Вести
Вучиќ и Курти усвоија Декларација за исчезнатите, а за ЗСО има само Нацрт

По состанокот со косовскиот премиер Албин Курти во Брисел, српскиот претседател Александар Вучиќ рече дека состаноците не биле лесни и дека е „многу загрижен“.
Тој рече и дека по „клучното прашање“ за формирање на Заедница на општини со српско мнозинство (ЗСО) е јасно дека „Приштина не сака да ја исполни својата обврска од пред 10 години“.
„Мене ми беше јасно. Денеска дојдовме до ѕид. За нив, во Нацртот е неприфатливо поради косовскиот Устав, дека не сакаат нова Република Српска. И тогаш дојдовме до третата точка, а тоа е моментната ситуација после срамните и нелегитимни избори на северот на Косово, каде што гласаа 3,4 отсто. Како да се надмине моментната ситуација. ЕУ излезе со свој предлог, јас прифатив, Приштина го одби тоа“, рече Вучиќ по состанокот.
Тој додаде дека се надева дека до наредната рунда на техничко ниво ќе има реакција од другите кои би можеле да „влијаат на промена на таквите ставови“.
„Инаку се плашам дека сите сме во голем ќорсокак. Не сум оптимист, но можам да ветам дека ќе дадеме сè од себе да ги сочуваме мирот и стабилноста“, рече Вучиќ.
На прашањето каква е судбината на нацртот на Статутот на Заедницата, Вучиќ рече дека „или ќе се прифати она што е договорено во 2013 и 2015 или е крај на сè“.
Тој наведе и дека ќе се продолжи со барање на решение, но дека тоа решение вечерва не се гледало.
Српскиот претседател рече дека за решението што ЕУ го понудила во контекст на изборите на северот на Косово ќе зборува во наредните денови.
Вучиќ повтори дека Србија селективно ќе го применува Охридскиот договор со Курти, додавајќи дека и Косово одбива да ја формира Заедницата.
Тој изјави дека е свесен дека тој договор е дел од преговарачката рамка и дека од него зависат и евроинтеграциите на земјата.
На почетокот на состанокот, во рамки на дијалогот Белград – Приштина, кој се води под покровителство на ЕУ, Вучиќ и Курти усвоија Декларација за исчезнатите лица.
Претходно во Брисел беше објаснето дека текстот бил претходно усогласен и се чекало формално усвојување на највисоко политичко ниво
Во Косово сè уште за трага за над 1600 лица.
Борел: Семејствата имаат право да ги знаат судбините на нивните роднини
Шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел, го поздрави усвојувањето на Декларацијата.
Во соопштението на Борел се наведува дека „двете страни го препознаа прашањето за исчезнатите лица како хуманитарно и ја истакнаа итната потреба од дополнителни заеднички напори за ублажување на состојбата на погодените семејства и пошироката заедница“.
Тој додаде дека инволвираните страни се обврзале на следниот состанок да ги договорат оперативните детали како дел од дијалогот за нормализација на односите на ниво на главните преговарачи.
Борел потсети дека има 6.065 предмети на исчезнати лица, во периодот од 1 јануари 1998 до 31 декември 2000 година. Од нив 1.621 останале нерешени.
„Повеќе од дваесет години подоцна, нивните семејства продолжуваат да живеат со тага, без да знаат каде се нивните најблиски. Семејствата имаат право да ја знаат судбината на нивните роднини, како и целото општество“, се вели во изјавата на Борел.
И Заедницата на општини со српско мнозинство на агендата
Втората тема на средбата, која се одржа на 2 мај, беше поврзана со процесот на формирање на Заедница на општини со српско мнозинство на Косово.
Двете страни направија важен симболичен чекор кон формирање на Заедница на општини со српско мнозинство, изјави шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел.
„Тоа е договорено пред десет години. Конечно, денеска тим составен од Срби од Косово им го претстави првиот Нацрт на страните. Тоа не е конечен нацрт. Тоа е почетната точка“.
Борел рече дека презентацијата на Нацртот е важен чекор од договорот и го поздрави фактот што е презентиран Нацртот. Тој додаде и дека Заедницата треба да се формира согласно договорите од 2013 и 2015 година според постоечките европски модели.
Данијела Вујичиќ од Управувачкиот тим за Нацрт-статутот рече дека по „пет години имале можност да го претстават Нацртот завршен во 2018 година“.
