Фотоволтаици за излез од енергетска криза и поефтина струја

Илустрација

Од следниот месец Владата ќе субвенционира до 30% за поставување на фотоволтаици. Дали и колку се исплати поставувањето на фотоволтаици, колку би го чинело едно семејство, и колку оваа мерка ќе помогне во енергетската криза?

Граѓаните од 1 јули годинава ќе може да поставуваат фотоволтаици за производство на електрична енергија на своите покриви со инсталирана моќ до шест киловат часови.

Притоа со законските измени вишокот на произведена струја „ЕВН хоум“ ќе биде должен да им го откупи или да им одбие од сметката кога ќе трошат повеќе од произведеното.

За оние граѓани кои ќе се одлучат да инсталираат фотоволтаици ќе може да искористат субвенции до 30 отсто од трошоците за инсталирање на фотоволтаици на покривите на домаќинствата, но не повеќе од 62.000 денари .

Во услови на енергетска криза и вртоглав раст на цените на електричната енергија, експертите од енергетиката велат дека со фотоволтаиците се заштедува значително електрична енергија поготово за домаќинства кои што ја користат дневната електрична енергија.

Колку би чинела инвестиција во фотоволтаици?

Според дел од упатените, поставувањето на фотоволтаици едно семејство за 6 киловати како што е предвидено со законските измени, би го чинело околу 4.000 евра. Инвестицијата би се вратила за три години, а најдолго за пет години.

Ѓорѓи Манасков претседател на Стопанската комора за енергетика на Македонија вели дека

„За 6 киловати цената на опремата не би требало да биде повеќе од 4.000 евра, значи тоа е некоја средна цена, може да биде поскапа или поефтина, во зависност од опремата, значи кој инвертор на која оддалеченост ќе биде кабелот поставен, кои панели ќе бидат, со кој квалитет, дали се поликристални или монокристални и сепак мислам не е лошо што побрзо сите домаќинства да го инсталираат тоа и ќе бидеме со енергетската криза ќе им се исплати“, вели Ѓорѓи Манасков, претседател на Стопанската комора за енергетика на Македонија

Видете и ова: Општините да се фокусираат на проекти за чиста енергија

Со сегашните цени на струјата и очекуваниот раст во иднина, според Манасков, инвестирањето во фотоволтаици станува многу исплатлива инвестиција.

„Македонија има од 1 400 до 2 000 максимум 1 900 сончеви саати, зависно во кој регион, средна вредност се пресметува околу 1 750 – 1 850 сончеви часови годишно, коишто цената од први јули ќе рипне многу, драстично може да се дуплира, така што ова е многу паметен чекор во прав момент, каде што цените што се инвестираат, цената на електричната енергија ќе се дуплира, може да ја вратат за некои три години да кажеме доколку се очекува да наредната година уште повеќе поскапе електричната енергија, ќе се врати и порано, а најмногу и најлоша варијанта е за некои си четири до пет години, затоа што тогаш ќе имаат бесплатна електрична енергија“, додава Манасков.

Интересот е голем и кај компаниите но административните процедури се бавни

Интересот за фотоволтаици е голем и кај компаниите, вели Претседателот на Сојузот на стопански комори, Трајан Ангелоски.

Компаниите со свои сопствени средства инвестираат и помагаат на државата со инвестирање во обновливи извори на енергија, додава Ангелоски но вели огромен проблем е што администиративните процедури се пресложени, бавни и бараат тон документација.

„Процентот на инсталирани обновливи извори во Македонија е симболичен, но постои огромен потенцијал да се инвестира во тој дел, но не гледаме причина за поставување на така сложени процедури кои бараат од компании тон документација, временски да се ангажираат по институциите и навистина тоа претставува проблем и затоа тука реагираме да се поедностават процедурите се со цел да може компаниите сами да влијаат на своите сметки и намалувањето на трошоците на електрична енергија “,вели Ангелоски.

За обновливите извори на енергија државава доцни и требаше да се случи многу порано, потенцира Ангелоски.

„Обновливите извори на енергија касниме дваесеттина година зад некои европски земји. Ова што сега се случува во Македонија требаше да се случи пред 20 години, ние доцниме и згора на тоа во целото доцнење, администрацијата со сите процедури непотребно барање на документи, едноставно ве опструрира во обезбедувањето, а од друга страна сите сакаме да имаме нели чиста човекова околина“, вели Ангелоски.

Бектеши: Има голем интерес за поставување фотонапонски панели

Министерот за економија, Крешник Бектеши информираше дека има голем интерес за поставување фотонапонски панели од страна на домаќинствата и малите потрошувачи, посебно сега откако беше објавен новиот изменет Правилник за обновливи извори на енергија.

Видете и ова: Гасификација или обновливи извори на енергија?

Информираше дека има приватни компании кои инсталираат вакви панели, а за да се монтираат треба потврда од надзор според Законот за градење, и потенцираше дека во наредниот период ќе претрпи измени со цел да се поедностават процедурите за да се стимулира зелената енергија.

„Од 1 јули ќе има нов тарифник за наплата на електричната енергија, кој ќе биде скалест, па оттука во која тарифа ќе се испорача струја од домаќинството до снабдувачот, снабдувачот во истиот период ќе има обврска по иста цена да ја пресметува електричната енергија што ја испорачува до тоа домаќинство. Нашите проценки се дека до крајот на годината ќе имаме 150-170 киловат часови инсталирана моќност од ваква инвестиција од домаќинствата и компаниите“, кажа министерот Бектеши.

Дополнително рече Бектеши дека за да се монтираат фотоволтаици потребно е домаќинството да го смени мерачот со таков кој има влез и излез на електрична енергија.

„Така вишокот на енергија домаќинствата можат со операторот да вршат размена и потоа произведената струја да се компензира или да се наплати. Ако беше дозволено четири киловати сега со новиот Правилник е дозволено производство на шест киловати. Така едно домаќинство ако искористи само два киловати вишокот на енергија од 4 киловати може да ја предаде на ЕВН кој е Универзален снабдувач. Така домаќинствата можат да вршат размена и потоа произведената струја да се компензира или да се наплати“, кажа министерот Бектеши.

Македонија во април минатата година ја усвои новата државна Стратегија за енергетика, со која е предвидено во следните две децении да бидат затворени сите термоелектрани на јаглен и земјата да направи транзиција кон обновливи извори на енергија.

Според наведеното во Стратегијата, државата треба да носи политики во енергетскиот сектор кои до 2040 година ќе обезбедат намалување на емисиите на стакленички гасови од најмалку 8 проценти во однос на 2005 година, до над 60 проценти, доколку биде остварено најдоброто „Зелено сценарио“, како што стои во документот.