Мотивирана од антиамериканизмот и од анти-ЕУ идеите, Русија предводена од Владимир Путин троши милијарди рубљи да го запре зачленувањето на Балканот во ЕУ и НАТО, алармираат западни и регионални експерти, институти, политичари и новинари. За таа цел, според нив, се користи доктрина во која нефоцијално се вклучени неколку силни руски енергетски комании кои прават фонд со претседателски декрет, во комбинација со доктрина за војување без оружје изготвена од првиот човек на руската армија генерал Валериј Герасимов.
Фонд за руско влијание со претседателски декрет?
Истражувачкиот новинар од Албанија, Лавдрим Лита, за приштинскиот весник „Зери“, вели дека „за зајакнување на руското влијание во Македонија, Косово, БиХ, Албанија... се користат руски олигарси и нивното богатство со мрачно потекло“.
"Енергетскиот сектор е речиси под доктрината на руските компании Лукоил, Гаспром, Литаско Роснефт... За овој план има и специфичен фонд одобрен со претседателски декрет. Податоците на Институтот за стратешки студии од Рим покажуваат дека руски бизнисмени во Албанија биле финансирани преку посреднички банкарски филијали. Поради оваа причина, се спроведува детална истрага за крајната цел на овие средства“, вели Лита.
Според него, протерувањето на двајца руски дипломати од Албанија било „силен знак дека Русија и Албанија била во сферата на руско влијание на Балканот, иако Кремљ не потврдува дека станува збор за протерани дипломати.
Поддршка на руската политика или извршување директиви од Кремљ?
Вакви предупредувања имаше и во Македонија уште лани кога премиерот Зоран Заев, во интервју за BuzzFeed News, изјави дека про-руски бизнисмени се обидуваат да ја спречат земјата да се приклучи на НАТО, со плаќање за насилни протести.
„Странци блиски со Русија платиле илјадници долари да предизвикаат насилство со цел да ја спречат Македонија да се интегрира во НАТО. Дел од нив се поврзани со медиуми, дел ги охрабруваат младите луѓе да протестираат пред Парламентот, да напаѓаат полицајци. Тоа е многу очигледно“, рече Заев.
Видете и ова: Русија со етнички јазови на Балканот ќе го спречува ширењето на НАТО?Политичкиот аналитичар Петар Арсовски, за Радио Слободна Европа изјави дека онаму каде што имаат бизнис интереси, руските бизнисмени најчесто ја поддржуваат руската официјална политика, но оти тоа не значи дека извршуваат нарачки од Кремљ.
„Руските бизнисмени, онаму каде што имаат интереси, најчесто ја поддржуваат официјалната руска политика, така што тоа мислам дека може да се поведе во таква конотација, но не можеби дека е тоа некаква директна стратегиска улога на бизнисмените по нарачка од Кремљ“, изјави Арсовски за РСЕ.
Според Дејвид Л. Филипс, американски експерт за надворешна политика и поранешен висок советник во американскиот Стејс департмент, Русија и понатаму се обидува да го прошири своето малигно влијание низ целиот Балкан, водена од антиамериканизам и од непријателство кон западните институции како што се Алијансата и ЕУ.
"Русија организираше државен удар во Црна Гора за да го спречи нејзиниот влез во НАТО. Таа се обиде да ги спречи реформите во Македонија, за да го блокира решавањето на спорот за името меѓу Грција и Македонија, знаејќи дека решението ќе резултира со членство на Македонија во Алијансата и ќе ги подобри своите шанси за понатамошна евро-атлантска интеграција“, анализира Филипс за косовски „Зери“.
Уште една доктрина за борба со Западот
Доктрината на руските олигарси, велат експертите, последните неколку месеци се испреплетува со уште една постара, но занемарена доктрина. Тоа е т.н. Герасимова доктрина, велат експерти и политичари. Таа ретставува вештина на модерно војување без пушки, а многу поефикасна од класичното војување. Нејзин автор е еден од најблиските соработници и пријатели на Путин, началникот на Генерал-штабот на руската армија, генералот Валериј Герасимов.
И заменик министерот за одбрана во косовската Влада, Бурим Рамадани, вели дека руските акции на Балканот се совпаѓаат со доктрината на Герасимов.
Видете и ова: Руските лажни вести во ТОП-3 трендови за 2018 година„Информативна војна, ширење социјална конфузија, финансирање разни организации... Сето ова е во согласност со доктрината Герасимов, преку која Русија се обидува да го прошири своето влијание на сите демократски држави“, вели Рамадани.
Кремљ го сака Балканот за да им наштети на геостратешките интереси на ЕУ
Експертот за американски меѓународни односи, американскиот професор Алон Бен-Меир, вели дека Русија го сака Балканот бидејќи тој е „добра можност за Москва да прави комбинација од политички и економски мерки како би го загрозила геостратешкиот интерес на ЕУ.
„Москва има две стратешки причини за толку многу да се интересира за балканските држави. Првата е тоа што Западен Балкан има стратешко значење како транзитна рута за рускиот гас, а втората е зачувување на словенските корени, православието и традиционалните вредности на Балканот“, вели Бен-Меир, цитиран во неколку српски медиуми минатата недела.
Во таа битка за Балканот дел од државите балансираат меѓу Москва, Брисел и Вашингтон, што ги прави поранливи, велат експертите, додека Македонија и Косово јасно се определија за НАТО и ЕУ, што исто така не ги прави целосно имуни на руските обиди за антизападно влијание.