Во Србија расте гневот, но и сочувството кон младите жени кои наведуваат дека биле силувани како студентки од страна на директор ветеран во неговото приватно драмско училиште. Тоа предизвика лавина на #MeToo со барања за поправка на „расипаниот систем“ на српското општество.
Поројот се појави откако ѕвезда во подем на меѓународната кинематографија јавно го обвини менторот и основач на актерското студио „Ствар Срца“, Мирослав „Миќа“ Алексиќ, за постојано силување пред девет години, кога имала само 17 години.
Со децении, 68-годишниот Алексиќ соработуваше со многумина најпознати личности во Србија. Тој беше приведен на 17 јануари и е обвинет за осум кривични дела за силување и седум незаконски дејствија што се протегаат повеќе од една деценија. Алексиќ негирал какво било злосторство.
Видете и ова: Зошто дефиницијата за силување не е иста во земјите на ЕУ
Милена Радуловиќ, родена во Белград, е актерката која првпат го прекина долгогодишниот јавен молк во врска со Алексиќ, објавувајќи ги своите обвинувања во интервјуто објавено во весникот Блиц на 16 јануари заедно со веста дека поднесла обвиненија против него.
Полицијата ги охрабри другите наводни жртви да се појават. Оттогаш најмалку уште четири млади жени и една малолетна девојка го обвинија Алексиќ за сексуално злоставување од 2008 до 2020 година.
Една од нив која излезе во јавноста, актерката Сара Зељковиќ рече дека Алексиќ ја допирал несоодветно откако ја поканил во неговата канцеларија кога таа имала 16, 17 години.
Министерката за култура Маја Гојковиќ ја пофали Радуловиќ дека „покренала лавина со нејзината храброст“. Таа го опиша како „Случај Харви Вајнстајн“ во Србија. „Ни претстојат многу предизвици“, изјави Гојковиќ пред присутните на манифестацијата „Држава на еднаквост во Србија“.
Обвинувањата на Радуловиќ доаѓаат две години откако се појави друг српски случај, кој ги симболизира жртвите на сексуални напади по откритијата во САД и Британија против холивудски продуцент Вајнстајн. Резултатот на дебатата, вклучително и повеќе форуми на социјалните мрежи за другите српски жени да зборуваат, сугерира дека споредбата на Гојковиќ не е погрешна.
Тренер по џудо доби 30 дена притвор поради силување деца
Сведоштвото на Радуловиќ исто така предизвика поплава од извештаи на #МеТоо или „И јас“ од жени од други места на Балканот. Едно од нив, босанската страница на Фејсбук наречена „Нисам Тражила“ - или „Јас не го побарав тоа“ - привлече особено внимание.
И обемот на јавни поплаки и лични сведоштва преку традиционалните и социјалните медиуми оваа недела зборува за постојан проблем кој српските власти се обидуваат да го решат.
Долга историја на злоупотреба?
Веројатно најпознат како режисер за неговите филмови Соба 405 и Аферата на срцето, на Алексиќ му е наредено да остане во притвор најмалку 30 дена. Судија во високиот суд во Белград ги наведе можните закани за заплашување на сведоците, опасноста од понатамошни злосторства и сериозноста на обвиненијата против обвинетиот. Обвинителството продолжува да истражува.
Но, притоа ја потенцираше сериозноста на злосторствата, статусот на наводните жртви малолетнички, додека осомничениот „уживал во довербата на целата српска јавност“.
Видете и ова: Вајнштајн прогласен за виновен по две точки за сексуални нападиРадуловиќ е 25-годишна актерка која напредуваше во српскиот филм пред да се појави во меѓународни трилери како американскиот филм Обичен човек во 2018 година и минатогодишниот руски филм Супердип. Таа во интервјуто за Блиц тврди дека злоупотребите на Алексиќ се случиле пред девет години додека била на училиште. Од првичното интервју, таа одби да зборува за спецификите, но наводно и дала целосна слика на полицијата.
„Преку своите постапки им даде сила на другите жени да се покажат и да не им дозволат да останат жртви на мажот кој ја злоупотреби нивната доверба на најлош начин“, оценува за Радуловиќ Женската инцијатива на Србија.
Друга актерка, Данијела Стајнфелд, во минатата година во документарниот филм со наслов „Исцели ме“, тврди дека била силувана од влијателен човек во српската филмска индустрија. Стајнфелд одговори на изјавите на Радуловиќ велејќи дека оние кои се појавуваат „се хероини на нашето општество“.
Уметничката Кристина Ковач на Твитер напиша дека Радуловиќ и другите веројатно ги спасија „сите тие деца ... од страшно, ужасно искуство и доживотна траума“.
