Тоа што за западно-европските земји е вообичаено со години наназад, а се однесува на водење изборна кампања на социјалните мрежи, ќе стане реалност повеќе од кога и да е за време на претстојната кампања за предвремените парламентарни избори во земјава.
Годинава, поради епидемијата со корона вирусот партиските активисти и пр-тимови своите креативни идеи и пораки ќе ги адресираат преку традиционалните медиуми, но со акцент на социјалните мрежи, обидувајќи се на тој начин да го заменат традиционалниот начин на водење кампања.
Официјалната кампања пред парламентарните избори трае 20 дена, но неофицијалната, особено на социјалните мрежи, веќе е започната. Во оваа кампања нема да ги гледаме големите партиски митинзи на кои навикнавме и нема да се делат пенкала, капчиња, маици или кафе од врата на врата. Но, кампања сепак ќе има.
Преселувањето на кампањата на социјалните медиуми односно ставањето акцент на нив во најголем дел го следи квалитетот и дискурсот на традиционалните медиуми, односно се пресликува од традиционалните на социјалните медиуми, вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски.
„Постои тенденција на социјалните медиуми кампањата да биде малку повалкана најмногу затоа што се тие дерегулирани, и во таа смисла помала е одговорноста за оние кои ги пласираат вестите на социјалните медиуми. Но, во основане мислам дека драматично ќе се сменат наративите заради зголемувањето на интензитетот на комуникација на социјалните медиуми“, вели Арсовски.
Видете и ова: Тролови, ботови и црна кампања на социјалните мрежи
Дека кампањата ќе биде хибридна се согласува и политичкиот аналитичар Сефер Селими. Тој очекува пожестока кампања на социјалните мрежи, што пак како што вели, носи поголема опасност од многу дезинформации кои ќе стигнуваат до гласачкото тело.
„Ние веќе видовме дека во првите денови пред да се случи пандемијата се разгоруваше јавниот дискурс меѓу партиите, што се виде преку објавувањето на тајно снимени разговори. Очекувам поради важноста на личните кариери на политичките лидери,да се надминуваат етичките граници на водење кампања, односно валкана кампања кон таргетирани фигури, пред се лидерите на партиите или главните актери задолжени за водење на битката против пандемијата“, вели Селими.
Во последните десетина години, кампањите се проширија во дигиталниот свет, а речиси и да нема политичар кој не ги користи социјалните мрежи за пренесување на пораките. Нашите соговорници сепак велат дека партиите во краткиот период кој им претстои ќе мора да пронајдат креативни решенија за да бидат сигурни дека ќе привлечат што повеќе гласови на своја сметка.
Видете и ова: Коронавирус - далеку од крајот и тежок удар врз светската стабилност
„Партиите секогаш наоѓаат нови начини да им пристапат на гласачите и тука ние не заостануваме многу, но имајте го предвид факторот време. Не знам колку ќе бидат партиите подготвени во ова кусо време да ги најдат новите канали и новите начини за комуникација бидејќи останува само уште еден месец до избори“, изјави Арсовски.
Селими додава дека партиите ќе треба да се потрудат и околу пензионерите, односно постарите лица кои не се активни на социјалните мрежи.
„Тоа ќе зависи од креативноста на партиските пр-тимови. Дали и како ќе им пристапат на постарите кои спаѓаат во ризичната категорија граѓани во ситуацијата со епидемијата. Има различни методи на комуникација и ќе зависат од тоа како партиските тимови ќе ги искористат за да стигнат до поголем број граѓани. Исто така ќе биде важно и нивото на претпазливост кое ќе го покажатполитичарите, покажувајќи на тој начин дека освен што се во трка за гласови истовремено се свесни и инвестираат во тоа да го зачуваат колективното здравје“, порачува Селими.
Социјалните мрежи досега се покажаа како многу погодни за водење „црна кампања“ против политичкиот противник. На тој начин партиите немаат никаква одговорност, зашто официјално стојат настрана.
Инаку, по месеци несогласувања за датумот кога треба да се одржат предвремените парламентарни избори, главните ривалски партии се согласија изборите да се одржат на 15 јули.
Два дена претходно, на 12 јули на полноќ, ќе настапи изборниот молк, а болните и изнемоштени лица, вклучително и оние позитивни на Ковид-19 или, пак, во самоизолација, ќе гласаат два дена, понеделник и вторник. Гласањето в среда наместо до 19 часот, ќе трае до 21 часот.
Првично изборите беа закажани за 12 април, а Собранието се самораспушти на 16 февруари и од тогаш не функционира. До нив дојде по инсистирањето на откако државава не доби датум за преговори со Европската унија на ланскиот есенски самит и покрај сменетото име во Република Северна Македонија.