„По 30 минути, кои ЕУ ги даде за овој формат, ми беше невозможно да презентирам 67 членови и девет поглавја од Нацрт-статутот на заедницата. Големата работа на самата делегација сега е да ја чита член по член“.
Таа прецизираше дека нацртот бил правен четири месеци, од април 2018 до август 2018 година.
Заедницата на општини со српско мнозинство треба да се состои од општините Грачаница, Штрпце, Клокот, Ранилуг, Партеш, Ново Брдо јужно од Ибар и Северна Митровица, Звечан, Лепосавиќ и Зубин поток, на северот на Косово.
Управувачкиот тим е предвиден со Договорот за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија од 2013 година, со цел да напише статут за формирање на Заедница на општини со српско мнозинство. Тимот треба да го сочинуваат претставници на четири општини од северот.
Ова е прва средба на лидерите на Србија и на Косово по средбата во Охрид на која на 18 март се договорија за анекс на имплементација на договорот за патот кон нормализација на односите меѓу двете стани. На средбата во Брисел одржана на 27 февруари тие го договорија текстот на договорот.
За разлика од претходните средби, овој пат домаќините на средбата, шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, и специјалниот претставник на ЕУ за дијалог, Мирослав Лајчак, не остварија одвоени средби со делегациите, туку директно отидоа на трилатерален состанок.
И Ескобар во Брисел поради дијалогот
Специјалниот американски пратеник за Западниот Балкан Габриел Ескобар исто така е во Брисел.
Во поголемиот број случаи, за време на разговорите од дијалогот на највисоко политичко ниво, и Ескобар престојува во Брисел и има состаноци со вклучените, но не во просториите каде што официјално се одржува дијалогот, со оглед дека се работи за процес под покровителство на ЕУ. Пред почетокот на состанокот, Ескобар се сретна со Курти.
Американската страна од овој состанок очекува напредок, особено по прашањето за процесот на формирање на Заедницата на општини со српско мнозинство на Косово.
види ги сите денешни вести
Европската комисија не се откажува од планот за укинување на Ковид фондот

Европската комисија останува на планот следната година да биде укинат Инструментот за закрепнување и отпорност (РРФ) од Ковид пандемијата, вреден 650 милијарди, и покрај противењето на ваквата идеја на некои од поголемите земји членки на ЕУ, како Италија, Шпанија и Полска, јавува МИА.
Според дипломатски извори, Еврокомисијата се очекува в среда (4 јуни) да соопшти дека Инструментот ќе биде укинат во 2026 година, како и што е планирано, затоа што нема законски основи за негово продолжување.
Извори од ЕК посочуваат дека и покрај притисокот од некои земји, Правната служба на ЕУ ја отфрла можноста за продолжување на важноста на фондот, со образложените дека за такво нешто е потребна промена на законската регулатива за неговото создавање.
Но, за таквата промена неопходна согласност од сите членки на ЕУ, што е малку веројатно имајќи предвид дека дел земјите од северниот дел на Унијата, пред се Германија и Холандија, се противат на дополнителни трошоци со продолжување на важноста на Инструментот за закрепнување и отпорност.
Согласно регулативата за создавање на Инструментот, земјите членки на ЕУ имаат право да поднесуваат барања за исплата на средства од овој инструмент до 31 август 2026 година, кои би требало да им бидат исплатени најдоцна до 31 декември следната година.
Во вакви услови, некои од земјите членки на ЕУ се обидуваат максимално да ги искористат преостанатите бесплатни грантови од фондот, кој беше создаден во 2021 година за финансиска поддршка на закрепнувањето на Европа по Ковид пандемијата за период од пет години.
Средствата од Инструментот за закрепнување и отпорност беа исплаќани во замена за исполнување на одредени барања и цели, но бидејќи дел од земјите не успеваа да ги остварат во предвидените рокови, исплатите на средствата од Фондот за нив доцнеа, па така од предвидените 648 милијарди евра, досега во форма на грантови и заеми се исплатени околу 315 милијарди евра.
За тоа неисполнување на поставените цели, во голема мерка вината се припишува на енергетската криза и растот на инфлацијата, предизвикани од руската инвазија врз Украина во февруари 2022 година.
