Украина тврди дека Русија има колосални загуби

Оштетена зграда по вчерашните напади врз Киев.

Имаме сериозни загуби, но загубите на Русите се многу поголеми, рече советникот на украинскиот претседател, Олексеј Арестович. Во меѓувреме украинските власти се заблагодарија на најавената помош од САД. Ќе се евакуираат ли денеска цивилите од Мариупол?

Големи загуби во рускиот напад на источниот дел на земјата пријавија украинските власти, но исто така потенцираа дека загубите на Русија се уште полоши. Во меѓувреме украинскиот претседател Володимир Зеленски ја пофали понудата за помош на САД, која е речиси 10 пати поголема од помошта што Вашингтон ја испрати досега од почетокот на војната на 24 февруари.

Во Киев работници денеска ги чистат урнатини во станбената зона, откако Русија истрела два проектила врз главниот град за време на вчерашната посета на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, која Украина ја нарече напад врз самите Обединети нации.

Видете и ова: Бугарскиот премиер Петков веќе не се колеба, ќе испрати воена помош за Украина

Откако не успеа во нападот врз Киев минатиот месец Русија сега се обидува целосно да заземе две источни провинции познати како Донбас.

Украина призна дека ја изгубила контролата врз некои градови и села во Донбас од почетокот на нападот минатата недела, но соопшти дека придобивките на Москва се платени со огромна цена за руските сили кои веќе се истрошени од претходниот пораз во близина на главниот град.

„Имаме сериозни загуби, но загубите на Русите се многу поголеми... Тие имаат колосални загуби“, рече советникот на украинскиот претседател, Олексеј Арестович.

Американскиот претседател Џо Бајден вчера го повика Конгресот да испрати 33 милијарди долари за да му помогне на Киев да го издржи нападот.

Зеленски на Твитер напиша: „Ви благодариме на @POTUS и на американскиот народ за нивното лидерство во поддршката на Украина во нашата борба против руската агресија. Ние ги браниме заедничките вредности - демократијата и слободата. Ја цениме помошта. Денес е потребна повеќе од кога било!“

Борбата за источна Украина


Проектили го погодија Киев

Канцеларијата на Зеленски соопшти дека Русија ја напаѓа целата линија на фронтот во источниот регион Доњецк со ракети, артилерија, минофрлачки бомби и авиони. Украинскиот генералштаб соопшти дека Русија ги гранатира позициите долж линијата за контакт за да ги спречи Украинците да се прегрупираат.

Велика Британија информира дека борбите биле особено тешки околу градовите Лисичанск и Северодоњецк, главниот дел од Донбас што Русија сè уште се обидува да го заземе.

„Поради силниот украински отпор, руските територијални придобивки беа ограничени и постигнати по значителна цена за руските сили“, се вели во соопштението на британското Министерство за одбрана.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Артилериски дуели во Луганск

Евакуација од Мариупол?

Најкрвавите борби и најлошата хуманитарна катастрофа во војната се во Мариупол, источниот пристанишен град кој е претворен во пустелија поради двомесечното руско бомбардирање и опсада.

Украина се надева дека денеска ќе ги евакуира цивилите кои се заробени во фабриката за челик Азовстал во јужниот град Мариупол.

„Денеска е планирана операција за извлекување на цивилите од централата“, соопшти кабинетот на претседателот Володимир Зеленски без да даде детали.

Видете и ова: Украина стравува од големо „уништување“ на истокот на земјата

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш по вчерашната средба со Зеленски во Киев рече дека се водат интензивни дискусии за да се овозможи евакуација на фабриката за челик Азовстал, која беше нападната од руските сили што го окупираа Мариупол.

„Ние зависиме од добрата волја на сите страни и во тоа сме заедно“, изјави за Ројтерс денеска наутро, координаторот за кризи на Обединетите нации, Амин Авад.

Во вторникот, рускиот претседател Владимир Путин „начелно“ се согласи ОН и Меѓународниот комитет за Црвен крст да бидат вклучени во евакуацијата на фабриката Азовстал.

Градскиот совет на Мариупол соопшти дека околу 100.000 жители во градот се „во смртна опасност“ поради руското гранатирање и нехигиенските услови и „катастрофален“ недостиг на вода за пиење и храна.

Русија прогласи победа во Мариупол минатата недела, но стотици украински сили остануваат во огромниот индустриски комплекс на челичарницата Азовстал. На местото се засолнуваат и цивили.