Во време на урбана пренатрупаност во Скопје кога секојдневниот живот на граѓаните го одразува голем број возила по улиците и се поголемиот број станбени објекти, намалување на зелените површини и се поголемо загадување на животната средина, архитектите алармираат дека последниот предлог Детален Урбанистички План за градска четврт Расадник, претставува „кулминација на урбанистичкиот помор во Македонија и план кој го дефинира поразот на Скопје како град кој многу внимателно се планираше до 90-тите години на XX век".
Покрај агресивната урбанистичка политика во која струката е тргната на страна поради приватни финансиски интереси, доведено е во прашање основното функционирање на главниот град во кој секојдневно никнуваат згради, се намалуваат зелените површини а сообраќајот е се погуст, вели архитектот Филип Конески.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Со најновиот ДУП за Расадник во Кисела вода кој деновиве беше обелоденет во јавноста се планира на простор од стотина хектари да се изградат станбени објектите со височина од 6 до 15 ката во кои би требало да се населат околу осум илјади граѓани.
"Расадник е само резултат на сето она што се случува последните 30 години. Не е ниту прв но за жал, очигледно е последно нешто што може да се случи во Кисела вода затоа што тоа е последниот слободен простор во општината и тоа катастрофално", вели архитектот Филип Конески.
Тој укажува дека денес во Скопје сите ја гледаме и ја живееме таа политика која во суштина е профитерска приватизација на јавниот простор и дека се гази јавниот интерес, се уништува и визуелниот и урбаниот идентитет на градот , и оставаат штетни траги.
"Имаме локални велможи зашто секој си тера своја политика зависно од политичката партија зависно од етничката припданост. Никој не размислува за никакво обединетост во делувањето", вели тој и додава дека проблемот е слоевит. Според него патрон на проблемот е државата и законите.
"Денешните луѓе кои се на власт наследуваат од она што се случувало претходно, но не може да се правдаме постојано на одредени правилници и закони. Кога сме на позиција ние треба да генерираме политика на промени" вели Конески.
Како најголем проблем во јавноста се посочува тоа дека земјиштето кое го опфаќа овој ДУП е што поголемиот дел е во приватна сопственост кое на сопственикот му е вратен со денационализација. Општината излегува со оправдувања дека има „заврзани раце“ за поголема интервенција.
Видете и ова: Аеродром рекордер по изградени станови во државатаВо меѓувреме, во изминатите денови јавноста е сведок на бројни раекции на граѓани кои живеат во згради во Расадник кои велат дека со новиот проект ќе се наруши хуманото живеење, ќе се оптовари постоечката инфраструктура и ќе се направи сообраќаен хаос, особено во периодите кога луѓето одат и се враќаат од работа. Покрај тоа, тие бараат и повеќе зелени површини.
Државното земјиште пак, според градоначалникот Филип Темелковски е предвидено за зелени површини, за изградба на паркиралишта, а на него ќе се градат и училиште и градинка.
Коневски вели дека кога се планирале основните параметри на инфраструктурата на проктот за него како и за многу други што се направени во Скопје воопшто не биле предвидени пропорциите на растојание меѓу зградите ниту тоа дека ќе дојде до масовна флуктуација на патници кои доаѓаат и се враѓаат од работа и оти има низа други пропусти кои се недозволиви.
"Tоа може да се види од првиот дел од Расaдникот кој претходно е реализиран. Нема ни едно дрво по улиците, паркинзите се преполнети и улиците се преполнети. Доаѓаме до тоа дека нема закон кој ве обврзува доколку сте сопственик на стан да имате задолжително паркинг место во објектот. Тоа е недозволиво. Затоа имате зграда во која 10 проценти се купени паркинг местата, а 50 проценти паркираат по улица. Сега ,пак, во новиот проект за Расадник на централната структура каде е најслободен простор се предвидени згради од 31 метар до 49 метри што значи приземје мезанин и 15 ката и тоа густо наредени. Има една локација каде се шет петнаесет - катници на растојание од 10 до 25 метри. А висината на објектот треба да е еднаква на растојанието со соседниот објект. Ако е 50 метри објектот треба да е најмалку 50 метри одалечен од соседниот објект за да имате доволно осончување" вели Конески
Прашина и загаден воздух како дел од проблемот
Како и да инфраструктрата во градот освен што е загушена со динамиката на жители и сообраќај често тоа се претвора и во крупни еколошки проблеми. Скопје денес е соочено со проблемот на загадување на воздухот. Во зима непрестано вдишуваме загаден воздух, во лето трпиме жештини и поради се помалку зеленило пред зградите , при секое одење и доаѓање на работа сте изложени на прашина од новите згради кои се градат и загадување од издувните гасови од густиот сообраќај на улиците.
