Само 20 отсто од учениците даваат многу добра и одлична оценка за квалитетот на учењето на далечина во нивното училиште. Овој податок е дел од резултатите во новата онлајн анкета меѓу ученици што ја спроведе Сојузот на средношколци.
Поголем дел од средношколците ги даваат трите најниски оценки, односно тројка, двојка и еден, за ефикасноста и квалитетот на учењето на далечина во нивните училишта. Според онлајн анкетата која ја спроведе Сојузот на средношколци, 80 отсто од испитаниците ги дале трите најниски оценки за квалитетот на учење, а 83 проценти ја оцениле ефикасноста со најниските оценки.
Овие податоци се дел од третата евалуација на далечинското учење на Сојузот на средношколци.
„Новата влада на почетокот на септември 2020 година објави дека ги земаат предвид препораките на ССРСМ за стандардизирана национална платформа за далечинско учење. Потсетуваме дека ова беше многу важно за подобрување на онлајн учењето. Така, одлуката беше донесена три недели пред претстојната учебна 2020-2021 година и не беше ефективна. Парадоксално е и не е сериозно од раководителите на образованието во нашата земја да мислат дека дигитализацијата на образованието може да се случи во текот на еден месец“, стои во воведот на евалуацијата.
Анкетата ја спроведоа во периодот од 21-ви до 30 октомври, а одговориле 582 ученици. Меѓу нивните клучни резултати се дека 70 отсто од учениците изјавиле дека има ученици во нивните одделенија кои не се поврзуваат на онлајн часови. Потоа, 64 проценти изјавиле дека отвориле друг прозорец за време на часовите, односно гледале друга содржина додека биле на онлајн настава. Во однос на интернет врска, 72 отсто изјавиле дека нивното училиште нема стабилна интернет врска.
„Образовните и општинските власти мораат да го испитаат прашањето за интернет врски во училиштата. Да се финансираат училиштата со цел да се изгради потребната дигитална инфраструктура што е можно поскоро. Додека повеќето средношколци известуваат дека (активно) учествуваат на часовите преку Интернет, повеќето средношколци исто така изразуваат дека не се (целосно) внимателни за време на часовите. Наставниците треба да испитаат дали е таков случајот на нивниот час и да користат тактики за инклузивна настава за да вклучат што е можно повеќе ученици“, препорачуваат од Сојузот на средношколци.
Видете и ова: Лекции од средношколците за наставатаСпоред нив, недостасува обука за образовниот сектор и образовните органи треба да „продолжат да инвестираат во развој на дигиталниот капацититет на наставниците“.
„Поради тоа што наставниците не беа „домаќини/hosts“ на видео часовите, мнозинството ученици се обидуваат да го злоупотребат овој јаз и им го исклучуваат микрофонот на своите врсници, понекогаш и нивните наставници, како и ги исфрлаат другите учесници од видео-часот. Ги замолуваме нашите врсници да не се занимаваат понатаму со вакви практики и всушност да им помагаат на своите наставници за време на часовите, бидејќи овие се тешки времиња за секого и само заедно, со солидарност можеме да го поминеме ова“, стои во извештајот.
Дополнително, членовите на Сојузот на средношколци велат дека се загрижени за „фактот дека повеќе од четириесет илјади ученици ги немаат потребните финансиски средства за покривање на опремата потребна за учество во процесот на учење на далечина“. Според анкетата, 90 проценти од испитаниците изјавиле дека веруваат дека не секој има пристап до интернет и соодветна опрема.
„Владата, образованието и општинските власти да работат заедно на изнаоѓање решение за учениците кои немаат пристап до потребните уреди или до интернет (повеќе од четириесет илјади) и да ги поддржат со конкретни мерки за нивно целосно вклучување во процесот на учење. Владата да ја финансира со годишен буџет дигитализацијата на образованието“, препорачуваат од Сојузот на средношколци.