Во пресрет на истекот на важноста на Инструментот, ЕК им препорача на земјите членки да ги изменат и прилагодат своите планирани цели, за да можат максимално да ги искористат преостанатите средства од Инструментот.
Соочени со реалниот ризик од губење на средствата, некои земји почнаа да смислуваат „иновативни решенија“ за да обезбедат исплата на пари пред згаснувањето на фондот.
Така, Полска реши да ги пренамени средствата за кредити за зелени проекти за финансирање на иницијативи поврзани со одбраната, за што ЕК веќе и одобри 6 милијарди евра. Иако овие средства не може да се користат за купување оружје и одбранбена опрема, сепак можат да се употребат за проекти за „двојна“, цивилна и воена намена.
Бугарскиот парламент усвои нова резолуција во врска со напредокот на Северна Македонија кон ЕУ

Бугарскиот парламент усвои резолуција во врска со напредокот на Република Северна Македонија во процесот на пристапување кон Европската Унија. Беше едногласно поддржана со 194 гласа „за“, јавува БТА.
Во резолуцијата, поднесена од Тошко Јорданов (ИТН) и група пратеници, се наведува дека Бугарија останува целосно посветена на европскиот консензус од јули 2022 година и ги повикува властите во Република Северна Македонија строго да ги спроведуваат договорите што ги прифатија.
Во документот се нагласува дека се неприфатливи какви било обиди во рамките на форматите и институциите на ЕУ за повторно преговарање, заобиколување или игнорирање на елементи од веќе постигнатите договори.
Во него се истакнува дека европскиот консензус е договор меѓу земјата кандидат за членство во ЕУ, од една страна и Унијата како целина, од друга страна и затоа не претставува билатерално прашање. Меѓудругото, се истакнува дека европскиот консензус се заснова на Заклучоците на Советот на ЕУ од јули 2022 година, преговарачката рамка на Република Северна Македонија и заедничките протоколи меѓу Бугарија и Република Северна Македонија за спроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, потпишан на 1 август 2017 година.
Националното собрание ги повикува институциите на ЕУ да продолжат со напорите за гарантирање на правата на Бугарите во Република Северна Македонија, како и на другите заедници, вклучително и нивното право да го зачуваат и развиваат своето културно и историско наследство, јазик, сеќавање на предците и идентитет, и да усвојат инклузивен пристап кон чувствителните прашања на националниот идентитет во мултиетничкото општество на Република Северна Македонија.
Во резолуцијата се повикуваат меѓународните организации строго да го следат спроведувањето на највисоките стандарди во областа на заштитата на човековите права во Република Северна Македонија, да реагираат и да преземат соодветни мерки во случаи на насилство, дискриминација, говор на омраза, институционален притисок или други форми на репресија против Бугарите или претставници на други заедници во Северна Македонија.
Се наведува и дека Националното собрание очекува, во спроведување на европскиот консензус од 2022 година, Република Северна Македонија да развие и презентира Акциски план за заштита на правата на лицата кои припаѓаат на малцинства или заедници, кој ќе го придружува Патоказот за владеење на правото. Овој план, чија имплементација ќе се следи во текот на целиот процес на пристапување на Северна Македонија во ЕУ, треба да содржи јасни, мерливи и ефикасни мерки за заштита на човековите права на ранливите групи во општеството на Република Северна Македонија, се наведува во усвоената одлука.
Во одлуката, исто така, се наведува дека Народното собрание им дава силна и непоколеблива поддршка на сите Бугари во Република Северна Македонија и инсистира на недискриминаторски третман кон нив. Исто така се предлага Советот на министри да ја достави одлуката до Советот на ЕУ, Европскиот парламент, Европската комисија, како и до Советот на Европа.
Во причините за одлуката се наведува дека Европскиот парламент е пред усвојување на резолуции за извештаите на Европската комисија за напредокот на земјите-кандидатки за членство во ЕУ.
Првиот значаен чекор во одобрениот механизам во врска со напредокот на Република Северна Македонија е вклучувањето на Бугарите во Уставот, на рамноправна основа со другите народи во земјата. Ова, како што се наведува, ќе им гарантира правна еднаквост во мултиетничкото општество за кое Република Северна Македонија постојано тврди дека успешно го изградила.
Сепак, обврските наведени во европскиот компромис од 2022 година се далеку од тоа да бидат ограничени само на уставни измени. Исто така, содржи голем број други клучни елементи.
