Од студената војна наваму, постојано слушаме, читаме и гледаме за геостратешка војна без оружје, за висока политика и за хибридни војни... И речиси во секоја од тие новинарски стории, експертски анализи или политички дебати се т.н. руски тролови и т.н. фабриката за тролови на Кремљ.
Според изјавите на бројни политички аналитичари и западни медиуми, таа фабрика за тролови е руската „Агенција за интернет истражувања“, а нејзините луѓе најчесто ги нарекуваат троловите од Олгин, кои, според експертите и дел од влијателните светски медиуми, а и според тоа како е дефинирана на „Википедија“, е центарот на тајната руска организација која, наводно, според тие објави, „манипулира со светската јавност преку интернет во корист на руската политика“.
Војниците од „Савушкина 55“
„На улицата Савушкина број 55, во Санкт Петерсбург се наоѓа зграда, која по ништо не се истакнува, нема никакви ознаки, ниту посебно уреден екстериер. Сепак, таа четирикатница е седиште на руската интернет пропаганда. Таму работат стотина луѓе, чија единствена задача е да бидат на интернет 12 часа дневно и да пишуваат блогови и коментари дека Путин е одличен, а дека Западот не е добар“, објави британскиот весник „Гардијан“.
Тие тролови користат т.н. чорапки (кукла направена од чорап, која се става на рака и отвара уста како што се мрдаат прстите). Чорапките во случајот се синоним за лажни идентитети кои проруски влијаат на јавното мислење на интернет.
Видете и ова: Хороскоп и политика - Како работеле лажните Фејсбук профили од Македонија и КосовоСпоред дел од балканските медиуми, меѓу кои и хрватскиот Индекс.хр, текстовите кои ги објавува таа „фабрика“ ја величат руската влада и шират проруска-пропаганда, а прв пат за таа агенција се дозна кога нејзината поранешна вработена, Људмила Савчук, незадоволна од условите за работа, правдата ја побарала на суд. Пошироката јавност дозна за овие тролови за време на анексијата на Крим.
„Постојат илјадници лажни сметки, профили и групи на Фејсбук и на Твитер, како и на руските социјални мрежи Лајв журнал и В контакте“, изјави за Слободна Европа, блогерот Марат Бурхард, кој два месеца работел во одделот на агенцијата задолжен за пишување блогови со проруски коментари на форумите на разни интернет страници.
Тој и останатите, како што ги нарекува, „путинови интернет војници“ користат т.н. прокси сервери за да го скријат својот вистински идентитет. На една од тие руски мрежи – В контакте - неодамна беа објавени и нови „бомби“ за македонски политичари од власта.
Патриоти или млади кои ги интересира само високата плата?
Поголемиот дел од вработените во руската Агенција за интернет истражувања се млади луѓе, но аналитичарите велат дека никогаш нема да се добие прецизен одговор на прашањето – Дали тие работат од патриотски побуди или само поради платите, кои, според новинарот Андреј Шошиков, кој е еден од првите кои ја истражуваше руската фабрика за тролови, се далеку над просечните во Русија.
Видете и ова: Војна против лажните вести - факти, а не кликовиСпоред него, со делувањето на „чорапките на Путин“, читателите на интернет изданието на „Раша тудеј“, на пример, мислат дека Русија е светата земја, дека Обама е диктатор и дека вистинската слобода постои само во Русија.
Кога неодамна руски хакери напаѓаа официјални институции во Европа и во САД, Путин застана во нивна одбрана. Рече дека Кремљ нема никаква врска со нив, и дека тие тоа го прават од патриотски побуди.
Стари трикови во новото време
Историјата на ваквото ширење пропаганда, како што пишува хрватски „Телеграм“, датира од времето на КГБ, кога, според порталот, руските разузнавачи ја прошириле информацијата дека сидата е вештачки создаден вирус за истребување на афро-американците во САД, успевајќи да ги измамат новинарите да го објават тоа.
Денес, како што пишува „Телеграм“, тоа што КГБ во осумдесеттите години морал да го прави со месеци, руските интернет тролови го прават брзо, со само неколку блогови.