Изјавата на шефицата на бугарската дипломатија, Екатерина Захариева, за една приватна бугарска телевизија дека од заеднички интерес е што Бугарија ја признава реалноста, а Македонија треба „да ја признае историјата” ги разлутила посетителите на нашата веб страница. „Да не ја поделеа Македонија вие ќе јадевте камења и песок” – коментира Зоран Младеновски, а Љупчо Јоксимовски напишал: „Ова ко на пазар... дај ми да ти дадам”, и постирал еден смешко со заби. Постот на Ахмед Ибраимов гласи: „Ој па ја разбери”. Мирче Дисоски е поостар: „Време е, а и од заеднички интерес е да му се извините официјално на македонскиот народ за сите злодела извршени за време на бугарската фашистичка окупација на Македонија”.
Видете и ова: Пендаровски и владата се дистанцираат од ставовите на Малески
И по последниот извештај на Министерството за здравство дека во земјава има 5 новозаразени и 95 оздравени пациенти од коронавирусот покажува дека дел од нашите граѓани продолжуваат да не веруваат дека Ковид-19 навистина постои и дека луѓето умираат од компликации од вирусот, па за Лилјана Томовска е „дегутантно” што „овие месеци”, вели, „само од корона се умира. Што е со починатите од карцином, кардиоваскуларни заболувања, од сообраќајни несреќи...” Има и повеќе коментари за починатиот 95-годишен пациент од Куманово кои отсликуваат малку или никаква почит кон него за сметка на неговите години и тие постови нема да ги објавиме.
Непослушни колку и заразени со коронавирусот
Полицијата бележи 4 самоубиства откако почнаа рестриктивните мерки во земјава поради коронавирусот, од кои, засега, само еден е поврзан со Ковид-19, и тоа ги предизвикало посетителите на веб страницата на РСЕ да го искажат, најблаго речено, несогласувањето со нив. Потпишан со Дарко Хиохи постирал: „Еве ви го резултатот од мерките ваши!”, но Кире Ц. Нестороски му реплицира: „Малце е за нас”. Бекир Кадриески со хиперреалистичен пост: „Се знаеше дека ќе дојде до овој степен, сите пратете ги во лудница на терапија”. Тони Адамчески препорачува: „Прекинете со мерките и сѐ ќе биде добро”.
Видете и ова: МИМ: Пандемијата покажа колку се важни проверени информации
Барем според постовите и коментарите на нашава веб страница, граѓаните изгубиле верба и во новинарската фела. Повикот на Здружението на новинарите и Независниот синдикат на медиумски работници за солидарност и поддршка за нив кои, како што се вели во апелот, „во последниве два месеца се соочуваат со големи здравствени, безбедносни, финансиски и етички предизвици во обидот правилно и навремено да ја информираат јавноста за случувањата во врска со пандемијата” наишол на повеќе негативни реакции. За Крешимир Крешо Здравески сите новинари се „корумпирани”, а Тоше Алексоски револтирано извикува: „Ма какви новинари, бре! Платена багра!” Горан Сретенoвиќ со совет: „Треба да се потрудите многу повеќе, и повеќе објективност, за да добиете поддршка од народот! Така и јас можам да бидам ʼновинарʻ кога ќе ми напишат/кажат што да презентирам! Вие треба да сте темелот на една држава, а не кровот!”