Уште една пропуштена шанса за попис

Избори во Македонија.

Предвремените парламентарни избори повторно ќе бидат организирани без да се знае точниот број на жители во државата. Плановите на власта беа пописот да се одржи во април, но тој нема да биде спроведен откако партиските лидери за истиот месец договорија избори.

Согласност меѓу партиите за избори има, но државата 17 години „функционира“ без да биде спроведена најважната статистичката операција која меѓу другото ќе покаже дали е реален и избирачкиот список со над 1,8 милиони гласачи, а уште поважно, ќе даде статистички податоци потребни за идни планирања за развојот на земјата. Исто така според аналитичарите мали се шансите партиите да се согласат и за промена на изборниот модел.

Последен пат земјата спроведе попис во 2002 година, додека во 2011 власта на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ со закон во Собранието го прекина веќе започнатиот попис.

Најавениот попис нема да се случи во април, бидејќи дополнителено е проблем тоа што се уште не е донесен ниту законот во кој дефинитивно треба да биде утврден терминот за неговото одржување, како што вели директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симевски.

„Терминот април воопшто не е погоден за спроведување на пописот, со оглед на тоа што веќе се закажани изборите и истиот ќе треба да се пролонгира. Можноста да се спроведе пописот пред изборите исто така технички е невозможна, бидејќи ова е исклучително гломазна операција“, изјави Симевски на прес-конференција.

Тој додаде дека со оглед на ситуацијата во која се наоѓа државата, попис е потребен што е можно побрзо, а за тоа најважно е Парламентот да го донесе Законот за Попис каде ќе биде утврден датумот за негово спроведување, вели Симевски.

Пролонгирање „до недоглед“

Попис во април 2020 година беше предлог на актуелното владејачко мнозинство предводено од СДСМ, за што се предвидуваше да бидат потрошени 8,5 милиони евра, додека барањата на опозицијата беа тој да биде одложен за да се направат подобри подготовки.

„Мислам дека ова е уште една пропуштена шанса да имаме попис, да знаеме точно колку е населението, но исто така и да го поттикнеме процесот на прочистување на избирачкиот список, затоа што, да не се лажеме, избирачкиот список не е прочистен“, вели Билјана Бејкова - извршна директорка на невладината „Инфоцентар“ која беше вклучена во кампањата „Пописот сега.“

Без спроведен попис и овие избори ќе бидат дискутабилни, посебно околу излезноста како индикатор за интересот на граѓаните, коментира политичкиот аналитичар Џељал Незири. Според него реалната бројката во Избирачкиот список е 1,2 милиони полнолетни граѓани, а не 1,8 милиони како што сега стои во списокот.

„Таа дилема за жал ќе остане и на овие избори, иако пред секои избори нагласуваме дека потребата за попис е толку голема што е предуслов за одржување на следните избори. Сега да се оди без оваа статистичка операција и без конкретни бројќи за тоа колку гласачи имаме и каде тие живеат, мислам дека ќе фрли еден вид сенка врз изборните резултати“, вели Незири.

Бејкова посочува дека е загрижувачки тоа што пописот нема да се случи во април и според неа ќе има ново пролонгирање „до недоглед“, а земјата децении останува без спроведен попис.

„Ова сега (изборите) е добар изговор пописот повторно да се одложи, бидејќи неговото организирање во април беше под знак прашалник заради законот кој не беше донесен и заради доцнењето со дел од подготовките за неговото спроведување“, вели Бејкова.

Лидерите на партиите по средбата кај претседателот Стево Пендаровски минатиот викенд изјавија дека ја отовриле темата за пописот, но не дискутирале за детали. Тоа го рекоа колационите партнери на актуелната власт: премиерот Зоран Заев и лидерот на ДУИ Али Ахмети.

Ахмети рече дека разговарале за пописот и оти ќе видат како ќе се менаџира, а Заев изјави дека ќе разговараат со партитие пописот да биде одржан во 2020 година.

„Тоа е мојот став, можеме да го завршиме после изборите, ако е подготвен Државен завод за статистика, можеме и пред изборите тоа да се заврши. Пописот треба да биде завршен како процедура“, рече Заев.

Ставот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски е дека пописот треба да биде спроведен според европски стандарди кој ќе се третира како статистичка операција, а не како политичка палатформа.

„Ваков закон каков што е предложен е политичка платформа и таков ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржи и ќе повика на непопишување. ВМРО-ДПМНЕ достави, во рамките на преговорите на тие две комисии, 28 суштински забелешки и очекуваме да се произнесат од спротивната страна“, изјави Мицкоски на прес-конференција во седиштето на партијата.

Тешко до промена на изборниот модел

За изборниот законик Заев рече дека имаат време да направат промени до одржувањето на изборите и оти сите се согласиле дека треба да ги вградат препораките на ОБСЕ/ОДИХР. Премиерот додаде дека дискутирале и за изборниот модел, посчувајќи дека некои од лидерите „сакаат да разговараат за изборниот модел, некои не сакаат.“

„Јас како претседател на најголемата политичка партија во државата останувам на ставот дека треба државата да прави исчекор кон демократизација на процесот. За СДСМ е прифатливо една изборна единица како изборен модел, а исто така е прифатливо и отворени листи“, рече Заев.

Сепак во изминатиов период параламентарните политички партии даваат различни предлози за тоа каков треба да биде изборниот модел. ВМРО-ДПМНЕ предлага 120 изборни единици, во ДУИ поддржуваат отворени листи, но сметаат дека треба да останат шест изборни изборни единици, Алијанса за Албанците бара осум изборни единици, а БЕСА намалување на три изборни единици.

Незири смета дека поради различните позиции на партиите, тешко е да се очекува дека тие ќе најдат заеднички јазик за изборниот модел, особено кога земјата нема точни статистички податоци за боројт на население и гласачи.

„Јас не сум оптимист дека има таква волја кај сите политичките партии. Истите се заинтересирани за зачувување на актуелниот модел кој им обезбедува ексклузивност и контрола над пратениците“, вели Незири.