Организацијата за индустриски развој на Обединетите нации УНИДО деновиве ќе објави меѓународен тендер за до крајот на ноември или почетокот на декември да биде одбрана компанија со најдобра понуда за чистење на малата депонија ОХИС каде што се складирани околу десет илјади тони линдан, велат за РСЕ од Министерството за животна средина и просторно планирање.
„Во наредните месеци ќе бидат спроведени сите процедури за да започне чистењето“, велат од Министерството.
Процесот за ревитализација на локацијата ќе биде долготраен, бидејќи како што посочуваат еколошките организации, по физичкото отстранување на токсичниот пестицид кој со децени е депониран на неколку километри од центарот на Скопје, ќе се врши мониторинг на почвата за целсно нејзино обновување.
Поради токсичноста линданот е забранет за употреба во 52 земји, додека во 33 е строго ограничен.
Во кругот на фабриката Охис во Скопје на две локации несоодветно се депонирани големи количества опасни хемикалии од процесот на производство на линданот во периодот од 1964 до 1977 годинина.
Според публикациите на Македонското еколошко друштво, постои сомневање за дополнителни количества сличен отпад неправилно депонирани на трета локација во населбата Драчево, за кој сè уште нема потврдени резултати и детални истражувања.
Проектот за чистењето на депониите во ОХИС го спроведува УНИДО во соработка со Канцеларијата за неразградливи органски загадувачи – ПОП – с при МЖСПП. Финасиите се обезбедени од Глобалниот еколошки фонд и Владата, а отстранувањето ќе се одвива контролирано од страна на обучен и стручен персонал.
Од Министерството за животна средина велат дека се завршени подготовките и анализите за почеток на чистењето на малата депонија, за што според проценките ќе бидат потребни околу шест милиони долари. Финансиската конструкција за обезбедување на средствата е веќе завршена, како и подготовката на тендерската документација во координација со УНИДО, велат од МЖСПП.
Чистењето на големата депонија „е следна фаза“ откако ќе биде завршена малата депонија и во зависност од технологијата која ќе биде избрана на тендерот за малата депонија и понудената цена за тон, се проценува дека за неа ќе бидат потребни од 50 до 60 милиони долари.
Партнер на Канцеларијата за неразградливи органски загадувачи – ПОП – с при МЖСПП во спроведувањето на проектот е Македонското еколошко друштво (МЕД), кое исто така изработи истражување за нивото на свеста на локалното население за конкретниот проблем.
„Многу е важно да се истакне дека не станува збор за техничко отстранување на овој загаден материјал, туку станува збор за подолгогодишен процес, којшто откако ќе се исчисти линданот ќе треба да се врши мониторинг на почвата и да се размислува како да се ревитализира тоа подрачје, особено поради фактот дека сите истражувања до сега имаат покажано оти примероци со линдан во подземните води се најдени на поголема оддалеченост од самата локација“, вели Фросина Пандурска Драмиќанин од МЕД.
Депониите со линдан на ОХИС се најопасни за животната средина, според податоците добиени при дефинирањето на 16-те индустриски жешки точки, бидејќи илјадници тони линдан помешан со земја е депониран повеќе од четириесет години во дворот на поранешната фабрика Охис во Скопје.
Канцерогената супстанца е детектирана во воздухот, подземните води и почвите, а токсините од пестицидот, кој во светот е забранет од 2006 година со ставењето на листата Перзистентни органски супстанци според Стокхолмската конвенција на ОН, се присутни и на покривите на зградите на фабриката.
Според податоците од проект документот на УНИДО за чистењето на депониите, над 470 илјади граѓани на Скопје и околината, како и 700 работници, потенцијално секојдневно се изложени на линданот кој претставува ризик со можни канцерогени ефекти врз нивното здравје: рак на црн дроб или бубрези, болести на имунолошкиот систем и други неканцерогени ефекти.
Жителите кои живеат во близина на депониите ги употребуваат подземните води за наводнување на нивните градини и ниви и потоа домашниот зеленчук е дел од нивната исхрана, но изложени се и на ситни честички од линданот кои се транспонираат преку ветерот, се вели во документот.
Почвите околу фабриката се загадени на длабочина од околу еден метар, но најголемите концентрации се на изомерите ХЦХ кои се под двете депонии каде почвите се загадени над 100 пати повеќе од интервентните граници според холандските стандарди, бидејќи државата нема закон за заштита на почвите.
Според истражувањето на МЕД, висока е свеста кај локалното население во однос на севкупното загадување во нивната околина, не само на почвите и подземните води, туку и за аерозагадувањето.
„Тоа истражување ни покажа и еден друг податок дека повозрасното население кое на некој начин директно и индиректно некогаш било вклучено во работата на фабриката Охис, има подобро познавање за тоа што е линдан, додека помладите немаат слушнато за штетното влијание на линданот“, вели Пандурска Драмиќанин.
Жителите сакаат да бидат информирани целосно за проблемот, главно преку електронските медиуми, покажуваат резултатите од истражувањето на МЕД направено од 210 испитаници во скопските општини Аеродром, Кисела Вода и Гази Баб кои биле анкетирани „лице в лице.“
„Нашата кампањата нема да застане тука. Во следниот период, откако ќе се знае која компанија е избрана за спроведување на самото чистење, МЕД ќе има улога да го информира, не само локалното население, туку и пошироката јавност во однос на начинот на отстранување на загадената почва“, вели Пандурска Драмиќанин.
Пред почетокот на чистењето на линданот, во Град Скопје ќе биде одржана и јавна дебата која ќе биде отворена за секој што сака дообие одговори во врска со процесот, за кој во меѓувреме ќе се прават обиди за обезбедување средства за чистење на големата депонија.