Што да се прави со заштедата во време на криза

Македонски денари

Кризата трае, а заштедените пари полека ја губат вредноста. Економистите смируваат, сме минале и полоши времиња. Советуваат граѓаните да не паничат, да ги распределат средствата на повеќе места, но и да не вадат панично девизи за чување под перница.

Тој што има заштеда во време на криза најчесто ја вложува во стан, а добро е да се размисли и за влог во некакви инвестициски фондови. Ова е ставот на младиот скопјанец Димитар Штериев, кој го анкетиравме во центарот на Скопје. Запрашан што е најдобро да се прави со заштедата во време на криза, тој забележува дека и вложувањето во криптовалути е интересно, но смета дека нема знаење за тоа, а и пазарот е многу нестабилен.

„Кај нас гледам граѓаните повеќето сакаат да вложуваат во недвижности ама моментално цената на становите оди нагоре и не е реална пред се за нашиот стандард. А исто така можеби и вложувањето во инвестициски фондови, тоа гледам дека е доста популарно, меѓутоа кај нас многу малку сме образовани од тој аспект. Така што тие се некои два начини за чување на парите ако сакаме да ни се исплати на долг рок“, смета скопјанецот.

Повеќето граѓани со кои разговаравме велат дека пари нема, па оттука и немаат проблем. Но додаваат дека е добро да се штеди, со пари во банка или чувајќи ги дома. За скопјанката Маја, која е од помладата генерација, подобра опција е банката. Но, не и за пензионерот Јаковче Степановски кој вели дека многумина од неговата генерација се изгореле токму од чувањето пари во банка.

„Во криза потроши ги парите и не му ја мисли. Секој си има свој план “, вели Степановски.

Видете и ова: Македонски крпен живот низ призмата на платите и цените

„Под душек. Ништо не е сигурно, и таму не е сигурно, ама мислам дека е посигурно. Во денари, така е посигурно и изгледаат повеќе“, се надоврзува друг пензионер од Скопје.

Последните податоците на Народната банка за месец февруари покажуваат македонските граѓани чуваат пари во банките па домаќинствата имале депозити од вкупно 306,700 милиони денари. Оттука, ако оваа сума се подели на секој жител во земјава излегува дека секој граѓанин има над 150 илјади денари, или чува околу 2 500 евра.

Притоа, помал дел од граѓаните имале денарски депозити каде вкупната сума изнесува 149,275 милиони денари. Во странска валута граѓаните пак чуваат 157,425 милиони денари. Ова не било случај лани во март од кога може да се забележи тренд на раст на депозитите во странски валути, на сметка на денарските. Така во март 2021 година, поголем дел од депозитите на домаќинствата се чувале во денари - вкупно 152,839 милиони денари, а помал во странска валута - 137,102 милиони денари.

Да за пари во банка, не за под перница

Кога се работи за тоа што да се прави со заштедените пари, економскиот аналитичар Павле Гацов вели дека и во време на криза важи општото правило – парите да се „атомизираат“, односно распределат на повеќе места. Дел во банка, дел за по дома, а дел како вложувања, но не во криптовалути. Чувањето пари под перница исто така не го препорачува.

„Во ова сегашно време мислам дека е многу добро да бидат во банка, бидејќи ризикот да се чуваат дома под перница е многу поголем. Да се вложува - исто така е нестабилно време за посериозни инвестиции. Значи треба да бидете спремни и да изгубите ако вложувате во нешто што не е целосно стабилно, зборувам во контекст на некои валути, особено криптовалути бидејќи вредноста варира екстремно брзо нагоре и надоле. Вложувањето во акции, во удели исто така носи определен ризик, но се разбира многу помал од она што го спомнав за крипровалутите“, укажува Гацов.

Сепак забележува дека иако е најбезбедно чувањето пари во банка, таму и приносот е најмал. Додава и дека мора да се има на ум оти државата гарантира до 30 000 евра за една банкарска сметка, па оттука, ако некој има повеќе пари од ова, добро е да ги распореди во повеќе банки. Гацов исто така потесетува дека е дојдено време за покачување на оваа гаранција на 100 000 евра, што постои како предлог од пред десетина години, а беше најавено дека ќе се случи кога земјава ќе влезе во ЕУ.