„Очекуваме Република Северна Македонија да развие Акциски план за заштита на правата на лицата кои припаѓаат на малцинства или заедници, чие строго спроведување ќе го следи Европската комисија. Очекуваме јасни, мерливи и ефикасни мерки за спречување, истражување и казнување на случаи на говор на омраза и злосторства од омраза против Бугарите во Република Северна Македонија“, се наведува во образложението на подносителите на документот.
Тие забележуваат дека парламентот со особено внимание ги следи судењата против граѓани кои отворено го потврдуваат својот бугарски идентитет, вклучувајќи го и случајот на Љубчо Георгиевски.
„Очекуваме независното судство да продолжи да се води исклучиво од принципите на правото и да ја задржи својата неутралност од обидите за инструментализирање на елементи од политичкиот процес“, наведуваат подносителите на петицијата.
Во причините се наведува и дека на политичко ниво, негативната реторика кон Бугарија ескалира и се сугерира дека причината за заостанувањето на земјата се претензии од бугарската држава.
Хамас го отфрли предлогот на САД за прекин на огнот во Газа

Израел се согласи со предлогот на Соединетите Држави за прекин на огнот во Газа, соопшти Белата куќа, а Хамас, кој е прогласен за терористичка организација од САД и ЕУ, соопшти дека го разгледува планот иако неговите услови не ги исполнуваат барањата на групата.
Како што се ширеше системот за дистрибуција на храна поддржан од САД на опустошената територија, израелските медиуми објавија дека премиерот Бенјамин Нетанјаху им рекол на семејствата на заложниците во Газа дека Израел го прифатил договорот презентиран од претставникот на американскиот претседател Доналд Трамп за Блискиот Исток, Стив Виткоф.
Канцеларијата на Нетанјаху не ги потврди извештаите, но портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, им изјави на новинарите во Вашингтон дека Израел го потпишал предлогот.
Таа не ја прецизираше нејзината содржина. Сепак, во нацрт-договорот во кој увид имаше Ројтерс во петокот се предлага 60-дневен прекин на огнот и ослободување на 28 израелски заложници, живи и мртви, во првата недела и ослободување на 125 палестински затвореници осудени на доживотен затвор и останките на 180 мртви Палестинци.
Планот, за кој се вели дека е гарантиран од Трамп и посредниците Египет и Катар, вклучува испраќање помош во Газа штом Хамас ќе потпише договор за прекин на огнот.
Планот предвидува Хамас да ги ослободи последните 30 заложници штом ќе се воспостави траен прекин на огнот. Сепак, висок функционер на Хамас подоцна изјави дека договорот е во спротивност со претходните разговори меѓу преговарачите на групата и Виткоф.
Функционерот за Би-Би-Си изјави дека понудата не вклучува гаранции дека привременото примирје ќе доведе до траен прекин на огнот, ниту враќање на хуманитарниот протокол што дозволуваше стотици камиони со помош да влегуваат во Газа секој ден за време на последното примирје.
Сепак, тој рече дека Хамас останува во контакт со медијаторите и ќе го достави својот писмен одговор навремено.
Израел започна воена кампања во Газа како одговор на прекуграничниот напад на Хамас на 7 октомври 2023 година, во кој загинаа околу 1200 луѓе, а 251 беа земени како заложници.
Досега, Израел обезбеди враќање на 197 заложници, од кои 148 се живи, главно преку два привремени договори за прекин на огнот со Хамас.
Според Министерството за здравство на територијата, најмалку 54 249 луѓе се убиени во Газа за време на војната, вклучувајќи 3986 откако Израел ја продолжи својата офанзива.
САД апелираат Русија да го прифати тековниот договор за крај на војната во Украина

Претставникот на САД во Обединетите нации му порача на Советот за безбедност на ОН на 29 мај дека договорот што сега се нуди за завршување на војната во Украина е најдобриот можен исход за Русија и дека претседателот Владимир Путин треба да го прифати.
Продолжувањето на војната не е во ничиј интерес, изјави Џон Кели, вршител на должноста заменик-претставник на САД во ОН, предупредувајќи дека САД би можеле „да размислат за повлекување“ од своите преговарачки напори ако Русија „донесе погрешна одлука да ја продолжи оваа катастрофална војна“.
