Пораки за поголема соработка меѓу земјите од Западен Балкан, потреба од справување со корупцијата и водење подобри економски политики, испрати денеска Кристофер Хил, актуелниот американски амбасадор во Србија и поранешен амбасадор во нашата држава. На конференцијата за „Регионални безбедносни предизвици и неодамнешни случувања во земјите од Западен Балкан“ организирана од Претседателскиот центар за политичко образование, Хил одговараше на прашањата на студентите на Алумни школата за политики.
Како добар и искусен познавач на состојбите во регионот, американскиот дипломат и Хил зборуваше за дијалогот Косово-Србија укажувајќи на тоа дека евентуалното продолжување на тензиите помеѓу Косово и Србија ќе бидат штетни за целиот регион. Истакна дека дијалогот е тежок процес и иако како што рече, „тонот“ меѓу засегнатите страни не му се допаѓа. Сепак ги поздрави напорите на медијаторите и порача дека двете страни мора да продолжат да разговараат.
„Мислам дека овие тензии и конфликтот влијаат врз сите земји во регионот и она што би сакал да видам е некакво подобрување или барем намалување на тензиите. Сметам дека „Отворен Балкан“ е нешто позитивно што може да даде резултати“, рече Хил.
Токму иницијативата „Отворен Балкан“, но и други слични регионални иницијативи кои, според најавите, треба да ја подобрат соработката меѓу земјите од регионот и да го олеснат протокот на луѓе и стоки, ги истакна како исклучително важни.
Видете и ова: Ескобар:Косово и Србија да го следат примерот на Северна Македонија и Грција„Иако некои зборуваат дека Отворен Балкан и други иницијативи се некаква завера, нема докази за таков пристап. Основата кај нив е добрососедството, границите треба да спојуваат, а не да разделуваат,“ вели американскиот амбасадор.
Дел од студентите кои се разочарани од економските перспективи во земјата, го прашаа Хил како да останат во земја во која владее корупцијата и криминалот, а довербата во правосудниот систем на рекордно ниско ниво.
Хил вели дека на Владата и требаат подобри економски политики, а за справување со корупцијата добри институции.
„Нема ништо полошо од корупцијата. Земја која има проблем со корупцијата, всушност има лоши институции. Обидете се да направите нешто за тоа, но работете на институциите кои ја олеснуваат корупцијата. Изберете добри луѓе, наспроти лоши. Така ќе имате подобри институции кои ќе можат да се справат во борбата со корупцијата“, вели Хил.
Американскиот дипломат уште еднаш ја повтори поддршката на САД за македонските евроинтеграции, иако не сакаше да го коментира неприфаќањето на некои политички партии да гласаат за уставни измени за да се деблокира влезот на Северна Македонија во ЕУ.
„Ова е нешто што вашите политички лидери ќе го решат. Но би сакал да ја видам Македонија во ЕУ. Тоа е најдобрата работа за оваа држава и јас нема да ви кажам како да го направите тоа или како да се справите со луѓето кои не се согласуваат со процесите. И сакам да ја видам Македонија во ЕУ и заради песимистите кои не веруваа дека Македонија ќе биде дел од НАТО и ЕУ, за да им кажам дека не биле во право“, рече Хил.
Видете и ова: Односите меѓу Скопје и Софија не се имуни на дезинформацииМеѓу другото, тој се осврна и на засиленото руско влијание на Балканот. Категоричен е дека актуелното руско лидерство ја однесе, како што рече, „цивилизацијата во шумата“ и порача дека САД и нејзините сојузници не смеат да дозволат војната да продолжи.
Хил е дипломат од кариера. Тој беше и амбасадор на Соединетите Држави во Македонија во периодот од 1996 до 1999 година, назначен во мандатот на Бил Клинтон. Во регионот тој е познат и по тоа што беше специјален пратеник на САД за Косово во 1998-1999.
Бил и американски амбасадор и во Полска, Ирак и Кореја. Бил и на функцијата помошник-државен секретар на САД за Источна Азија и Пацификот, но и шеф на американската делегација во преговорите со Северна Кореја.