Денеска обвинение за Рекет, под истрага за измама и еден функционер

Поранешната специјална обвинителка Катица Јанева на распит за случајот „Рекет“ во Јавното обвинителство

Обвинителството за организиран криминал денеска ќе поднесе обвинение против Бојан Јовановски – Боки 13, Зоран Милески Кичеец и против поранешната специјална обвинителка Катица Јанева за случајот Рекет. Истрага за измама и против пет физички и едно правно лице, меѓу кои и функционер.

Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција денеска ќе поднесе обвинение за случајот „Рекет“, потврди обвинителката Вилма Русковска за Радио Слободна Европа. Бојан Јовановски, познат како Боки 13, Зоран Милески Кичеец и поранешната јавна обвинителка Катица Јанева се осомничени дека од бизнисменот Орце Камчев наплатиле 1,5 милиони евра, за да добие ослободување од притвор во предметот „Империја“ и можност за спогодба.

Истрага вчера е почната и против пет физички лица и едно правно лице, информира државниот јавен обвинител Љубомир Јовески. Меѓу новите осомничени има и функционер.

„Во делот за дејствијата коишто беа посочени и од вас новинарите, во делот на исплатата на средствата од 720 илјади евра од битолската фирма и во делот од парите исплатени од струшката фирма“, рече Јовески.

Боки 13 е првоосомничен и во овој дел од истрагата за Измама и за перење пари, а останатите четворица дека му помагале. Тие се сомничат дека преку невладината Меѓународен сојуз од бизнисмените Силјан Мицевски и Адријан Амзоски наплатиле 720 илјади, односно 260 илјади евра, измамувајќи ги дека ќе обезбедат државно неизградено земјиште за изградба на центар за возрасни лица и мобилен сервис, а потоа и субвенционирање од страна на државата.

„Останатите осомничени лица со умисла му помагале на првоосомничениот во извршувањето на кривичните дела изготвувајќи договори, подигнувајќи ги уплатените средства и уплаќајќи средства на други правни лица по основ на позајмица или донација. Воедно, едно од осомничените лица како функционер, заедно со првоосомничениот присуствувало на средбите организирани од првоосомничениот, при што го искористило својот углед и авторитет и оштетените стекнале впечаток дека зад понудените проекти стои извршната власт“, се наведува во соопштението на обвинителството.

Обвинителството ќе побара притвор и за еден од новите осомничени.

Видете и ова: Рекет и политичари - Се фотографираа, а сега ја негираат дружбата

Во досегашниот дел од истрагата, првоосомничен во случајот Рекет е Бојан Јовановски, познат како Боки 13, кој се сомничи за „примање награда за противзаконито влијание“ и за „перење пари и други приноси од казниво дело“. За трговија со влијание се сомничи и Зоран Милески Кичеец, додека поранешната специјална обвинителка Катица Јанева е осомничена за злоупотреба на службената положба и овластување.

Јовановски и Милески се сомничат дека преку поранешната специјална обвинителка Катица Јанева издејствувале ослободување од притвор на осомничениот бизнисмен Орце Камчев во предметот „Империја“ и можност за спогодба. За таа „услуга“ Камчев им платил 1,5 милиони евра. Видео-снимки од плаќањето беа објавени на италијанскиот портал Ла Верита.

По апсењето на Јанева на 21 август, обвинителот Љубомир Јовески рече дека обвинителката со незаконски дејствија прибавила предмети и мебел во вредност од околу 5000 евра, но не одговори конкретно дали знаат каде е торбата со пари што се виде и на снимките на Ла Верита.

Милески пред дваесетина дена од притвор беше пуштен во домашен притвор, додека Јовановски и Јанева се во притвор во Шутка. Само Милески даде исказ пред Обвинителството за организиран криминал.

На Боки 13 вчера му се слоши кога требаше да даде исказ пред Обвинителството, по што со Брза помош беше однесен во болница, а по пружањето лекарска помош беше вратен во Шутка. Неговиот адвокат постојано бара ослободување од притвор поради влошена здравствена состојба, но директорот на Градската општа болница „8 Септември“, Христијан Костов, каде што завчера беше донесен Јовановски, за СДК изјави дека тој нема сериозни нарушувања на здравјето и затоа е вратен во притвор.

Видете и ова: Има ли истрага и за други рекетирани и за улогата на политичари?

Јанева одлучи да не дава исказ. Нејзиниот адвокат Дељо Кадиев вели дека одлучиле таа сега да не даде исказ, зашто обвинителството е тоа кое треба да понуди докази за вина. Тој вели дека во оваа фаза на постапката не размислуваат да понудат спогодба за признание на вина.

„Понатаму, во текот на постапката ние имаме право и за спогодување, имаме право и за признание на вина, имаме право и да понудиме наш исказ во текот на главната расправа, но ценевме дека во оваа фаза на постапката најцелисходно е, ако веќе дава исказ, да го даде на предлог на одбраната во фаза на главна расправа“, вели Кадиев.

Обвинителот Љубомир Јовески изјави дека некои од осомничените биле заинтересирани за спогодба, но досега нема постигнато спогодба.

Ако има спогодба, нема да има судски процес за Јанева и јавноста нема да има можност да слушне што има таа да каже во своја одбрана и дали некој друг е вмешан во оваа афера.

По апсењето на Јовановски, дел од бизнисмените тврдеа дека биле рекетирани од него, додека други тврдеа дека не биле рекетирани, но си ги бараат парите што ги уплатиле на сметката на неговата невладина организација Меѓународен сојуз за изградба на старечки домови.

Во обвинителството во изминативе месеци беа повикани политичари, бизнисмени, луѓе од естрадата и други кои се поврзуваа во јавноста со невладината организација на Јовановски, Меѓународен сојуз. Со случајот Рекет беа поврзувани и политичари, но обвинителот Љубомир Јовески изјави дека нема индиции дека парите од Рекет завршиле кај домашни или странски политичари.