Уапсен поранешен британски пратеник под сомнение за силување
Писателката Марија Радковиќ за РСЕ рече дека е од суштинско значење отворање јавен простор за осуда и гонење на сторителите во рамките на „културата на насилство“. Таа ја пофали Радуловиќ за „старт на уривањето на оваа појава“ - велејќи дека проблемот е „нешто со кое се соочуваат сите девојки“. „Кој знае колку девојки навистина се соочуваат со тоа?“ вели Радковиќ.
„Какво општество“
Српскиот вицепремиер Зорана Михајловиќ, која претседава со национално координативно тело за родова еднаквост, изрази „благодарност до девојките и жените кои најдоа сила и пријавија насилство“ во случајот Алексиќ.
„Овие страшни феномени треба да не натераат да се запрашаме во какво општество живееме и што можеме да сториме за да направиме подобро место за животот на нашите деца“, вели Михајловиќ.
Најшироко следеното српско гонење на некој кој ја злоупотребил позицијата на моќ се појави во 2018 година, на петиците од случајот Вајнстајн. Тоа резултираше со осуда на локалниот општински лидер Милутин Јеличиќ, за сексуално вознемирување и незаконски дејствија кон неговата асистентка. Тој беше осуден на неколку месеци затвор.
Жртвата во тој случај, Марија Лукиќ, помина две години во кошмари, за кои го обвинува својот поранешен шеф во градот Брус, 250 километри од Белград. Два дена откако се пожалила, Лукиќ била отпуштена од работното место, а на нејзиниот сопруг му било наредено да го напушти своето работно место. Јеличиќ на крајот беше отстранет и гонет, но не пред обвинителите да ги истражат сличните жалби поднесени од шест други жени од Брус.
Лукиќ изрази емпатија кон наводните жртви на Алексиќ. „Добрата работа е што тој е во притвор и тој веројатно ќе остане во притвор сè додека трае истрагата“, вели Лукиќ, додавајќи: „Затоа што другите девојки, бидејќи тоа веројатно се случувало многу години, нема да имаат притисок од неговото присуство, па затоа тие ќе можат да ги пријават своите искуства што, за жал, ги имаа со него“.
Најавени промени, но ...
Како одговор на негодувањето во јавноста, официјални лица предложија неколку мерки за борба против сексуалната злоупотреба и злоупотребата на малолетници.
Михајловиќ на 19 јануари вети дека ќе се обиде да го прошири регистарот на сексуални престапници против деца, вклучително и други видови насилни или сексуални престапници. Но, во истиот здив, Михајловиќ призна дека првичниот список формиран пред неколку години наиде на „проблеми со тоа дали е пополнет и колку доследно“. Оригиналниот список исто така е затворен за јавноста.
Семејното насилство ретко се пријавува, а уште поретко оди на суд
Народниот правобранител на Србија, Зоран Пашалиќ, на 20 јануари објави дека ќе покрене иницијатива за промена на регулативата со цел да се ограничи кому му е дозволено „да работи со деца“. Една можна шема би го подобрила обезбедувањето услуги за образование и настава од физички и правни лица, надвор од основните прописи.
Пашалиќ рече дека не сака лековите да исчезнат откако сегашниот случај „престане да биде интересен во медиумите ... без да се реши проблемот“.
Локалните медиуми сугерираат дека околу 3.000 луѓе посетувале училиште за глума на Алексиќ во текот на четири децении, многумина од нив биле млади аспиранти.
Весна Станојевиќ е координатор на Безбедна куќа, мрежа на засолништа за жени во Србија што им помага на жртвите на домашно и друго злоставување. Таа изрази поддршка за Радуловиќ и ги охрабри властите да обезбедат брзо судење наместо да дозволат да се одолговлекува случајот - што таа го нарече проблем „број еден“. „Верувајте ми, имаме жени кои поминуваат повеќе од половина година во „Безбедна куќа“, а нивните судски постапки едвај се започнати“, изјави Станојевиќ за РСЕ.
Во меѓувреме, има малку гаранции за жените кои се појавуваат со наводи за злоставување. „Нема гаранција за заштита“, вели Станојевиќ, сугерирајќи дека државните службеници се премногу зависни од службениците од пониско ниво за да забележат и да се справат со ваквите проблеми.
Само две од 26 жени кои починаа како резултат на семејно насилство во Србија во текот на 2020 година, пријавиле претходно насилство, рече таа. „Тоа значи дека тие или не го препознаа насилството или се плашеа да го пријават, што е исто така една од најголемите причини зошто не се пријавува насилство“.
Станојевиќ, исто така, предупредува: „Тука има голем проблем затоа што тешко можете да го смените судот во мал град, додека во Белград можете да направите повеќе. Во другите региони тоа е навистина тешко“.