Заклучно со крајот на 2020 реализирани се речиси 279 милиони евра од економските мерки од ковид програмата, кои имаат фискална импликација, ни одговорија од Владата. Тоа се пари кои се исплаќаат директно од буџетот, кои се наменети за економски мерки од ковид програмата. Според владините податоци реализирани се 94,5 отсто од предвидените пари, односно од предвидените речиси 292 милиони евра, реализирани се околу 279 милиони евра.
Минатата година Владата усвои четири пакети економска помош за сузбивање на последиците врз економијата предизвикани од ковид-19. Четирите пакети помош тежат околу една милијарда евра. Првите два пакети помош тежеа од 200 до 250 милиони евра, следниот пакет беше проектиран на 350 милиони евра, а четвриот е најтежок и е проектиран на нешто повеќе од 470 милиони евра. Четвриот пакет се уште се реализира, а дел од мерките доцнат оти законските решенија со кои се предвидува нивна реализација се во собраниска процедура. Дел од пакетите се овие мерки што имаат фискална импликација, тука се и мерки кои немаат директен фискален импакт, како ослободување и намалување на даноци и други давачки, а скоро 300 милиони евра од најавената владина помош се всушност евтини и поволни кредити, кои треба да се реализираат во наредниот период. Дел од мерките, пак, започнуваат со реализација од почетокот на годинава.
Владата преку соопштение пред некој ден по одржувањето на 37-та владина седница наведе дека 95,4 проценти е реализацијата на сите пакети со економски мерки од ковид-програмата, кои беа донесени за полесно совладување на кризата кај граѓаните и претпријатијата. На прашањето од РСЕ до Владата - Каква е стапката на реализација по ставки и колкави се апсолутните суми од исплатената помош по ставки?, од Владата ни доставија информации дека заклучно со 31 декември 2020, реализацијата на ковид програмата е околу 279 милиони евра. За субвенција на плати се дадени 141 милион евра, за помош на фирми 33 милиони евра, за платежни картички 49 милиони евра и под ставка друго(трансфери од ЈП) – седум милиони евра.
Министерството за економија реализирало 10 милиони евра од мерките, Министерството за труд и социјала 19 милиони, Агенцијата за млади и Министерството за здравство околу пола милион евра, Агенцијата за вработување 883 илјади евра итн.
Во продолжение погледнете ја табелата со податоците од владата:
Есапот не излезе како што беше планирано
Но за дел од мерките кои се реализираа, не се потрошија проектирани пари во целост. На пример мерката „Дома си е дома“ за помош на туризмот и угостителството, која беше дел од третиот пакет помош, беше делумно искористена, односно од предвидените 117 илјади ваучери, во вредност од 6 илјади денари(100 евра) по ваучер, само половина беа искористени, што значи наместо планираните 12 милиони евра во овој сектор беа инкасирани само 6 милиони евра.
Издавањето на домашна платежна картичка, спроведена во периодот јуни-август 2020 година, како дел од Третиот сет на мерки, беше наменета за 309 илјади граѓани, а за таа цел беа одвоени 26,5 милиони евра. Од нив над 20 илјади картички останале неискористени, односно секоја петнаесетта била неискористена.
И со четвртиот сет економска помош продолжи мерката за доделување еднократна помош од 100 евра на одредени групи граѓани, но наместо ваучери сега парите им легнаа на трансакциските сметки. Мерката беше предвидена за опфати 283 илјади луѓе и да чини 27, 6 милиони евра. Условите за користење на мерката доживеаја неколку измени. Прво беше пролонгиран рокот за користење, потоа наместо само за домашни производи парите може да се користат и за другите производи, а се промени и условот да не можат да се вадат тие пари од банкомат или да се подигаат во ќеш од шалтер, како што беше предвидено во законот. На оваа мерка имаше околу 78 илјади приговори. Владата на 38-та владина седница го продолжи рокот за исплата на финансиската поддршка од 6.000 денари за нешто повеќе од 24.000 граѓани до 31 март. Од овие граѓани 22 илјади не ги ажурирале своите податоци во банките, а 2.132 се граѓани на кои им се уважија приговорите.
