Вкупно 207 села во Македонија се целосно иселени, покажа пописот на населението спроведен лани, а податоците беа објавени на крајот на март. Вакви села има речиси во сите општини. За дваесет години, период меѓу двата пописа, листата на иселени села се зголемила за 60 новоиселени места.
Екипата на РСЕ посети едно од селата кое се најде на оваа листа - селото Мечкуевци во општина Свети Николе, во централно -источниот дел на Македонија. Селото, според последниот попис е иселено, иако на пописот пред 20 години тука живееле 15 жители.
Но, во ова село, оддалечено 13 километри од Свети Николе, состојбата на терен е малку поинаква. Во Мечкуевци сепак затекнавме луѓе.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Педесет и петгодишниот Антонио Иванов, по лична карта е жител на Мечкуевци. Тој вели дека го попишале на пописот кој беше спроведен лани во септември, а податоците беа објавени на крајот на март годинава.
„Јас сум единствен жител на село Мечкуевци од 2015 година и тука живеам. Летно време, сега од пролет почнуваат луѓе да доаѓаат, најмалку едно 10 до 15 има повратници“, вели Антонио Иванов, жител на Мечкуевци.
Видете и ова: Младите се иселуваат, нема кој да ги чува старитеТој се занимава со земјодлество, одгледува житни култури и чува свињи. Вели тешко се живее од земјоделство, особено сега, кога е поскапено и ѓубривото и нафтата, а имаат проблеми со пласман на своите прозиводи.
Во селото живее и неговата мајка и соседите Павле и Роксанда Ѓореви. Тие по лична карта се водат во Свети Николе. Седумдесет и седум годишниот Павле Ѓорев е роден во ова село. Потоа се иселил, но со почетокот на пандемијата на коронавирусот тој и неговата сопруга се вратиле и живеат во Мечкуевци.
„Живеев тука додека бев помлад, до 17-18 години. Имаше доста народ. Во селото сега сè е пусто, сè е ѕиданици, имаше куќи, имаше 50-60 куќи, мислам семејства, од секое семејство е имало по пет, по шест луѓе, деца, жени. Ние тука одевме, во Мечкуевци, во школо до четврто одделение, а потоа одевме во Немањици, тоа е 4.5 километри далеку од тука. Од наше село е имало сигурно едно 40 деца“, вели Ѓорев.
Иселувањето од селото почнало во 60-70тите години од минатиот век, луѓето се иселиле во блиските градови како Свети Николе и Штип. Ѓорев вели дека од селото потекнуваат многу лекари, стоматолози, воени лица, а имало и по некој министер.
До Мечкуевци има асфалтиран пат, но во селото нема водовод. Мештаните велат дека има вода, но со мала инвестиција може да се направи резервоар и да имаат вода преку целата година.
Во соседното село Неамањици некогаш имало школо, ученици, куќите биле полни, но сега живеат само старци, вели 55-годишниот Ласте Манев.
„Жители нема жители, старци нека има околу 70 души. На времето ова било најголемо село тука во општината, сега е катастрофа, сега е на нула. Нема школо, нема продавница, нема ништо.“
Тој се занимава со земјоделство, чува крави и овци, како што чувал и неговиот татко, но вели дека младите не се заинтересирани да го наследат.
„Младите не сакаат да чујат, не да се занимаваат, не сакаат да дојдат тука да ги гледаат, а не па да ги чуваат. Затоа сите бегаа по странство, си бараат подобри услови.“
Свети Николе сега брои околу 15 илјади жители, за 3000 помалку отколку што имало на пописот во 2002. Иселувањето почнало со транзицијата по распадот на Југославија, кога многу од фабриките во градот се затвориле, вели градоначалникот на Свети Николе Дејан Владев. Првин луѓето оделе како сезонски работници, најчесто во Италија, но по неколку години си ги повлекувале и семејствата со нив.
„Во последните 10-15 години можам да кажам дека нема човек во Свети Николе што нема бугарски пасош. Тоа го користат за да можат полесно да дојдат до некоја од западните земји, за да најдат парче леб. Овој тренд, со жал морам да констатирам, дека продолжува и се зголемува. Има огромна дијаспора на светниниколчани во северниот дел на Италија, посебно во Лана, Мерано, Шена и во последните неколку години во Германија.“
Видете и ова: Граѓаните кои го бојкотирале пописот нема да бидат казнетиСвети Николе е речиси на средина од автопатот Скопје - Штип. Тоа што има автопат до главниот град и што до Скопје се стигнува за половина час возење не им донело многу бенефити, вели градоначалникот.
„Самиот факт што индустриската зона Бунарџик е на 15 минути од Свети Николе, која што е веќе готова и има индустриски капацитети, и штипската индустриска зона што е на 10-15 минути од Свети Николе, овозможи уште поголем број на луѓе да работат во соседните општини, Скопје и Штип и со тек на време да се иселуваат во Скопје и во Штип. Тој тренд како што гледам, не верувам да се оправи во догледно време.“
Владев, кој пред да ја презеде градоначалничката функција со години работел во Агенција за вработување во Свети Николе, вели дека како невработени се пријавуваат претежно повозрасни луѓе, а младите речиси и да нема или се пријавуваат само да остварат одредени бенефиции.
Поранешниот директор на Државниот завод за статистика, Дончо Герасимовски кој учествувал во пет пописи, вели дека населението бега во потрага по подобар живот.
„Се намалува бројот на населението, тоа влијае на севкупните активности што ги имаме. Населението стареа. За 20 години се иселени 60 населени места, беа 147, сега се 207. Тоа влијае севкупно. Дали во одредено населено место има доволно население:? На која возраст е? Дали треба школо, дали има ученици итн.
По две децении официјално се потврди дека бројот на жители во земјава е намален за повеќе од 185 илјади луѓе, или колку две општини Куманово, која е најголема општина во Македонија. Пред 20 години во земјава живееле повеќе од 2 милиони луѓе, а сега повеќе од еден милион и 800 илјади луѓе.