Украина тврди дека открива кинески делови во руското оружје

УКРАИНА - Украински припадник држи пушка против беспилотно летало во ров на позиција надвор од градот Хорливка, среде рускиот напад врз Украина, во регионот Доњецк, 1 март 2023 година.

Украинските сили наоѓаат кинески компоненти во руското оружје во услови на западни санкции, изјави високиот советник на претседателот Зеленски. Кина негира дека испратила воена опрема во Русија, наведувајќи ја нормалната трговска соработка.

Украинските сили наоѓаат сè поголем број компоненти од Кина во руското оружје што се користи во Украина, изјави за Ројтерс висок советник од кабинетот на претседателот Володимир Зеленски, додека залихите од Западот се притиснати поради санкциите.

„Продолжуваме да наоѓаме разновидна електроника во оружјето извлечено од бојното поле“, рече Владислав Власиук, кој го советува началникот на кабинетот на претседателот за политиката на санкции.

„Трендот сега е дека има помалку компоненти од западното производство, но повеќе, не е тешко да се погоди која земја ги направила компонентите. Се разбира, Кина“, рече Власиук.

Кина постојано негираше дека испраќала воена опрема во Русија од почетокот на инвазијата врз Украина во февруари 2022 година.

Видете и ова: Бербок - Пекинг да побара од „рускиот агресор“ да ја запре војната во Украина

Нападот предизвика санкции од Западот, вклучително и испраќање на воена и технологија за двојна употреба, како што се микрочипови кои може да се користат во обични уреди или оружје.

Разузнавачките податоци собрани од украински експерти од бојното поле, како што пренесува Ројтерс, покажуваат дека во навигацискиот систем во беспилотните летала Орлан, кои претходно го користеле швајцарскиот систем, биле пронајдени компоненти од кинеско производство.

Експертите исто така објавија дека пронашле делови од кинеско производство во системот за контрола на оганот на руските тенкови, кои претходно користеле делови од француско производство.

Деманти од Кина

Ројтерс не можеше независно да ги потврди разузнавачките податоци, ниту дали споменатите компоненти можеби биле наменети за невоена употреба или биле пренесени во Русија од трета страна.

На прашањето дали кинеските компании обезбедуваат делови за руска воена опрема,, од канцеларијата на портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи изјавија за Ројтерс:

„Низ историјата, Кина спроведува нормална трговска соработка со сите земји, вклучително и Русија, врз основа на еднаквост и взаемна корист“.

„Што се однесува до извозот на воени предмети“, рече изворот, „Кина секогаш усвојувала разумен и одговорен став“.

Видете и ова: Кина и Русија споделувале тактики за цензура на интернетот

Власиук рече дека Украина можела да идентификува некои производители или добавувачи и да ги сподели тие информации со западните сојузници.

Тој го именуваше кинескиот производител на оружје „China North Industries Group“ (Norinco), како еден од добавувачите и воен добавувач, како и „Xinxing Guangzhou Import & Export“, без да каже што испорачуваат.

Вработен во „Norinco“, кој одби да биде именуван, рече дека компанијата „не испорачува компоненти за воена опрема за Русија“.

Xinxing Guangzhou Import & Export Co не одговори веднаш на барањето за коментар.

Руското Министерство за надворешни работи, исто така, не одговори веднаш на барањето за коментар.

Американската загриженост

Американскиот државен секретар Антони Блинкен минатиот месец изјави дека Кина сè уште не ја „преминала линијата“ за снабдување на Русија со смртоносна помош.

Сепак, американските власти внимателно го следат развојот на настаните и се особено загрижени за таканаречените производи за двојна употреба, како што е електрониката што може да се користи, на пример, или во микробранови печки или ви ракети.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Рубин: Голем предизвик е битката против дезинформациите од Русија и Кина на Западен Балкан

Претходно оваа недела, САД додадоа кинески компании во своите нови санкции, вклучително и препродавач на сателитски снимки за кој Стејт департментот рече дека обезбедувал слики од локации во Украина на субјекти поврзани со руската паравоена група Вагнер и нејзиниот шеф Евгениј Пригожин.

Кина, која се позиционираше како посредник, рече дека не е заинтересирана за разгорување на конфликтот, како што вели дека тоа е случај со испораките на оружје од Западот во Украина.

Украина воведе санкции за кинеската компанија „Comnav Technology“ за снабдување на Русија со опрема за навигација и радар што може да се користи за поддршка на руски и ирански беспилотни летала и ракети.

Вработен во „Comnav“, кој не сакаше да биде именуван, на прашањето дали фирмата испорачува компоненти на Русија, рече: „Не, се разбира дека не“.