Кој ќе има мнозинство во Комисијата за избори и именувања во пресметките е главната пречка поради која изборот на нови уставни судии „заглави “ со месеци во фиока. Која пратеничка група да ги предложи 4-те имиња за уставни судии, како и кои имиња се во игра се клучните прашања кои се наметнуваат по неколку месечната „собраниска блокада“ на избор на нови уставни судии.
По промената на владејачкиот состав на пратеници со локалните избори и реконструкцијата на Владата настана „дупка “ во оваа комисија која претходно имаше мнозинство од 7 пратеници. Сега Комисијата е без претседател и мнозинство има опозицијата. Дел од пратениците во оваа Комисија велат дека владејачката коалиција стравува дека во таква ситуација нивните предлози нема да го поминат собранискиот филтер.
Видете и ова: Уставна криза - Нов предизвик откако Уставниот суд остана без уште еден судијаПолитичката битка по ова прашање од собраниската говорница се префрли на лидерско ниво. Претседателите на најголемите партии од македонскиот блок преку медиумите се обвинуваат за причините поради кои е блокирана Комисијата.
Заменикот претседател на комисијата и координатор на пратеничката група во СДСМ Јован Митревски во одговор за Радио Слободна Европа вели дека закажување на седницата ќе зависи од распределбата на членовите на комисиите согласно новото мнозинство.
„Мнозинството во Собранието треба да се преслика во сите Комисии“ вели тој.
Тензии во Собрание за уставните судии
До ова дојде откако претходниот претседател на комисијата Костадин Костадинов на локалните избори доби градоначалнички мандат, а пратениците на БЕСА кои имаат еден член во Комисијата го напуштија владејачкото мнозинство и преминаа во опозиција.
Оваа партија, од премиерот Димитар Ковачевски вчера доби „укор“ дека во Собранието треба да почне да се однесува како опозиција.
Членот во комисијата од БЕСА Фадил Зендели вели дека проблемот не е во неговото однесување во Собранието, ниту пак во тоа што сега мнозинство во Комисијата има опозицијата, затоа што и претходно во оваа и други комисии мнозинство имало опозицијата.
„Тоа е и суштината на тоа што мнозинството го бара, да има контрола во оваа Комисија за да може протурка кандидати кои би и се допаднале нејзе, инаку нема никаков проблем јас како опозициски пратеник да дебатирам за кандидати кои навистина ги исполнуваат условите и јавноста ги прифаќа“ вели Зендели.
Неговиот колега од Алијанса за Албанците Сурија Рушиди вели дека Комисијата е функционална, ама никој не закажува седница.
„Гледам дека ова парламентарно мнозинство нема мнозинство во самата комисија, а сака по секоја цена да ги истурка своите предлози, е тука е проблемот. Не ги знам точно имињата, но знам дека инсистираат на личности кои се блиски до власта да станат уставни судии и тоа е проблемот“, вели Рушиди.
Претседателот на Собранието Талат Џафери пак, смета дека не може со сила да ги натера пратениците да изберат уставни судии.
Џафери до Кацарска: Собраниската комисија е опструирана и не може да се изберат уставни судии
Зендели, пак, се сомнева дека проблемот можеби е во несогласување меѓу владините коалиционери за прашањето кои имињата треба да се најдат на списокот за уставни судии.
Од Собранието, до објавувањето на овој текст, не одговорија на нашите прашања кои и колку истакнати правници испратиле писмо за интерес да бидат членови на Уставниот суд. Дел од шпекулациите во јавноста се дека околу 13 луѓе веќе испратиле писмо за интерес. Ниту еден од пратениците со кои разговараше Радио Слободна Европа до овој момент од собраниските служби не добиле известување за листа на кандидати кои сакаат да станат Уставни судии.
Пратеникот од ВМРО – ДПМНЕ Антонио Милошоски вели дека власта не споделува со нив информации ниту дебатира за можните кандидати.
„Од тоа што сме го слушнале досега на ниво на половични информации се имињата на одреден адвокат од Битола Васко Талевски кој што бил и претседател на правната комисија на СДСМ во Битола, потоа одредена госпоѓа која е актуелна судијката Антоанета Димовска, и тоа што го знаевме во Собрание дека се зборуваше за досегашниот и актуелен генерален секретар на Собранието Цветанка Иванова како предлог на СДСМ. Но за ова немаме писмени потврди, затоа што Комисијата не ги споделува информациите со членовите на опозицијата“ вели Милошоски.
