Новата претседателка на Уставен суд Добрила Кацарска денеска го започнува својот мандат со помалку кадар. Кацарска на претседателското место во Уставниот суд го наследи судијата Сали Мурати кој ја извршуваше таа должност од 30 октомври 2019 година.
На тројца уставни судии вчера им истече мандатот со што во работен состав остануваат 6 судии. Досегашните судии и поранешни претседатели на Уставниот суд Елена Гошева, Никола Ивановски и Сали Мурати заминуваат од Уставниот суд со навршени девет години мандат. Според правилата Уставниот суд може да функционира и без една третина од судиите, но годинава му истекува мандатот и на судијата Јован Јосифовски кој беше избран во 2012 година.
Видете и ова: Сомнежи за „изнуда и фалсификат“ во случајот РЕК БитолаИспразнетите судски столчиња, задача има да ги пополни Собранието, затоа што Гошева, Ивановски и Мурати дојдоа на тие позиции по предлог и поддршка на пратениците од тогашното владејачко мнозинство во 2012 година од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.
Проблемот е во тоа што Собранието доцни во изборот на нови уставни судии. Пратениците кои се дел од комисијата за Радио Слободна Европа велат дека постапката за избори на судии не е ниту почната, нити пак во Собранието се пристигнати формални апликации за нови уставни судии. Од собраниските служби до објавувањето на овој прилог не одговорија на прашањето дали и колку пријави за нови уставни судии се пристигнати.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицески кој е дел од Комисијата вели дека се уште немаат нити информација за тоа дали воопшто пристигнале пријави на кандидати за уставни судии.
Поранешниот претседател на Уставниот суд Трендафил Ивановски вели дека Собранието мора да смогне сили за да го реши проблемот со недостиг на уставни судии.
„Дотолку повеќе што нити тоа е голем проблем, нити е проблем кој се наметнува ад хог, туку е тоа работа за која знаеле однапред и мислам дека не треба да се допушти и натаму да продолжи судот да работи подолг период со недостаток од тројца судии“ вели тој.
Видете и ова: Судот не го пушти, иако за Обвинителството не беше Мијалков роден за тие пусти притвориЗа да може да функционира судот, најмалиот број е двотретинско мнозинство, односно вкупно 6 судии, затоа што судот носи одлуки со најмалку 5 гласа „за“ . Тоа значи дека со помал број на судии за одредени прашања може да има проблем во носење на одлуки. Но, доколку не се изберат судии додека дојде време да му истече мандатот и на четвртиот судија Јосифовски, тогаш Уставниот суд не може да функционира. Ивановски вели дека не е прв пат пратениците да не си ја исполнат својата одговорност пропишана со Уставот.
„Јас лично мислам дека на Собранието не му е јака страна да се одликува со ефикасно вршење на својата функција, во Собранието гледајќи како се исполнува и другата законодавна функција некако несериозно и не докрај ја исполнува својата уставна обврска кон другите прашања од законодавната дејност“ , вели Ивановски.
За уставен судија, може да конкурира секој „истакнат правник“. Предлозите ги даваат членовите на Комисијата за избори и именувања, а изборот се врши со најмалку 61 пратеник. Во агендата на Собранието е закажана седница на комисијата на 7 јуни и прва точка на дневниот ред е утврдување на предлог за избор на уставни судии, а потоа се предвидени разгледување на предлози за членови во Делегации, членови на Националниот совет за евроинтеграции, и претседатели и членови на управни одбори за доделување на државните награди „Мајка Тереза“ „ Св. Климент Охридски“, „Мито Хаџи Василев Јасмин“ „8 септември“ и „Мето Јовановски“ и за кирија за станови.