Охрид, Дојран и Струга, ако опција нема друга

Охрид

Пасошката криза ја надминавме во сенка на корона кризата. Сега пасоши имаме, ама не знаеме дали и кога ќе може слободно и без страв да патуваме. Стручната јавност во ова гледа можност за поддршка на домашниот туризам

Во услови кога корона кризата животот го пренасочи во сосема неочекуван и непредвидлив правец, извесно е дека летниот период ќе ни донесе поинакви планови во однос на патувањата. Пролетните екскурзии по повод празниците одамна се откажаа, а кај дел од граѓаните веќе постои страв летниот одмор да се помине надвор од земјата, дури и кога границите би се отвориле и кога кризата со корона вирусот би била ставена под контрола.

„Мислам дека летово ќе останеме во земјава, Дојран, Охрид не ни бегаат“...

„Рано е да се прават планови за летни патувања, ама ми се чини дека уште ќе потрае ова со короната и не ми се ризикува да патувам во некоја од соседните земји“, велат некои од граѓаните.

Кризата со коронавирусот ја стави во сенка пасошката криза која настана во февруари. Тогаш голем дел граѓани останаа без можност да добијат нова патна исправа затоа што во министерството имаше недостиг на образци поради наводни проблеми со тендерската процедура. Набргу потоа пасошите стигнаа, но земјава беше навлезена во нова криза, овојпат предизвикана од корона вирусот. Првиот полицаец Наќе Чулев вели дека пасоши сега има.

„Пасошите веќе стигнаа во Министерството за внатрешни работи . Испорачани се и ги има во доволен број. Сите оние термини кои беа закажани од страна на граѓаните, а кои сега спаѓаат во период на ограничување на движењето ги презакажуваме, им се јавуваме на граѓаните и ги презакажуваме за друг ден или во денот кога има слободни термин“, вели техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев.

Во однос на македонските граѓани кои се надвор од земјата, а кои имаат истечен пасош но не можеа да се вратат во земјата, Чулев потсетува на законската удредба со која се пролонгира важењето на патните исправи до траењето на вонредната состојба, што пак значи дека ако сте надвор од државата или поради здравствени не можете да аплицирате за нова патна исправа, треба да знаетедека исправата важи до трањето на вонредна состојба и дека за оваа уредба се запознаени граничните служби на другите држави.

Видете и ова: Македонската берза „заздравува“ од коронавирусот

За кризата со патните исправи се дозна на почетокот на февруари. Преостанати тогаш беа само 3.700 обрасци, а од нив 650 како што најави тогаш техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев, беа искористени за издавање патни исправи по итна постапка, а останатите се издаваа по приоритет.За таа цел беше формирана и Комисија на МВР која одлучуваше по барањата за пасоши.

Одговорност за тоа кој е виновен за недостигот на пасоши никој не презеде, но затоа пак имаше обвинувања меѓу засегнатите страни. Чулев реагираше дека недостигот на пасоши е последица на несовесното работење на неговиот претходник, а сега технички премиер Оливер Спасовски. Спасовски пак ги негираше ваквите трвдења.

Домашниот туризам добива шанса

Пасоши сега имаме, ама границите засега остануваат затворени. Патувањата ќе мора да почекаат уште некој извесен период, па дури и кога мерките ќе се олеснат. Некои од европските земји веќе најавија дека подолг период ќе бидат затворени за странски туристи и дека размислуваат дали на нивните државјани ќе им дозволат да патуваат летово. Дали тоа значи дека летната сезона 2020 ќе биде поволна за домашните туристички центри?

Професорот Науме Мариноски од Факултетот за туризам во Охрид вели дека во вакви услови проблематично е секакво движење, меѓутоа кога немате друга можност секако дека домашниот туризам ќе биде во прв план.

„Во последно време ние размислуваме и за промена на стратешки приод во тертманот на домашниот туризам бидејќи бележи намалување на прометот, така што ако преземеме некои мерки како субвенционирање и слично би добиле доста во поглед на одржливоста на самиот туристички развој“, вели Мариновски и додава:

„Традиционално Охрид и Струга се водечки дестинации во Македонија во поглед на домашниот туризам. Се разбира и Дојран е тука. Има и други можности, но во наредниот период треба да се пристапи стратешки и да се утврдат сите приоритети кои стојат на располагање. Има и алтернативи како планинскиот, бањскиот туризам така што има доста можности за да се подигне прометот во тој дел од домашниот туризам. Ако ние добиеме повеќе домашни туристи, тоа ќе значи дека цените ќе се пониски“, изјави професорот Мариноски.

Инаку штетите од коронавирусот веќе се чувствуваат во туристичкиот сектор и тие може да се очекува да донесат неколку милиони евра загуба за компаниите, предупреди неодамна и претседателката на Стопанската комора за туризам Билјана Пејоска Ристеска. Од комората додаваат дека до мај се откажани сите групни тури од странство, драстично е намален бројот на туриститите и веќе речиси не постои интерес за посета на државава поради претпазливост. Секторот засега книжи загуби од 40 до 80 проценти и стравува од можно затворање на капацитетите.

Од Комората за туризам велат дека кризата која го зафати туризмот поради коронавирусот ќе остави тешки последици и во наредниот период затоа што стравот ги прави луѓето попретпазливи кога во прашање се патувањата.

Во обид да ги ублажи економските удари од кризата Владата веќе презентираше ваучери како мерка за заштита на туристичкиот сектор кој е најпогоден од кризата со коронавирусот.

„Во делот на туризам, министерството за економија изготви уредба со законска сила каде што ќе се издадат ваучери на туристичките агенции во вредност од сумата за уплата на ангажманот откажан поради коронавирусот. Со оваа мерка ќе им се овозможи да издаваат ваучери во износ од уплатената сума заклучно со 31 декември 2021 година“, изјави Бектеши минатиот месец.

Тој додаде дека за поддршка на туризмот, Здружението за заштита на авторски и музички права ќе ги ослободи од плаќање од надоместок за музика, хотелите, угостителските објекти, со оглед на тоа што и моментално не работат.

Во меѓувреме, анализата на Светскиот совет за патувања и туризам покажа дека епидемијата на новиот корона вирус Ковид-19 ќе го чини светскиот туризам најмалку 22 милијарди долари како резултат на падот на трошењето на кинеските туристи.