Кели додаде дека дополнителните санкции против Русија се уште се на маса.
Кремљ претходно, на 29 мај, објави дека чека одговор од Киев на неговиот предлог за нови разговори во Истанбул на 2 јуни.
„Колку што ми е познато, сè уште не е добиен никаков одговор... Мораме да почекаме одговор од украинската страна“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Главниот советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина е подготвена да учествува, но дека прво сака да ги види предлозите на Русија за завршување на војната.
„Украина е подготвена да присуствува на следниот состанок, но сакаме да се вклучиме во конструктивна дискусија. Тоа значи дека е важно да се добие рускиот нацрт“, се вели во соопштението на Андриј Јермак.
Песков го нарече тоа барање „неконструктивно“.
Украина објави дека веќе ѝ ја доставила својата визија за мировен договор на Русија.
Зеленски ја обвини Русија дека се впуштила во „уште една измама“ со тоа што не го доставила својот мировен предлог пред предложениот состанок во Истанбул.
„Никој не го видел дури ни таканаречениот „меморандум“ што го ветија и, очигледно, го подготвуваа повеќе од една недела“, рече Зеленски во своето видео обраќање вечерта.
„Украина не го сфати тоа. Нашите партнери не го сфатија. Дури ни Турција, која беше домаќин на првиот состанок, не го сфати новиот дневен ред. И покрај спротивното ветување, пред сè до Соединетите Држави, до претседателот Трамп: Уште една руска измама“, рече Зеленски.
Други говорници пред Советот за безбедност, исто така, се осврнаа на војната во Украина и мировниот процес.
Заменик-секретарката на ОН за политички прашања, Розмари Дикарло, му рече на Советот дека надежта за преговори е „едвај“ жива, а „претпазливата надеж“ што ја изрази пред еден месец исчезна поради неодамнешните напади.
Масивниот бран напади во текот на викендот е предупредување за тоа колку брзо војната може да достигне нови деструктивни нивоа, рече таа.
„Понатамошната ескалација не само што би ја зголемила катастрофалната бројка на цивилни жртви, туку би ги загрозила и веќе предизвикувачките мировни напори. Надежта дека странските сили ќе седнат и ќе преговараат е сè уште жива, но едвај“, рече Ди Карло.
Таа повика на „сериозни, демонстративни и добронамерни напори“ за враќање на патот што може да доведе до праведен мир.
Ди Карло додаде дека мировниот процес нема да биде лесен и ќе одземе време.
„Но, тој не може да чека. Народот на Украина, особено, не може да чека.“
Русија објави дека ќе го искористи состанокот на 2 јуни за да презентира „меморандум“ во кој ќе ги наведе своите услови за мирно решение.
„Нашата делегација, предводена од Владимир Медински, е подготвена да ѝ достави меморандум на украинската делегација и да ги даде потребните објаснувања за време на втората рунда директни преговори во Истанбул во понеделник, 2 јуни“, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во изјава од 28 мај.
Лавров рече дека меморандумот ќе ги истакне позициите на Русија „за сите аспекти на сигурно надминување на основните причини за кризата“.
Медински, руски политиколог и поранешен министер за култура, го предводеше рускиот преговарачки тим на 16 мај за време на првата рунда директни разговори по повеќе од три години откако Русија ја започна својата инвазија на Украина.
Американскиот државен секретар Мако Рубио разговараше со Лавров и ја поздрави размената на затвореници за време на викендот, изјави портпаролката Теми Брус.
„Државниот секретар ги повтори повиците на претседателот Трамп за конструктивен дијалог со добра волја со Украина како единствен пат за завршување на оваа војна“, рече Брус.
Американскиот претседател Доналд Трамп на 28 мај предупреди дека ќе утврди во рок од „околу две недели“ за да види дали Путин е сериозен во врска со прекинувањето на борбите.
Најмалку 44 луѓе загинале во израелски напад врз централниот дел на Газа

Агенцијата за цивилна одбрана на Газа соопшти дека во израелските напади во четврток (29 мај) загинале 44 лица, вклучувајќи 23 во напад врз дом во центарот на палестинската територија.
„Четириесет и четири лица се убиени во израелските напади врз Појасот Газа“, изјави за АФП функционерот за цивилна одбрана Мохамед ал-Мугајир.
