Цените за повеќе стратегиски производи кои беа замрзнати поради епидемијата со коронавирус веќе може слободно да се формираат. Цените на леб, сол, шеќер, зејтин, млеко и млечни производи, јајца, брашно, месо, средства за лична хигиена и дезифекциони средства и други производи нема да имаат иста цена во сите маркети и продавнички, оти со укинувањето на вонредната состојба престанува да важи одлуката за определување на највисоките цени на одделни производи во трговијата на големо и трговијата на мало, која беше донесена од Владата во услови на епидемија со корона вирус.
Според Министерството за економија, трговците повеќе нема да имаат обврска да почитуваат одлуки што беа врзани со траењето на вонредната состојба.
Повеќе нема да важи и Одлуката за посебни услови за трговија на одделни стоки, со што престанува да важи обврската за формирањето на цени за портокали, мандарини, клементини, грејпфрут и лимони. Со одлуката наменета за вонредната состојба, маржата, односно разликата меѓу набавната и продажната цена, во трговијата на големо можеше да биде најмногу 10 проценти, а во трговијата на мало 15 проценти.
Во моментот цената на килограм лимон на големо се движи од 80 до 100 денари, а на портокалот од 50-65 денари. Трговците на големо уверуваат дека цените нема да растат иако е укината одредбата за замрзнување на цените. Исто размислуваат и земјоделските производители од струмичкиот регион. Цените на одделни земјоделски производи ќе зависат и од понудата и од побарувачката, но не верувам дека тие ќе се зголемуваат, вели Ристо Велков од Синдикатот на земјоделски производители.
„Во однос на јужното овошје на пример, тоа зависи од каде се увезуваат и со кои количини државата располага. Ако има поголеми количини би било логично цената на тие производи да паѓа, а не да се качува. И во однос на градинарски култури, можам да потврдам дека сега е период кога се нудат големи количини, имаме доволно производство и затоа доаѓа до драстично паѓање на цените и секој може да си ги дозволи“, вели Велков.
Во меѓувреме, престануваат да постојат и ограничувањата во однос на извозот на пченица затоа што престанува да важи Одлука за ограничување на извозот на пченица и наполица и брашно од пченица и наполица, како и издавањето на дозволи за извоз на брашно од Министерството за економија преку едношалтерскиот систем за дозволи.
Видете и ова: Како ковид-19 ќе влијае врз глобалното производство на храна?
Од Организацијата на потрошувачи се надеваат на свесност од страна на трговците при формирањето на цените на најбараните производи. Претседателката на оваа организација Маријана Лончар-Велкова вели дека во интерес на здравјето на целокупното население е ако се забележи рапиден скок на цените, Владата со посебна мерка да ги замрзне цените истите производи.
„Не мора да има вонредна состојба за да се „плафонираат“ цените на одредени производи. Тука има место за производите за дезинфекција, ракавици, маски, да сезамрзнат цените и да нема скок на систите. Ако воочиме дека тоа се случува, ќе бараме интервенција на овие средства, особено за макските за кои се зборува дека подолго време ќе ги носиме“, вели Лончар-Велкова.
Од друга страна Лончар во овој период не очекува голема побарувачка, особено затоа што според неа граѓаните поради намалените прмања и финансиска неизвесност не се опуштаат и не трошат многу особено во овој период на криза.
„За многу области кога се во прашање потрошувачките права ние се јавуваме во министеството за финансии, особено за прашања понуда-побарувачка на стоки и услуги реагираме и се обидуваме да помогнеме на потрошувачите, иако не секогаш успеваме, зависно од тоа каков е законот. Со уредбите со законска сила кога беше вонредната состојба, одредени одредби беа дерогирани од повеќе закони и тука малку ни беа намалени потрошувачките права. Се надевам дека сега со укинување на вонредната состојба, ќе важат законите и ќе почнат да се стабилизираат нашите права и подобро да се остваруваат“, вели Лончар-Велкова.
Видео - Корона исхрана, малку слатко, малку мрсно ама и здраво
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Во меѓувреме, најновите оцени за цената на нафтата во последната јунска месечна информација од НБРМ и натаму упатуваат на значителен пад во 2020 година, но малку помал во однос на април. Ваквите оценки се должат на очекувањата за продолжување на договореното намалување на производството помеѓу земјите членки на ОПЕК+ во наредните два месеца, како и очекувањата за намалување на производство во САД, наспроти очекувањата за зголемена глобална побарувачка во услови на олеснување на рестриктивните мерки во справувањето со корона-вирусот и постепеното отворање на бизнисите во голем број земји, но и пониските залихи во САД.
Според најновите проекции, кај цените на храната за 2020 година исто така е извршена надолна ревизија. Tака, кај цената на пченицата сега се очекува помал раст во споредба со априлските проекции, што главно се должи на очекувањата за висока глобална понуда, како и заради загриженоста околу побарувачката поврзани со глобалната економска активност. Кај цената на пченката е проектиран поголем пад од претходно очекуваниот, во услови на висока глобална понуда и намалена побарувачка за потребите на индустријата, главно во САД и Кина, коишто ќе доведат и до зголемување на залихите на пченка. За 2021 година се направени мали позитивни ревизии во однос на април, при што кај пченицата се очекува ценовна стабилизација, наспроти претходно очекуваниот пад, а кај цената на пченката минимално повисок раст од оној во април.
Во меѓувреме, Државниот Завод за статистика забележал раст на трошоците за живот во изминатиот месец за помалку од еден процент во однос на минатата година овој период.
Истовремено пак регистрира повисока просечната месечна исплатена нето-плата по вработен. Па така просечната нето плата во април годинава изнесувала 25.830 денари и споредено со нето-платата во април лани е зголемена за 4,2 проценти.
Од Заводот за статистика информираат дека зголемувањето се должи, пред сѐ, на повисоката просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: образование (12 проценти), други услужни дејности (6,9 проценти) и дејности на здравствена и социјална заштита (6,4 проценти).
Намалување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: објекти за сместување и сервисни дејности со храна за девет проценти, стручни, научни и технички дејности за 6,9 проценти и транспорт и складирање за 6,6 проценти.