Неколку дена пред вториот круг на изборите од кои се очекува да биде познат шефот на државата за следните пет години, сѐ уште е неизвесно како ќе се позиционираат помалите партии. Она што е кристално јасно се ставовите на двете ривалски партии СДСМ И ВМРО-ДПМНЕ и нивните коалиции кои јасно застанаа зад своите кандидати.
Стево Пендаровски е кандидатот за претседател поддржан од СДСМ и парламентарното мнозинство, додека зад кандидатурата на Гордана Сиљановска - Давкова застана опозициската ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“. И покрај слабата излезност во првиот круг, сега и двајцата кандидати изразуваат оптимизам дека ќе биде постигнат потребниот цензус.
Демократската Унија за Интеграција соопшти дека заедно со сите преставници на извршната, законодавната и локалната власт силно ја поддржува кандидатурата на консензуалниот заеднички кандидат за претседател, Стево Пендаровски во вториот круг на 5 мај. Од ДУИ посочија дека воопшто немаат дилеми дека треба да се поддржи број 3, или како што наведуваат бројот на консенсуалноста, на заедништвото, интеграцијата и рамноправноста.
Алијансата на Албанците, една од партиите кои застанаа зад кандидатурата на Блерим Река во првиот изборен круг, по денешниот состанок на централното партиско претседателство, апелира до сопствените гласачи „да го изразаат својот суверенитет в недела“, но оти вториот круг од претседателските избори се одвива без конкретна понуда за граѓаните. Лидерот на Алијансата, Зијадин Села неодамна изјави дека граѓаните се слободни сами да одлучуваат за кого ќе гласаат во вториот круг.
Од БЕСА изјавија дека ќе ги остават гласачите да гласаат врз основа на нивното убедување и нема да им се мешаат во изборот.
Кандидатот за претседател на Алијансата на Албанците и на БЕСА, Блерим Река на Фејсбук ги повика граѓаните масовно да излезат на гласањето на вториот круг од изборите. Тој порача дека не сака да тргува со гласовите на граѓаните и дека нема да ги убедува за кого да гласаат, бидејќи, како што посочува, на нив е да донесат одлука кого од двајцата кандидати ќе поддржат.
Политичкиот аналитичар Насер Зибери укажува на тоа дека гласовите кои ги доби Блерим Река се исклучително важни за кој било од кандидатите и очекува дел од симпатизерите на Алијансата и БЕСА да апстинираат од гласањето в недела.
„Мислам дека партиите БЕСА и Алијанса нема да се осмелат јавно да го поддржат кандидатот на опозицијата имајќи ги предвид ставовите на кандидатката и на ВМРО-ДПМНЕ и очекувам дека тие ќе излезат со став гласајте за кого сакате, ние нема да се мешаме, што пак од друга страна би значело повеќе апстиненција, отколку поддршка на кандидатот на опозицијата“, вели Насер Зибери.
Видете и ова: Ако нема цензус сите опции се на маса
Проценките на Зибери се дека пристапот и платформата на кандидатот на парламентарното мнозинство Стево Пендаровски е поблизок до политичките аспирации на албанскиот електорат.
„Кандидатот на опозицијата има многу нејасни ставови за многу прашања кога се во прашање меѓуетничките одоси и има негативен став за клучните, стратешките интереси на државата, а тоа е Преспанскиот договор, членството во НАТО со што ги доведува во прашање евроинтеграциите. Мислам дека еден ваков однос и платформа на кандидатката на опозицијата го прави помалку прифатлив за албанскиот електорат“, заклучува Зибери.
Во меѓувреме, и власта и опозицијата тврдат дека работат за да има цензус, иако од Владата најавија дека ако не се постигне цензусот, ќе следуваат уставни измени со кои ќе се овозможи или комплетно укинување на прагот или пак избор на претседател во Собранието.