Тој додаде дека дваесет и три лица се убиени, други се повредени, а неколку се водат како исчезнати по израелскиот напад врз домот на семејството Креинави источно од бегалскиот камп Ал-Буреиџ во централна Газа.
Мугајир, исто така, извести за „две лица убиени и неколку повредени од огненото оружје на израелските сили утрово во близина на американскиот центар за помош во оската Мораг, јужен Појас Газа.
На прашање на АФП за нападот во Ал-Буреиџ и огненото оружје во близина на центарот за помош, израелската војска рече дека ги испитува.
Центарот, управуван од организација поддржана од САД, е дел од новиот план за дистрибуција на помош во Газа, за кој Израел вели дека има за цел да ги држи резервите подалеку од рацете на Хамас, но кој предизвика критики од Обединетите Нации и Европската Унија.
Снимките на АФП од Ал-Буреиџ прикажуваат Палестинци како пребаруваат низ урнатините на уништена зграда.
Во соопштението, војската соопшти дека во текот на изминатиот ден нападнала „десетици терористички цели низ целиот Појас Газа“.
„Меѓу погодените цели имало терористи, воени структури, набљудувачки и снајперски пунктови што претставувале закана за трупите на ИДФ во областа, тунели и дополнителни локации на терористичка инфраструктура“, додаде таа.
Порано овој месец, Израел ја засили својата офанзива во Газа, предизвикана од нападот на палестинската милитантна група Хамас на 7 октомври 2023 година.
Нападот на Хамас резултираше со смрт на околу 1218 лица, претежно цивили, според пресметката на АФП врз основа на официјални бројки.
Од 251 заложници заробени за време на нападот на 7 октомври, 57 остануваат во Газа, вклучувајќи 34 за кои израелската војска вели дека се мртви.
Медијаторите продолжуваат да инсистираат на прекин на огнот што сè уште е недостижен.
Министерството за здравство во Газа, управувано од Хамас, организација која САД и ЕУ ја прогласија за терористичка, соопшти дека најмалку 3986 луѓе се убиени на територијата откако Израел го прекина двомесечното примирје на 18 март, со што вкупниот број на жртви во војната достигна 54249, претежно цивили.
Меџити најави кривична пријава за Арсовска

Првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити и денеска и порача на скопската градоначалничка Данела Арсовска да се занимава со своите надлежности. Тој најави и пријава против неа за, како што рече, лажни тврдења во врска со објектот во Чаир пред кој се сликала и го објавила.
Меџити овој случај го квалификува како „последен обид и план на Ахмети за дестабилизација преку општините“.
„Добро што Данела се појави зашто четири години не сме ја виделе. И кога очекувавме дека ќе каже нешто за ветеното, а несработеното во Чаир и Скопје, таа изигрува инспектор, контролор, но заборава дека јавните претпријатија се пред банкрот и ова е најлошо управување на Скопје откако памти историјата, заедно со ДУИ и Левица“, истакна Меџити.
Според него, не треба да се заборави обидот на ДУИ и Али Ахмети за дестабилизиација на државата кој имаше план А, Б, Ц, а последниот беше со Таравари, но пропадна. Сега, дополни Меџити, инструментот е Данела Арсовска за дестабилизиација преку општините.
„Ова е последниот план на Ахмети, овојпат не преку Таравари и други актери, туку преку Блерим Беџети, шефот на парламентарната група, Левица и инструментот е Данела Арсовска за дестабилизиација преку општините. Ако се работи за дивоградби, нема општина што нема дивоградби. Добро е што Арсовска почна од Чаир, но добро е да ја видиме и во Сарај, во Шутка каде што се нејзините партнери, добро е да каже за синот на шефот на парламентарната група Блерим Беџети кој има 17 години и Договор за интелектуални услуги во ЈП „Комунална хигиена“ каде директор е човек на Блерим Беџети. Не случајно се давиме во ѓубре на ниво на Град Скопје, добро е Данела да се занимава со нејзините надлежности, а не со друго“, нагласи Меџити.
Во врска со локалните избори, информира дека се во тек разговорите, но и се чекаат анкетите од различните агенции за Вреди да ги даде најдобрите и најсоодветните кандидати.
Тој очекува и да се зголемува бројот на пратеници во Вреди, а мисли и дека веќе, како што истакна, е зголемен.
