Премиерот Димитар Ковачевски информираше дека во новиот францускиот предлог за решавање на спорот со Бугарија и отворање на преговорите за Македонија со ЕУ, историските прашања и Протоколот од Договорот за добрососедство не се дел од преговарачката рамка. На прес конференцијата која ја одржа по владината седница на која бил разгледан предлогот од француското претседателство за спорот со Бугарија тој рече дека Владата има план и стратегија која дала резултат, односно забелешките за претходниот предлог кој не беше прифатлив за нас се прифатени и се содржани во новиот предлог.
Видете и ова: Ковачевски најави широки консултации за модифицираниот француски предлог„Нашите забелешки беа историските прашања да не бидат дел од преговарачката рамка и тоа е содржано во овој предлог-документ кој е доставен и се разгледува во Министерството за надворешни работи. За сите други детали министерот ќе има консултации и ќе бидат презентирани на медиумите и на сите заинтересирани страни“, рече Ковачевски.
Официјалните ставови ќе бидат соопштени откако предлогот ќе ги помине филтрите на сите засегнати институции, додаде Ковачевски и најави дека ќе следи широк консултативен процес, со владината коалиција, а потоа и со претседателот на државата, со Парламентот и со опозицијата, како и со граѓанскиот сектор, експертската и севкупната јавност во земјата.
Прашан дали протоколот од Договорот за добрососедство со Бугарија не е дел од преговарачката рамка, Ковачевски рече дека во однос на одвивањето на самиот процес на претпристапни преговори со ЕУ, тоа е дефиниран процес во рамки на Унијата којшто е дел од стандардите во ЕУ, како и дел од преговарачката рамка и тој процес го водат земјите членки на ЕУ од моментот кога земја кандидат ги отпочнува преговорите.
Протоколот не е дел од преговарачката рамка
„Во однос на протоколот којшто го спомнувате, тој протокол не е прв протокол. Значи, тоа е втор протокол од Комисијата која што работи на следење и на спроведување на Договорот за добрососедство со Бугарија. Тој Договор за добросодство со Бугарија е еден од документите кој што ние сме го потпишале, одобрен во Собранието и протоколот којшто е усогласен, исто така детали ќе бидат презентирани од страна на МНР. Протоколот нема да биде дел од преговарачката рамка“, рече Ковачевски.
Што рекоа за новиот француски предлог премиерот Ковачевски и лидеорот на ВМРО ДПМНЕ Мицкоски - Видео:
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
ВМРО ДПМНЕ - ова е дебакл
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Кристијан Мицкоски пак вечерва изјави дека Македонија преговара под бугарски диктат и оти во новиот предлог се сменети само два збора.
„Нема никакви корекции, менувани се само неколку зборови. Ова е дебакл, ако е така како што кажува Ковачевски тогаш требаше да го видиме предлогот на веб страната на Владата. Лага е на Владата дека не биле запознаени со предлогот, лага е и тоа што ова сега го претставуваат како голем успех, а не сме го виделе и прочитале“, рече Мицкоски.
Според Мицкоски црвените линии на ВМРО-ДПМНЕ се јасни, а тоа е македонски јазик да си биде македонски, без фуснота, без дополнувања, без унилатерални изјави, без дополнувања или одземања, значи македонски јазик без условувања. Сето останато вели Мицкоски, вклучително и некакви протоколи за добрососедство не можат да бидат дел од преговарачката рамка.
Претседателот Стево Пендаровски во изјава за ТВ Сител посочи дека модификуваниот француски предлог е далеку подобар од претходниот.
„Можам да ви кажам дека модификуваниот француски предлог е далеку подобар за нас од претходниот. Дали е тоа доволно добро, засега ќе се воздржам. Не смееме да ја повториме грешката од минатиот пат. Не може никој – не претседател, премиер или некој друг да зборува во име на цела нација, постојат надлежни институции кај нас“, кажа Пендаровски.
Пендаровски додаде дека мора да искомуницираат со граѓаните пред да се донесе конечната одлука, а исто така мора да имаме гаранција за македонскиот идентитет и гаранција дека никогаш јазик, националност нема да биде споменато никаде од сега, па во иднина без разлика колку ќе траат преговорите.
Инаку денеска на прес-конференција на Самитот на НАТО во Мадрид, францускиот претседателот Емануел Макрон изјави дека е уверен оти е најден добар договор помеѓу Скопје и Софија.
„За прашањето на пристапувањето на Северна Македонија ги продолживме нашите консултации со македонските и бугарските власти затоа што нашата заложба за европската перспектива на Западниот Балкан е да можеме да ги отвориме првите поглавја за Македонија и Албанија. Врз основа на овие консултации, уверен сум дека најдовме компромисно решение кое одговара на сензибилитетот на секој. Во интерес на Бугарија и на Северна Македонија, прифатлив за сите,“ изјави Макрон.
Тој изрази надеж дека „разгледувањето од двете страни во следните денови ќе го потврди ова“.
„Од сега премиерот и претседателот на Бугарија потврдија дека го прифаќаат предлогот. Прифаќањето ќе бара консултации во Скопје. Ова решение носи безбедност, предвидливост и сигурност за надминување на споровите наследени од минатото“, потенцира Макрон.
Решението поздравено од челници на ЕУ
Го поздравувам решението на француското претседателство со ЕУ за договор што ќе го отвори патот за старт на пристапните преговори со Северна Македонија, објави попладнево на Твитер претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.
„Решението се однесува на изразените загрижености. Најблиску сме од кога и да сме биле досега: Сега е време да се каже да“, додава Мишел во твитот.
По него и високиот преставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ Џозеф Борел го поздрави компромисот презентиран од Емануел Макрон за кој во Скопје ќе има широки консултации.
Ова е чекор напред за внесување на Западен Балкан во ЕУ, порача Борел на твитер.
Претходно македонската влада ги истакна своите црвени линии: јазикот, Уставот, протоколот, историјата, и рече дека е подготвена да разгледа нов предлог, доколку таков биде ставен на маса.
Францускиот предлог во претходно објавената форма на 24 јуни предвидуваше бугарските услови за Скопје, да станат дел од обврските на Северна Македонија кон ЕУ, а Европската комисија да биде гарант за нивното спроведување. Оваа варијанта стана позната како „француски предлог“ бидејќи дојде за време на француското претседателство со Советот на ЕУ.
Францускиот предлог, инаку, е трет обид да деблокирање на бугарското вето во изминатите две години. На него му претходеа германски и португалски предлози, именувани според евроските држави кои во тој период претседаваа со ЕУ.
Забелешките на опозицијата и дел од експерската јавност беа дека таков каков што беше предложен францускиот предлог преставуваше опасност за бугаризација на Македонија и давање алатка во рацете на Софија да го блокира и натаму напредокот на земјата во процесот на преговори со ЕУ.