Усогласеност на царините со ЕУ за поголем извоз

Илустрација

Усогласувањето на македонските со царините во ЕУ за клучните компоненти, како и ослободувањето од царински давачки за увоз на машини, опрема и изградба на нови капацитети значително ќе ја зголеми продажбата и производството на извозните компании, се наведува во анализата на Фајнанс тинк.

Пониски трошоци за производство и со тоа поголема конкурентност на меѓународните пазари ќе добијат македонските компании од метало-преработувачката индустрија, металургијата, текстилната и кожарската индустрија со владината одлука да ги ослободи од царини за увоз на одделни суровини и репроматеријали.

Видете и ова: Колку пари од владините Ковид програми останаа непотрошени?

Тоа е прва усвоена мерка од петтиот пакет мерки за поддршка на стопанството погодено од пандемијата на коронавирус. Ослободувањето од царините ќе важи од 1 февруари до крајот на годинава. Според владата, наплатените царини за укинатите 71 тарифни ознаки во 2019 година биле над 7 милиони евра, пари што сега ќе останат во компаниите за да се зголеми конкурентноста на преработувачката индустрија. Владата соопшти дека предлог листата е направена од Стопанската комора на Македонија, која изрази задоволство од донесената мерка.

Маријана Перковска од Текстилниот кластер вели дека оваа мерка сигурно ќе им помогне на извозните компании, но оти нивен поголем проблем е банкарската гаранција при увоз на репроматеријали.

„Затоа што компаниите мора да гарантираат дека увезениот материјал ќе го извезат и заради тоа комерцијалните банки им бараат обезбедување. Има најава дека овие банкарски гаранции ќе може да бидат преку Македонската банка за обнова и развој каде што веќе нема да се бараат гаранции. Е тоа веќе ќе биде сосема друга поддршка“, вели Перковска.

Според анализата на Фајнанс тинк, усогласувањето на македонските со царините во ЕУ за клучните компоненти, како и ослободувањето од царински давачки за увоз на машини, опрема и изградба на нови капацитети значително ќе го зголеми растот на продажбата и проширување на производството на извозните компании.

Видете и ова: Затворени фирми во рамки на просекот, но раст на отпуштени работници

Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК), кој ги обединува малите и средни претпријатија, пак, предлага 15 мерки за опстанок на фирмите и на работните места. Тие бараат да продолжи помошта за исплата на минимална плата до април, бескаматни кредити, репрограмирање на кредити… Претседателката на ССК Данела Арсовска вели дека власта го слуша гласот на бизнисот, но имплементацијата на досегашните мерки била скромна.

„Сè она коешто беше барано во изминатите месеци беше навистина скромно и беа и пакетите навистина скромни, меѓутоа веруваме дека треба на овие луѓе да им се помогне. Сега е моментот да се помогне затоа што голема е нивната бројност. Тоа што има толку ефектуирани претпријатија во Македонија може да има далекусежни негативни ефекти за целото стопанство и за целата економија“, вели Арсовска.

Владата соопшти дека со досегашните четири пакети мерки за помош на граѓаните и стопанството во справувањето со корона-кризата одделила 1 милијарда евра, но помошта исплатена од буџетот е под 280 милиони евра. Останатите пари се поволни кредити и ослободување од давачки, а дел требаше да почнат да се применуваат од почетокот на годинава.