„План за живот“ напишан на 264 страници беше програмата со која СДСМ настапи на изборите во 2016 година по кои во 2017 година дојде до позиција да ја формира владата. Сега, точно четири изминати години по доаѓањето на власт, програмата е делумно реализирана.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Како опозиција СДСМ ја критикуваше власта на ВМРО-ДПМНЕ која раководеше со земјата 11 години за намалувањето на демократските права и слободи. Па така партијата на сегашниот премиер Зоран Заев пред четири години ветуваше дека ќе воведат поцврсти законски гаранции за користење на правото на јавен собир, со јасни и прецизни надлежности на полицијата.
Наместо ова, во 2019 година министерството за внатрешни работи сега раководено од Оливер Спасовски предложи забрана за одржување јавни собири пред странските амбасади, објекти и простори од интерес за безбедноста на државата, како и седиштата на органите на државната власт и просторот околу нив. Предложи и зголемување на бројката на луѓе кои имаат право да орфанизираат протест од 20 на 50, а да може да се протестира од 06 до 23 часот. По жестоката реакција на граѓаните законот беше повлечен.
Видете и ова: Владини реклами во медиуми - чекор назад кон заробена државаПонатаму, на пример во делот слобода на медиуми, СДСМ критикуваше за поткуп преку државни плаќања на кампањи во медиумите. Кога дојдоа на власт всушност и ја забранија ваквата можност, но сега повторно ја разгледуваат со објаснување дека било потребно да се плаќаат реклами во медиумите ако се во јавен интерес како на пример процесот на имунизацијата против Ковид19. Но ова не е тоа што го ветуваше СДСМ пред четири години.
„Ќе спречиме трошење на буџетски средства во медиумите. Бесплатните објави ќе бидат наменети исклучиво за проекти од јавен интерес. Целосна забрана за трошење на средства од Буџетот на РМ, буџетите на единиците на локална самоуправа и јавните претпријатија за реклами во медиумите, освен за проекти од јавен интерес. Јавниот интерес ќе го утврдува Собранието со двотретинско мнозинство“, ветуваше СДСМ.
Напредок во меѓународната сфера
Според меѓународните рангирања на Репортери без граници и Фридом Хаус државава бележи напредок од кога СДСМ е на власт. Па така на листата за слобода на медиуми Македонија годинава беше на 90 место, а во 2017 година на 109 место.
Сефер Селими, претседател на невладината организација Демокраси Лаб вели дека иако не се направени законските измени во медиумската сфера, се забележува напредок во оваа област. Тоа и надворешната политика тој ги смета за успеси на оваа влада.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
„Од изолирана држава која беше категоризирана како хибриден режим која беше дојдена до момент да биде целосно игнорирана на меѓународната сцена денес Македонија има доста големи постигнувања, посебно како дел од НАТО и во ЕУ каде што 26 од 27 земји велат дека треба да почнеме преговори“, вели Селими.
Реализирана е и една од стратегиските определби на сите влади во самостојна Македонија, зачленувањето во НАТО, откако се надмина спорот за името со Грција, па земјава стана Северна Македонија. На другата определба, почеток на преговори со Европската унија, се уште се чека поради блокадата од Бугарија пред се поради историски прашања.
Разочараност од реформите во правосудството
Но, работите не се такви во правосудството, област во која СДСМ ветуваше големи промени. Едно од главните ветување беше целосен реизбор во судството, нешто од што се откажаа наскоро по преземањето на власта со образложение дека Европската унија ги советува да не го прават тоа. Она што се најавува сега се следниве реформи ревизија по случаен избор на пет проценти од предметите од висок профил, ревизија на судски предмети кои застареле, проверка на имотна состојба на судиите, проверка на работата на судиите која ќа ја направи Судскиот совет.
За обвинителството, пак, СДСМ ветуваше дека две години по преземањето на власта ќе создадат правен основ јавниот обвинител да се избира по предлог на опозицијата. Премиерот Заев вели дека оваа идеја пропаднала затоа што ВМРО-ДПМНЕ не го поддржале Законот за јавно обвинителство.
„Посебно разочарувањето на граѓаните се однесува на правната држава. Гледаме дека судството и делот на судската власт останува нереформирано и не ги дава очекуваните резултати“, вели Селими.
За работата на собранието, пак, тогашните опозиционери ветуваа седниците за пратенички прашања, наместо еднаш месечно, да се одржуваат еднаш неделно, ревидирање на начинот за исплаќање на патни трошоци, дека ќе се залагаат за уставни промени со кои ќе се намали бројот на пратеници, нивниот избор ќе се врши по принципот на отворени листи, а дека ќе предложат промена на изборниот модел во една изборна единица. Сите овие ветувања не се реализирани.
Јавната администрација тапка во место
За јавната администрација ветуваа дека ќе објавуваат детални месечни листи за сите вработени во јавната администрација и за корисниците на земјоделските субвенции, со цел граѓаните самите да бидат „контролори“ доколку се прават злоупотреби.
„Ќе донесеме нов Закон за работни односи посветен на обезбедување вистинска заштита за работниците. Со него дополнително ќе воспоставиме регистар за прекувремени работни часови во УЈП, колективните договори ќе станат задолжителни за сите правни субјекти со над 20 вработени, а синдикатите ќе можат да се регистрираат само во Централен регистер“, ветуваше СДСМ за работниците, ветување што не е реализирано.
Видете и ова: Избрзани и недоволни измените на Законот за работни односи
Со предложените законски измени годинава на законот за работни односи владата предвидува прекинување на договорот за работа на 64 години и со 15 години стаж, намалување на вработените во администрацијата.
Дел од она, пак, што го реализираа, а што го ветуваа како крупни промени е поврат на ДДВ кај граѓаните, укинување на радиодифузната такса, минималната нето плата е покачена на 15,194 денари што е блиску како и во програмата каде што се ветува минимална плата од 16 000. Просечната плата СДСМ ветуваше дека цели да биде 30 000 денари, а според податоците на Заводот за статистика сега изнесува 28 217 денари. Спроведени се и реформи во безбедносните служби па веќе не постои Управата за безбедност и контраразнување, а нејзините функции се поделени на две инситуции Оперативно техничка агенција ОТА и Агенцијата за национална безбедност АНБ.