Мерката за субвенционирање на плати, која во рамки на четвриот сет мерки е скалеста и се движи од 14 илјади до 21 илјада денари, предвидено е да опфати 250 илјади вработени за сите три месеци(октомври, ноември, декември) и да се потрошат 70 милиони евра. Тоа значи дека се предвидува по околу 83 илјади работници месечно да бидат опфатени со оваа мерка.
Според податоците на УЈП, за октомври со оваа мерка биле опфатени 58 илјади работници, а исплатени се 15 милиони евра. Податоците за ноември покажуваат дека со мерката биле опфатени 65.960 вработени, за кои се исплатени речиси 16,7 милиони евра. За сите пакети помош имаше проблеми со работодавачи кои зеле пари од државата, но не им исплатиле плати на вработените. По опомените дел од работодавачите исплаќаа плата, но се уште има такви кои не го сториле тоа, за кои пак понатаму следат опомени и присилна наплата.
Првата мерка од четвртиот пакет - Викенд без ДДВ се реализираше викендот на 11-12 октомври. Беше предвидено со мерката да бидат опфатени повеќе од 350 илјади граѓани. Проектирано беше да се направи промет од 170 милиони евра, а кон граѓаните да бидат вратени околу 17 милиони евра, од повратот на ДДВ. Податоците потоа покажаа дека 204 илјади граѓани ја искористиле оваа мерка, потрошиле 8,3 милиони евра, а требаше да им се вратат околу еден милион евра како поврат на ДДВ. До крајот на 2020 од таа ставка се реализирани 831 илјада евра.
Четвртиот пакет опфаќа триесетина мерки, меѓу нив и такви со кои треба да се намалат или укинат одредени давачки на фирмите, но за овие мерки потребни се законски измени.
Властите велат дека со мерките се помогнати илјадници компании и работници и граѓани и се спасени многу работни места.
„Вкупниот износ на сите обезбедени пакети во 2020 година изнесува околу една милијарда евра, или приближно 10% од нашиот БДП. Се обезбедија бесплатни тестови, средства за вакцини, поддршка на медицинскиот персонал, финансиска поддршка за околу 500,000 граѓани кои беа најпогодени со кризата преку директно префрлување средства на нивна трансакциска сметка, околу 100.000 работни места се задржаа преку поддршка на околу 15.000 претпријатија погодени од кризата со финансирање на дел од платата на два пати по три месеци, обезбедување на поволни кредити за претпријатијата и низа други мерки за ублажување на ефектот од кризата.Мерките продолжија да даваат резултати што се забележа и од економскиот резултат за третото тримесечје од 2020 година, кога по високите 14,9% пад на БДП во второто тримесечје, се забележа ублажување на падот од -3,3%“, наведува министерот за финансии Фатмир Бесими во неговата белешка за економските случувања во 2020 и за очекувањата од оваа година.
Наскоро и петти пакет помош, но поскромен
Власта најави дека наскоро ќе излезе и со петти пакет мерки за помош на економијата. Портпаролот на Владата, Душко Арсовски, на прес-конференција рече дека петтиот сет ќе биде во слична форма на претходните.
„Со петтиот пакет ќе се постапува највнимателно, со цел да се таргетираат оние кои се најпогодени од кризата, како компаниите, така и граѓаните. Така беше и во текот на оваа година“, изјави Арсовски.
Премиерот Зоран Заев претходно рече дека во буџетот за 2021 има проектирано средства за државна помош и дека она што ќе биде консултација со коморите, синдикатите и сите чинители како и до сега, ќе го дизајнира и петтиот пакет на економски мерки.
Министерот за економија Крешник Бектеши, во гостување на ТВ 24, рече дека веќе го дизајнираат Петтиот сет економски мерки, со кој ќе бидат поддржани најпогодените компании.
„За оваа намена во Буџетот за 2021 година се обезбедени 50 милиони евра. Реализацијата на Петтиот сет економски мерки согласно плановите ќе започне во февруари, кажа Бектеши.
Владата за да ги сервисира расходите се задолжи исто така една милијарда евра, што придонесе до тоа јавниот долг да ја надмине границата до 60 отсто од БДП-то. Задолжувањето продолжува и во новата година, како на меѓународен пазар, така и дома, а ќе се продава и државно земјиште, удели во државни фирми и ќе се приватизираат загубари.