Што ќе правиме со парите ако сѐ е затворено - Вие коментирате

Според коментарите на читателите на Радио Слободна Европа, граѓаните не сакаат да седат дома и да ги почитуваат мерките за забрана за движење, не сакаат ниту да плаќаат сметки и покрај најавите дека сметките за парно и за струја ќе бидат на рати и без камати, а велат и дека џабе се субвенции за тутунарите, ако нема кај да ги трошат парите.

Редакцијата на РСЕ на македонски им го честита Велигден на граѓаните и во фотогалеријата забележува: „Молитва во храмовите, свеќи на балконите“. Златко Крстевски, како да ја превидува пандемијата со Ковид 19, постирал: „Му го испраа мозокот на народот да не се посетуваат божјите храмови“. Хасан Арифи, пак, со спротивно мислење: „Сите беа во црква, не лажете... честит ви празник, така треба“. Јилбер Гаши со спротивен коментар: „Не беа сите, не лажете. Срам да ви е за двојните стандарди“.

Видеото со наслов, „Велигденска литургија без верници во Св. Климент Охридски“ на нашата веб-страница ја искоментирал само Доганџиски Милан: „Кога Исус воскреснувал пред 2 илјади години имало ли сведоци или верници во црквите ноќта сабота спрема недела???“

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Велигденска литургија без верници во Свети Климент Охридски

Но затоа мислењето на министерот за здравство, Венко Филипче, дека на почетокот на мај очекува бројот на новодијагностицирани пациенти да се намалува, и дека тоа ќе доведе до попуштање на рестриктивните мерки, посетителите на нашата ФБ страница главно ја дочекале со над 70 негативни коментари за забраната за движење. Турхан Ќамил е еден од ретките со умерено мислење и ја разбира тежината на работата на министерот, но му пречи долгото седење дома, па вели: „Ве молам после празникот нека се реши овој проблем, кој ќе остане дома нека остане, ама младите со некои ваши мерки пуштете ги да работат, ова е неиздржливо“. Ана Јакимова му одговара на Турхан Ќамил: „Секаде има карантин и секаде луѓето се поддржуваат едни со други и не кукаат! Колку повеќе се изолирани толку помалку ќе има инфицирани и ќе заврши побрзо“.

Дел од граѓаните на нож ја пречекуваат и изјавата на Марко Бислимовски, претседател на Регулаторната комисија, во неделното интервју на нашево Радио, дека сметките за струја и парно ќе може да се плаќаат на рати. Спасе Гоца реагира дека граѓаните се оставени дома да трошат струја, а цената не се намалила, а Џезми Халипи постирал: „Сметките платете ги вие, дајте им пари на граѓаните па да ви платат сметки...“ Благица Смилева коментирала: „... Од каде тие рати да ги најдеме?! Никакви сметки до крајот на годината. Барем во нешто да се помогнеше, доста помош добивте, а за народот ништо“, па прашува каде заминале тие пари.

Тутунарите ги добија своите субвенции и оние што имаат картички ќе може да ги подигаат парите од банкомати, а другите распоредени во неколку дена, во банките, но кај граѓаните повторно незадоволство. „Глупости! Што ќе прајме со парите ако сѐ е затворено?“ – постирал Азем Асановски, а Седит Бекировски му реплицира: „Вие ни води ни терај. Ако не ви дадат пари пиштите парите, парите, кога ќе ви дадат – зошто ни се парите, нема кај да ги трошиме. Па земи ги, дај му ги на комшијата, белки тој знае кај да ги потроши“.