Несогласувањата во коалицијата Вреди почнаа пред повеќе од еден месец кога Алијансата за Албанците предводена од Таравари реши на претстојните локални избори да настапат со свои листи за советници. По оваа одлука неговите коалициските партии во Вреди го обвинија за соработка со опозициската ДУИ и одлучија коалицијата да стане партија, но без Алијансата.
ОН: Руските напади со дронови во Херсон се воени злосторства

Руската војска извршила воени злосторства и злосторства против човештвото во нападите со беспилотни летала врз цивилни цели во јужниот украински регион Херсон, се наведува во новиот извештај на Обединетите Нации.
Извештајот на Независната меѓународна комисија за истрага за Украина, објавен на 28 мај, беше најновиот доказ што укажува на можни злосторства кои биле наводно извршени од руски цивилни или воени власти во Украина.
„Руските вооружени сили извршија злосторства против човештвото, убиство и воени злосторства како напад врз цивили, преку повеќемесечен модел на напади со беспилотни летала насочени кон цивили на десниот брег на реката Днепар во покраината Херсон“, се вели во извештајот на комисијата.
Кон крајот на 2022 година, неколку месеци по почетокот на тоталната инвазија, украинските сили успеаја делумно да ги истиснат руските трупи од регионот Херсон. Руските сили се повлекоа од западните брегови на реката Днепар, преку реката на исток, која е исто така дел од регионот Херсон.
Оттогаш, руските трупи продолжија да бомбардираат градови на спротивниот брег, вклучувајќи го и градот Херсон. Украинските сили се обидоа во 2023 година да воспостават фронт на источните брегови на Днепар, за да ги потиснат руските трупи подалеку, но тој обид не успеа.
„Речиси 150 цивили се убиени во кампањата со беспилотни летала што, според комисијата, започнала во летото 2024 година, а стотици други се ранети додека ги извршувале сите секојдневни рутини во и надвор од своите домови. Операторите на беспилотни летала користеле видео преноси во реално време за да ги следат и напаѓаат цивилите“, се вели во извештајот.
Амбулантни возила, кои се заштитени според меѓународното право, исто така биле цел на напади.
Руските напади „беа извршени со примарна цел да шират терор меѓу цивилното население, кршејќи го меѓународното хуманитарно право“, соопшти експертскиот панел, кој работи во рамките на Советот за човекови права на Обединетите Нации.
Меѓународниот кривичен суд, кој работи независно од Обединетите Нации, покрена обвиненија за воени злосторства и злосторства против човештвото против претседателот Владимир Путин и еден врвен советник на Кремљ за надгледување на присилното преместување на десетици илјади деца од украинските територии окупирани од Русија.
Судот, исто така, покрена обвиненија за воени злосторства против двајца врвни руски воени офицери за наведување на ракетни и беспилотни летала врз украински цивилни цели, како што се електричните мрежи и станбените куќи.
Маск ја напушта позицијата специјален службеник во администрацијата на Трамп

Милијардерот и извршен директор на „Тесла“, Илон Маск, ја напушта администрацијата на претседателот Доналд Трамп откако водеше бурна кампања за ефикасност, но на крајот не успеа да ги оствари најавените заштеди што ги бараше.
„Моето планирано време како специјален владин службеник се ближи кон крајот“, напиша Маск на платформата X во среда.
Американските прописи налагаат дека таквите вработени се ограничени на 130 дена вработување, што значеше дека Маск ќе мора да ја напушти својата позиција до крајот на мај.
Сепак, некои медиумски извештаи сугерираат дека во кругот на американскиот претседател Трамп имало размислувања за продолжување на мандатот на Маск со тоа што ќе работи со скратено работно време.
Улогата на Маск како советник на Трамп е намалена во последните недели.
Пред повеќе од еден месец, Маск објави дека од мај па натаму ќе поминува „значително“ помалку време работејќи во администрацијата на претседателот.
Наместо тоа, ќе се фокусира повеќе на „Тесла“, нивната компанија за електрични автомобили, чија продажба опадна во последните недели.
Иако Маск останува близок со претседателот, неговото заминување доаѓа по постепено, но постојано опаѓање на неговиот углед.
Маск почна да навестува дека неговото време во владата завршува, понекогаш изразувајќи фрустрација што не може поагресивно да ги намали трошоците.
