Уставните измени во март на собраниско мени?

Устав на Македонија.

Уставните измени се клучни за продолжување на преговорите со ЕУ, дипломатите за РСЕ велат дека се очекува тие да бидат усвоени до јуни. Аналитичарите очекуваат најбрзо напролет да влезат во собраниска процедура, кога треба да заврши процесот со објаснувачкиот скрининг.

Уставните измени со внесување на Бугарите во Преамбулата би можеле да се усвојат до јуни, кога се очекува и да приврши европскиот скрининг на македонското законодавство, велат дипломатски извори за Радио Слободна Европа. Тие објаснуваат дека завршувањето на скринингот не е условен со уставните измени.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи неодамна изјави дека ако уставните измени не се случат до завршувањето на европскиот скрининг, тогаш нема да се одржи втората Меѓувладина конференција, односно нема да се отвори првиот кластер од преговорите со ЕУ.

„Ќе влеземе во еден вакум период кој што ќе се рефлектира тешко во внатрешните динамики“, вели Османи.

Видете и ова: Рејтингот на Груевски - аларм за актуелните политичари

Комуникологот Петар Арсовски очекува дека уставните измени може да дојдат на ред за разгледување во Собрание на пролет догодина, кога ќе се заврши со објаснувачкиот скрининг и ќе започне билатералниот скрининг, со што ќе почнат да течат и одредени рокови.

„Односно тогаш кога ќе се соочиме со рок за отворањето на поглавјата и пристап до пристапните фондови, дури тогаш може да се очекува од политичките партии да отворат посериозна дебата околу уставните измени“,

Тој додава дека со сегашната политичка слика тешко е да се предвиди дали прво ќе има избори или уставни измени. Според досегашните најави ВМРО-ДПМНЕ се противи на уставни измени и најави дека нема да гласа за нив, а Уставот не може да се смени само со просто мнозинство, односно потребни се и гласови од пратениците од опозициската партија.

Независниот пратеник Скендер Реџепи кој летово ја напушти матичната партија Алтернатива, смета дека уставни измени може да се донесат само со „ силен земјотрес“ во ВМРО-ДПМНЕ затоа што без тоа Владата не може да обезбеди 80 пратеници колку што се потребни за да се вметнат Бугарите во Уставот.

„Сите опции се отворени, но Владата нема да дозволи предвремени избори, ќе се обиде да ги внесе и Алијанса за Албанците во коалиција. Единствено, ако не се случи силен политички „земјотрес“ во ВМРО-ДПМНЕ, ако се направи фракција во партијата, тогаш можно е да се обезбедат неколкумина пратеници за уставни измени“, изјави Реџепи во интервју за ТВ 21.

Тој додава дека моменталната политичка сцена укажува дека ДУИ и СДСМ немаат интерес за брзи избори, но редовните избори во 2024 година се далеку за да се чека до тогаш за уставни измени.

Владејачките партии во јавност постојано укажуваат дека следните избори ќе се оддржат во редовниот термин, но на терен работите изгледаат малку поинаку.

Квалитетот и квантитетот на политичката кампања со редовни средби со граѓани и трибини укажува дека „мириса на избори“. Според Арсовски за причините за политичката кампања на терен најдобар показател е анкетата на ИРИ.

„Затоа што во основа плаќаат цена за енергетската криза, за економската криза како и за болката која се гледа низ анкетите за начинот на кој се решаваат проблемите со Бугарија,“ вели Арсовски.

Според последната анкета на ИРИ вкупно 56 проценти не се согласуваат со уставните измени за да продолжат преговорите до ЕУ. Во однос на прашањето дали предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за референдум за Договорот за добрососедство е прифатлив 41 процент од испитаниците изјавиле дека би гласале „за“, додека 16 против, а 24 не би гласале воопшто.

Инфографика - Истражување на ИРИ - Дали се сложувате со внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав?


Во однос на прашањето ако може да се влезе само во една економска меѓународна унија во која би избрале, 71 процент од испитаниците ја одбрале токму ЕУ.

Инфографика - Истражување на ИРИ Македонија - На која меѓународна економска заедница треба да се придружи Македонија?

Арсовски ваквите резултатите ги толкува дека испитаниците сакаат земјава да ја видат во Европската Унија, но не преку сегашната преговарачка рамка.

„ Во таа смисла тоа треба да се толкува дека можеби граѓаните размислуваат за друг механизам, не напуштајќи ја стратешката насока, но не со овој механизам кој во моментот е предложен, тоа е тоа што го кажува анкетата“, вели Арсовски.

Во меѓувреме западноевропските претставници во земјава постојано испраќаат порака дека без промена на македонскиот устав, не може да се премине во втората етапа од преговорите со ЕУ.

„Точно е дека е услов којшто е наметнат и ќе треба да знаеме дека спроведувајќи ја согласноста којашто беше постигната во текот на летото, уставната ревизија треба да се случи и преминот на Северна Македонија во следната етапа, односно активни преговори ќе биде автоматска, односно ќе нема можност за блокада. Тоа ќе биде втората етапа, изјави франускиот амбасадор во Скопје Сирил Бомгартнер во неделното интервју на радио Слободна Европа.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Бомгартнер - Македонците направија многу отстапки и сега не веруваат на странските ветувања

Претходно и евроамбасадорот Дејвид Гир летово во интервју за РСЕ посочи дека одржувањето на меѓувладината конференција зависи од спроведувањето на билатерален договор.

„Ќе го завршите скринингот, но одржувањето на меѓувладината конференција и следните чекори ќе го чекаат решавањето на ова прашање. Не бидејќи трета земја дошла и ставила вето, туку бидејќи оваа земја решила да се повлече од обврската која е направена билатерално со Бугарија“, вели Гир.

Бугарија летово го укина ветото за почеток на преговорите со ЕУ откако го прифати францускиот предлог, кој меѓу другото, предвидува бугарските услови да станат дел од обврските на Македонија кон ЕУ. Во јули годинава документот го одобри и македонскиот Парламент, кој значи внесување на Бугарите во Преамбулата, но и борба против говорот на омраза, ревизија на учебниците по историја и гаранции дека земјава нема територијални претензии.