Турција постојано го отвора прашањето за екстрадиција на наводни приврзаници на движењето ФЕТО од земјава и се жали на несоработка од македонските власти, но тешко дека тоа прашање може да ги наруши односите меѓу двете земји, велат домашните аналитичари. Македонските власти, пак, повторуваат дека прашањата ги решаваат согласно законите.
Видете и ова: Ќе и бидат ли на Турција испорачани членовите на ФЕТО?Турскиот амбасадор Хасан Мехмет Секизќок, зборувајќи по повод 15 јули – Денот на демократијата и националното единство на Турција, рече дека бараат депортирање од земјава за 86 лица, а за 20 нив се бара екстрадиција. Тие се осомничени за поврзаност со движењето ФЕТО на проповедникот, Фетулах Ѓулен, кого Анкара го смета за организатор на обидот за воен удар во земјата пред пет години.
„Сите овие барања се испратени до надлежните на Северна Македонија, но засега не е преземен чекор во оваа насока“, рече тој.
Во Министерството за правда, пак, само кусо ни одговорија дека македонските власти соработуваат со турските органи за ова прашање.
„За случаите и лицата за кои прашувате ќе се постапува согласно домашните закони и меѓународните стандарди и договори“, велат во Министерството.
Аналитичарот Алберт Муслиу вели дека ваквата ситуација нема да ги влоши односите меѓу Македонија и Турција.
„Согласно меѓународните стандарди, сите случаи се индивидуални и сите случаи може да се спроведат низ институциите на системот на индивидуално ниво. Ако има правосилни судски одлуки за одредени луѓе, верувам дека Турција би побарала екстрадиција и би ја добила, но не може таа да се спроведе со некој список и луѓето просто да се притворат и да се екстрадираат, затоа што ние имаме обврски и кон меѓународните институции“, вели тој.
Турскиот амбасадор рече дека структурите на ФЕТО „продолжуваат да бидат присутни во земјава затскриени зад превези како образовни институции и трговски друштва“.
Видете и ова: Чавушоглу: Борбата против ФЕТО е важна и за МакедонијаТурската новинска агенција Анадолија, неколку дена по неуспешниот пуч во 2016 година, објави список со фирми во Македонија кои се сметаат за блиски до Ѓулен. Први на листата, според агенцијата, се основните и средните училишта „Јахја Кемал“ во Скопје, Тетово, Гостивар, Струга и во Струмица, потоа неделникот „Заман Македонија“, организацијата „Седеф“, туристичката агенцијата „Башак“, потоа компанијата за транспорт „Реинбоу“ и ланецот од маркети ЕВАР, сите во Скопје, како и организацијата „Здружение на бизнисмени“(Makedonya İş Adamları Birliği – MİBA), и Фондациите „Шафак“и „Толеранс“.
Во Јахја Кемал уште пред пет години реагираа дека немаат никаква поврзаност со ФЕТО.
„Немаме никаква конекција со движењето Фето, не се ни основачи, не се ни сопственици, никогаш немале донација. Ова е приватна македонска фирма која има седум сопственици и е автохтон македонски бренд“, рече тогаш Сурија Таук, директор за односи со јавноста во Јахја Кемал.
И во Зaман Македонија рекоа дека нивното финансирање е чисто и заработуваат од продажба и од реклами, но оти не можат да ги премолчат „недемократските чекори на Ердоган“.
Инаку, турските претставници го отвораат ова прашање на речиси секоја средба со македонските власти. Министерот за правда Бојан Маричиќ во април годинава ја посети Турција и се сретна со неговиот колега Абдулхамит Ѓул. Во соопштението по посетата се наведува дека разговарале за дигитализација. Сепак, во турското соопштение, кое го пренесе Агенцијата Анадолија се наведува дека „Ѓул ја истакна посветеноста на Турција и значењето што го придаваат на соработката за борбата против тероризмот, првенствено против ФЕТО“.
Во 2019 година, турската амбасада соопшти дека „Турција е разочарана од братска Македонија“ зашто не ја дала очекуваната поддршка во борбата против терористичките организации.
На 15 јули 2016 година во Турција беше извршен обид за државен удар. Турските власти обвинуваат дека зад обидот за пуч стојат Ѓулен и припадници на неговото движење инфилтрирани во Вооружените сили на Турција. При обидот за пуч загинаа 251 лице, а над 2.000 беа ранети. Илјадници луѓе беа осудени за вмешаност во пучот, а неколку стотици на доживотен затвор. Десетици илјади луѓе беа отпуштени од работа во јавниот сектор за поврзаност со движењето ФЕТО.