Во јавноста веќе извесно време се шпекулира дека на листата на предложени за уставни судии е и шефот на јавното обвинителство Љубомир Јовески, кој јавно посочи дека ако го изберат би ја прифатил позицијата.
Митрески од СДСМ не открива кои имиња се предложени за уставни судии.
„Право на предлагање кандидати за уставни судии имаат членовите на комисијата на самата седница, така што кои лица ќе бидат предложени ќе знаме тогаш кога ќе се одржи седницата“ вели Митревски.
Видете и ова: Тројца уставни судии заминаа, за наследници нема заинтересираниОпозициските пратеници се сложни дека комисијата треба да се свика и јавно да се дебатира околу можните предлози за нови уставни судии. Тие се согласуваат и велат дека се подготвени да организараат и јавна дебата на која би биле повикани угледни професори кои се занимаваат со уставно право, невладини организации специјализирани во таа област и медиуми за да може заеднички да се утврди кои кандидати би биле најдобри решенија за судии кои ќе се грижат за заштита на Уставот.
Според правилата, собраниската комисија може да предложи 5 членови на уставниот совет, потоа два предлога доаѓаат од Претседателот на државата и два од Судскиот совет. За еден од предлозите од Комисијата на пленарна седница ќе треба да се изгласа според бадентеровиот принцип. Претседателот на Уставен го избира Судот од редот на судиите за време од три години, без право на повторен избор. Судиите ги избира Собранието со мандат од девет години без право на повторен избор. Судиите на Уставниот суд според уставот се избираат од редот на истакнати правници.
Од друга страна заменикот член во Комисијата, Павле Трајанов, вели дека е дојдено време да се промени начинот на кој се бираат уставните судии во Собранието, затоа што овој, со меѓу партиските судири е на штета на државата. Според него, со години партиите на власт бираат преку Собранието уставни судии кои што им се наклонети на еден или друг начин. Начинот на избор на уставни судии во Собранието е на погрешни основи.
„ Мора да има јавен конкурс, транспарентност во процесот, цврсти критериуми кој да биде уставен судија и првенствено да се оди кон тоа, во ова да влезат партиски неоптеретени кадри, познати експерти и авторитети во областа на правото. А не вака, партиите преку Комисијата да диктираат кој ќе биде уставен судија. Мора коренити промени во целиот принцип“, вели Трајанов.
Тој предлага носење на ново законско решение со кое ќе се измени начинот на избор на нови уставни судии.Хелсиншкиот комитет минатата година достави иницијатива до Министерството за правда за донесување Закон за постапката и условите за избор на уставните судии.
И додека пратениците се надмудруваат, Уставнииот суд „кубури“ со кадри од 9 судии. Поради потребите од двотретинско мнозинство за одредени предмети неколку иницијативи за оспорувањето на Преспанскиот договор и законот за јазици чекаат во фиока.
Кацарска - Собранието да избере нови уставни судии
Претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска неодамна изјави дека не очекува дека овој проблем ќе се реши набрзо, иако е стар повеќе од половина година, но дека се надева оти совеста ќе проработи кај пратениците. Таа порача дека не треба да има партиска политика во изборот на уставни судии, туку уставен судија треба да биде добар правник со интегритет, да одолее на било какви притисоци и кога работи предмети да не размислува дали неговата одлука одговара на оваа или онаа гарнитура.
Во многу земји од светот изборот на судии во највисокиот суд е мета на критика на јавноста. На пример во Германија судиите во највисокиот суд ги бира совет од 12 членови на анонимен принцип, што е спорно според актуелниот претседател во Уставниот суд во Карлсруе, со тоа се отвара можност со малку „легитимитет“ еден судија да направи огромен скок во кариерата и да стаса до Карлсруе.
Партиската „над-контрола" при именувањето на судии во највисоките судови е ретко критикувана. Во меѓувреме партиите се повеќе ја користат за да спроведат лични интереси. Претседателот на германскиот Сојуз на судии, Јенс Гниса, коментирајќи ја ситуацијата во Полска за Дојче Веле индиректно го искажа ставот по ова прашање велејќи дека тамошните реформи „ќе и овозможат на национал-конзервативната владејачка партија, да навлезе длабоко во полското правосудство и судовите да ги наполни со кандидати по нивна мерка."