Во однос на промената на денарите во девизи, вели дека е само изложување на непотребен трошок. Додава и дека има инфлација, но нема девалвација на денарот и курсот на еврото е стабилен. Оттука купувањето девизи нема да ги заштити граѓаните од инфлација. Но од друга страна смета дека купувањето недвижности може да биде добра инвестиција. Граѓаните тука ќе изгубат ако купуваат „пикот“ односно тогаш кога цените се највисоки.

Видете и ова: Становите во Ѓорче Петров, Гази Баба и Охрид поскапеле за над 10 отсто во пандемијата

„Инаку ова го сметам за инвестициско вложување ако некој имал намера да купи земја или стан, воопшто не треба да се двоуми да го купи сега бидејќи тоа очигледно му е потребно, или за да живее, или да го изнајмува, или можеби да ги чува и парите во таква насока. Но самиот мотив да си ги заштитам парите па да купам стан, мислам дека е беспредметен, тука не би дал никаква поддршка. Така да овде е важно кои се очекувањата на тие што би сакале да купат недвижен имот или станови“, смета Гацов.

Пандемијата го забрза растот на цените на становите, посебно на оние кои се поблиску до центарот на Скопје. Така на пример, ако во Аеродром нов стан се продаваше по цена од околу 1000 евра по квадрат, сега оние кои што ќе решат да инвестираат во стан ќе треба да одвојат по околу 200 евра повеќе, за еден квадрат.

Податоците на Народната банка покажуваат дека и во четвртиот квартал на 2021 година, продолжи растот на цените на становите и достигна 11,2%.

„Од аспект на понудата, вредноста на изградените станбени згради забележа пад во третиот квартал од 2021 година, додека расположливите податоци за вредноста на издадените одобренија за изградба на станбени згради во четвртиот квартал од 2021 година засега упатуваат на натамошно поголемо зголемување, на годишна основа. Од аспект на побарувачката на станови, таа и натаму е поддржана и преку кредитната активност, при натамошен двоцифрен раст на станбените кредити“, се наведува во извештајот на централната банка.

Парите тешко се штитат од инфлација, ама имаме искуство

Според Гацов, тешко е да ги „спасиме“ нашите пари од инфлација. Ако таа продолжи, дециден е тој, сите ќе бидат погодени. И граѓаните и стопанствениците и државата.

Љубе Трпевски, поранешниот гувернер на НБРМ вели дека е тешко да се даваат совети во време на криза, но уверува дека системот е стабилен и ќе ги амортизира ударите.

„Единствено што би можел да кажам е – не треба да се создава паника, бидејќи ние сме надвор од тие конфликти, иако кризата е светска и ќе ја погоди и Македонија“, вели Трпевски.

Неговата препорака е граѓаните да продолжат да се однесуваат нормално и да го купуваат она од кое што имаат потреба. Доколку некој планирал да зема кредит, треба да го стори тоа, вели Трпевски. Во однос на тоа дали кредитот да биде денарски или девизен, вели дека е сеедно бидејќи денарот е стабилен, па затоа поважно е да се види каде има пониска каматата.

Тој не очекува раст на инфлацијата од големи размери. Потсетува дека во минатото македонските граѓани се соочувале со инфлација на дневно ниво, колку што сега е годишната инфлација.

„Ние сме го преживеале сето ова со кое сега светот се соочува. Имаме и искуство и кадар во Народна банка да се справи со тие предизвици“, смирува Трпевски.

Во јануари 2022 година е остварена годишна стапка на инфлација од 6,7%. Ова значи дека цените во просек биле за скоро 7 отсто повисоки отколку во јануари, минатата година. Причина за зголемената инфлација е поскашувањето на енергенсите и храната.

Тука не е вкалкулирано влијанието на руската инвазија во Украина која почна на 24 февруари. Таа дополнително би можела да се покаже во следните месеци, кога централната банка ќе ги објавува новите извештаи.