Центар и на Гази Баба кој е најважниот проект кој што го реализирале во изминатава година откога стапија на функцијата градоначалник.

Видете и ова: Цело Скопје бетонизирано, не останаа тревници да ја впиваат водата


Горан Герасимовски, првиот човек на општина Центар како капитален проект во изминатава година посочува дека започнала изградбата на детска градинка во населбата Пролет, која што за година и половина треба да биде завршена, а вели дека недостигот на паркинг ќе го решава со нова катна гаража.

„Детектирани ни се повеќе населби кои имаат проблем со паркингот, Дебар Маало, Буњаковец и Капиштец. Во завршна фаза е јавната набавка за нов паркинг во населбата Капиштец со капацитет од 280 возила и со истиот планираме да го решиме проблемот во Капиштец. Ова се дел од капиталните проекти. Паралелно реконструираме улици, ветивме 14, за жал 2 нема да можеме затоа што пропадна набавката, моравме да го раскинеме договорот со фирмата“, вели Герасимовски.

За подобрувањето на хигиената, што е еден од главните проблеми кои го посочуваат жителите на Центар пак, градоначалникот вели дека се набавени нови возила, цистерна за чистење на улиците, а зголемен бил и бројот на хигиеничари.

Иако за септември годинава беше најавено прошрувањето на капацитетите на ОУ „Коле Неделковски“, сепак тоа се одложува за наредната година поради проблеми во јавните набавки.

Општина Центар е единствената од скопските општини која што доби нов градоначалник од редовите на владејачката партија СДСМ.

Видете и ова: Повеќе пари за општините од даноци, но и поголема одговорност за трошењето

Останатите општини во најголем дел ги доби ВМРО-ДПМНЕ.

Меѓу нив е и градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски.

Стефковски вели дека изминатава година општината била фокусирана на подобрување на комуналната инфраструктура. Се пофали и со изградба на седум спортски терени.

„Инвестиравме во изградба на нови фекални канализациони системи во населеното место Гоце Делчев, Црешево, Смилковци, започнуваме и во Трубарево и со таа динамика ќе продолжиме и следната година, вкупно изградивме канализациона мрежа 9 170м а оваа една година, друго што сакам да потенцирам е подобрување на патната инфраструктура. За една година асфалтиравме над 30 локални улици“, вели градоначалникот Стефковски.

Што ќе се работи во следната година?

Но огромните сметки за струја и поскапувањата дефинитивно ги променија плановите на сите градоначалници. Наместо спортски игралишта или нови паркови, сега мора да мислат како ќе ги платат високите сметки на училиштата, или како да опстанат комуналните претпријатија. Со дел од парите ќе мора да им се помогне и на граѓаните кои се борат со сиромаштијата.

Градоначалникот Герасимовски вели дека се прави ребаланс на буџетот за што најавува и буџетски форуми на кои вели дека и граѓаните ќе може да дадат предлози што да биде приоритет.

„Поголемите проекти ќе ги буткаме да ги реализираме во текот на следната година, а тоа е новата катна гаража и детската градинка, а планираме и уште една градинка. Ќе видиме какви ќе бидат можностите и финансиите за следната година“, вели Герасимовски.

Со оглед на економската криза Стефковски вели дека општината се прилагодува па планирана е и помош за граѓаните кои се пензионери со ниски примања и корисници на социјална помош, а најавува и изградба на две нови детски градинки во Ќерамидница и Трубарево.

„Ќе направиме еден социјален пакет кој што ќе го понудиме на граѓаните. Тој ќе вклучува субвенции за електрична енергија на граѓаните кои се корисници на социјална парична помош и на пензионерите кои што имаат ниска пензија. Тој пакет ќе им следи на граѓаните од месецот ноември и декември во тековната година, а планираме инвеестиции во фекални канализации и изградба на нови детски градинки“, вели градоначалникот на општина Гази Баба.

Локалните избори се одржаа лани на 17 октомври. ВМРО-ДПМНЕ славеше победа во поголемиот дел од општините, а во Скопје победи независната кандидатка Данела Арсовска, која беше поддржана од опозицијата.