Во урбанизмот мора да се планира треба локацијата да се поврзе сообраќајно морате да ги задоволите основните потреби, а потоа да планирате, вели Конески
"Пример Кисела вода е деградирана општина, нема јавна површина нема тротоар, нема дефиниран парк. А што с е случува со Скопје? Му недостасуваат градски паркови со зелена површина, не зборуваме за мали паркичиња од типот. Жена парк или пред зграда. Во балансот на Скопје на таа површина недостасуваат поголеми површини со паркови. А особено паркови се неопходни кога постојано трубиме за негативни влијанија на Цемнтарница. Независно што користат филтри, постојано мириса, живеам таму" вели Конески.
Колку пати сме се обиделе да промениме нешто во нашата зграда?
Архитектите велат дека проектите како расадник во Кисела Вода, како и плановите за изградбата на висококатници во Ѓорче Петров, кои се актуелни деновиве, но и конинуираното никнување на градби во Дебар маало и Тафталиџе ќе направат главен град во која нема да може да се живее и поради тоа е неопходно и граѓаните да се едуцираат и органзиираат за да се запре урбанистичкиот хаос во кој Скопје забразано се движи.
Со блокирање на главната улица во Ѓорче Петров жителите на оваа општина деновиве го изразија својот револт за најавената изградбата на 60 метарски згради и населување на 3000 жители во месноста Јурија.
Тие носеа пароли на кои пишуваше „Правете градинки, а не ѕидови“, „Сакаме паркови, не сакаме згради“, „Ѓорче не го даваме“.
Има хиперпродукција на станови, се купуваат како инвестиција во недвижнини
Но, во меѓувреме во Скопје иако јавноста е сведок на реакции на граѓани кои бараат да се престане со намалување на зелените површини и да се стопираат градбите, официјалните податоци покажуваат дека трендот на градење продолжува, но и на купување.
Ова се случува во ситуација иако во основните параметри на градската инфраструктура кои биле планирани и правени во време на Југославија не било предвидено дека дека жителите на Скопје толку бргу ќе нараснат до денешните пропорции ниту дека ќе дојде до толку масовна флуктуација во сообраќајот на патници кои доаѓаат и се враќат од работа.
Никола Велковски од Групацијата за градежништво вели дека во ова време кога луѓето се соочуваат со страв од новиот вирус интересот за купување станови и натаму е голем и оти тоа пред се се должи на купување на луѓе од внатрешноста.
"Во целата оваа ситуација со пандемијата за среќа или за жал станови се уште се купуваат. Но, претпоставувам најмногу ги купуваат од внатрешноста затоа што голем дел од луѓето имаат слободни пари најсигурно им е вложувањето во недвижнини. Значи не станува збор за купување од млади брачни парови на станови за домување зошто им требаат кредити, туку за инвестиции на оние кои имаат слободни пари."вели Велковски.
Тој дополнува дека во Скопје има хиперпродукција на станови и оти проблемот со немање паркинзи, густиот сообраќај и намалување на јавните зелени површини е реален, но оти решението треба да се бара во децентрализација на локалната самоуправа.
"Крајно време е да има фискална децентарлизација. Да не мора секој да доаѓа во Скопје. А Скопје нема потреба од толкав број жители и стана нехумано место за живеење. И сите ресурси з а идните генерации ги потрошивме и за работа и за спорт и за градење итн. И идните генерации ќе имаат желба да градат, но им ги потрошивме на брзина сите ресурси" вели Велковски.
Видете и ова: Продажбата на станови се намалува, но цената растеСпоред податоците на Агенцијата за катастер во второто тримесечије од годината најмногу недвижности се продале во Аеродром, каде се продале 343 станови, потоа следуваат Карпош со 167, Центар со 160 продадени станови. Во скопските општини Аеродром, Карпош и Центар се половина од сите продадени станови во Македонија во вториот квартал.
Нема обединето стратегиско делување на ниво на Скопје
Во меѓувреме, како резултат на градежната експанизија особено поновите општини во Скопје во последниве неколку години претрпуваат огромни измени и градот станува непрепознатлив. Општината Аеродром секоја година е прв на листата во скопскиот регион по завршени станови. Веднаш зад Аеродром се наоѓа Карпош.
Радио Слободна Европа пишуваше за градежната експанзија во Аеродром каде во радиус од 500 метри и тогаш избројавме околу 29 нови згради на местото каде се наоѓаа старите воени бараки. Таму и највидлив е новиот лик кој го добива општината, која во изминатите 5 години пак се збогатила за дополнителни 351 објект.
Архитектите проблемите со градежната непланска експанзија ги гледаат во законите како и во поделбата на општините која не фукционира добро. Тие наведуваат дека поради несоработка на општините може да се случи во една општина една улица да се работат со еден материјал а другата општина да продолжи да гради со друг. Како еден од проблемите тие го посочуваат и начинот на буџетирање на општините . Општините добиваат пари од комуналии, а тоа значи дека притисокот за градба на нови објекти е постојан. Тие прашуваат што ќе се случи кога сите површини ќе ги изгради општината и кога ќе остане без сретства.
Според нашите соговорници, мора да се менуваат и законите но и територијалната организација на Скопје зошто тоа е сериозен проблем кој произведува дисфункционалност.