Маск стана лицето на напорите на Трамп да ги намали владините трошоци, иако формално не го водеше комитетот што го создаде за таа цел - Одделот за владина ефикасност, познат како DOGE, соопшти Белата куќа во судските документи.
На платформата X, Маск му се заблагодари на Трамп „за можноста да се намали расипничкото трошење“.
Маск тврди дека DOGE заштедил приближно 160 милијарди долари. Сепак, критичарите ја доведоа во прашање оваа бројка, тврдејќи дека некои заштеди се двојно пресметани или веќе биле постигнати пред да се формира DOGE.
Почнува судењето за предметот „Адитив“

Во дигиталната судница на Казнено-поправната установа „Идризово“ денеска започнува судењето за случајот „Адитив“ што се однесува на истрага за злоупотреба на јавни набавки и перење пари во врска со набавката на адитиви за јаглен за потребите на АД ЕСМ – Подружница РЕК Битола и РЕК Осломеј.
Обвинети се 31 физичко лице и пет правни лица, помеѓу кои и високи службеници од енергетскиот сектор. Осомничените лица организирале и извршиле пререгистрација на правни субјекти за да ги изиграат постапките за јавна набавка, со што овозможиле одредени компании да добијат договори и да се стекнат со значителна имотна корист.
Како што претходно соопшти ОЈОГОК, според наводите во диспозитивот првообвинетиот во случајот се гони за несовесно работење во службата, додека шестемина се обвинети за кривичните дела злосторничко здружување и злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство. На четворица од нив на товар им се става и кривичното дело перење пари и други приноси од казниво дело.
Дванаесет лица се обвинети дека сториле кривично дело злосторничко здружување и продолжено кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување, а двајца од нив сториле и кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело.
Дополнително, на четири лица им се става на товар дека ги сториле кривичните дела злосторничко здружување и перење пари и други приноси од казниво дело, додека четворица сториле продолжено кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување. Останатите четири лица се обвинети за кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело.
Одговорните компании се товарат за кривичното дело перење пари и други приноси од казниво дело, а две од нив и за продолжено кривично дело злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство.
Од Обвинителството информираат дека обвинетите управители и сопственици на правни лица откако организирале и извршиле пререгистрација на дејност на нивните правни субјекти, како економски оператори – учесници во постапки, меѓусебно се договарале да ги изиграат постапките за набавка на адитив за јаглен за потребите на АД ЕСМ – Подружница РЕК Битола и подружница РЕК Осломеј.
Понатаму, со намера да го прикријат движењето на парите за кои знаеле дека се прибавени со кривично дело Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно – приватно, дел од обвинетите припадници на злосторничкото здружение и дел од останатите обвинети примале пари, ги пуштале во оптек, извршувале пренос на паричните средства и подигнувале готовина во вкупен износ 414.776.400 денари.
Основниот кривичен суд Скопје им одреди притвор на поранешниот директор на АД ЕСМ Васко Стефанов и на уште седум лица осомничени за криминал тежок 6,5 милиони евра.
Поранешниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски, кој е недостапен за органите на прогонот, исто така е осомничен во предметот Адитив.
ОН: Го поздравуваме најавениот втор круг преговори меѓу Русија и Украина

Обединетите Нации ги поздравуваат сите напори за завршување на украинската криза, изјави денеска портпаролот на генералниот секретар на ОН, Стефан Дижарик.
„Ги поздравуваме сите напори што ќе доведат до завршување на тој конфликт во согласност со меѓународното право, во согласност со Повелбата на ОН, во согласност со сите релевантни резолуции на ОН и територијалниот интегритет на Украина“, рече Дижарик за време на брифинг.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска изјави дека руската делегација, предводена од Владимир Медински, помошник на рускиот претседател Владимир Путин, е подготвена да ѝ претстави руски меморандум на Украина на 2 јуни во Истанбул за сите аспекти на надминување на основните причини за кризата.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека повеќе од 900 ракети биле испукани врз украински цели во текот на тридневниот период што заврши рано на 26 мај. Тринаесет цивили биле убиени во нападите што се случија на 25 мај. Москва соопшти дека погодила само „воени цели“ во Украина.
Нападот од 26 мај беше најголемиот откако Русија ја започна својата инвазија пред повеќе од три години. Тоа се случи еден ден откако Трамп на социјалните мрежи објави дека Путин е „целосно луд“.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете