Живот на 40 степени- најтешко им е на работниците изложени на сонце

Градежни работници, градилиште

Со капа, очила и многу течности кога се на сонце, а дома или на работа со клима. На различни начини граѓаните се обидуваат да ја поминат портокаловата фаза која ни носи температури над 40 степени. Од ССМ апелираат работодавачите да ги заштитат работниците кои се изложени на сонце

Жешките лета со високи температури не се невообичаени за овој период од годината, но граѓаните велат дека за разлика од порано, сега многу потешко го поднесуваат сончевото зрачење. Топлотните бранови кои го поминуваат 40 степен се се почести, ветер скоро и да нема, улиците се полупразни, бидејќи е тешко да се биде на отворено во вакви услови. Граѓаните кои мораат да излезат надвор, работите ги завршуваат или во утринските часови или пак се штитат со шапки или бараат сенки. Но, не секој може да си дозволи да работи од канцеларија и да се заштити од горештините.

Видете и ова: Вечниот мраз на Сибир се одмрзнува, научниците зачудени

Афик Исмаили е вработен во општина Центар и заедно со својот тим е задолжен за одржување на зелените површини во центарот на градот. Вели дека со работа почнуваат рано наутро, а кога е најжешко се повлекуваат на сенка.

„Таква ни е работата. Не е лесно сега во овој период кога е многу жешко. Но издржуваме со колегите. Почнуваме од 7 часот и издржуваме до 14 часот. Околу 11 и 12 часот ги чистиме терените каде што има сенка. Носиме капи, пиеме многу често вода и така се обидуваме полесно да ги поминеме жештините“, вели Исмаили.

Борче Таневски е сопственик на сервис за прецизна механика. Вели дека топлите лета се вообичаени за Скопје. Но, она што според него е поразлично е високиот индекс на УВ зрачењето.

“Имало топли лета, ама сонцето не било со толку високо УВ зрачење. На пример 1979 година, асфалтот буквално се топеше, ама зраците не беа толку штетни. Сега дома во бавчата сите цвеќиња и тревата се пожолтени, горат. Се штитам колку што можам, со шапка, дома кога сум со клима, тоа е“, вели Таневски.

За младиот Даниел Пауновски високите температури не се проблем бидејќи работи во канцеларија. Сепак додава дека е навикнат на вакви температури.

„Роден сум во Скопје. Таа е таа клима, се знае, лета топли по 50 степени, а ладни зими. Сега е малку променето. Зимите се поблаги, а летата траат повеќе. Не е толку страшно. Порано како дете од мај месец сум се бањал во Охрид, сега во мај тешко дека ќе влезеш во езеро“, вели Пауновски.

Марија и Емилија ги сретнавме во центарот на градот. И двете велат дека излегуваат порано од дома за да стигнат на работа, а внимаваат и на храната што ја консумираат.

„Тешко е да се издржат горештините, секако дека избегнувам да се движам на сонце во периодот од 11 до 17 часот. Доаѓам порано на работа, а подоцна си одам дома. Пијам течности, јадам овошје и зеленчук и избегнувам мрсна и тешка храна“, вели Емилија, сопственичка на фризерница.

„Јас пијам многу течности, гледам сите работи да ги завршам порано. Топло е секоја година, затоа што има малку зеленило во градот, се повеќе се гради. Викенди кога имаме можност одиме на некое место каде што е некој степен пониска температурата, ако не седиме дома со климата вклучена“, вели Марија од Скопје.

Видете и ова: Топлотен бран - потребна е адаптација за екстремна клима

Сепак, во овој период најтешко им е на оние кои мораат да бидат на отворено. Токму во летниот период најмногу се гради, а градежните работници се најмногу изложени на сонце. Тука спаѓаат и земјоделците, но и вработените во јавниот превоз. Од Синдикатот за градежништво при ССМ велат дека нивните теренски контроли покажуваат дека голем дел од работодавачите не ги почитуваат препораките и луѓето работат токму во периодот кога не се препорачува работа на отворено.

„Нашиот апел е препораките да се преточат во законско решение. Не смееме да оставиме тоа да биде само правилник и подзаконски акт, бидејќи со тоа никој нема законска обврска некој да биде казнет доколку некој не ги почитува мерките. Затоа бараме тие препораки да влезат во Законот за безбедност и здравје при работа и оние работодавачи кои нема да ги почитуваат да бидат соодветно казнети. Само така ќе порасне свесноста кај работодавачите да ги одморат работниците на отворено, инаку во спротивност, се ќе биде мртво слово на хартија“, вели Иван Пешевски, претседател на Синдикатот за градежништво при ССМ.

Од Синдикатот за градежништво апелираат во следните денови кога Македонија влегува во портокалова фаза да се внимава работниците да бидат на некое поладно место.

„Луѓето тоа си го знаат, но на терен не се спремни и не можат да дадат отпор пред работодавачот да не работат, бидејќи притисоците се огромни, се бркаат рокови, се градат објекти на секој чекор, но не треба да заборавиме дека на крајот на денот не е ништо повредно од еден човечки живот. Особено во овие топли денови навистина имаме најголем број повреди и жртви, особено во топлотните бранови кога луѓето се колабирани на работа, нема каде да одморат и да се разладат и навистина се нечовечки условите за работа“, вели Пешевски.

Видете и ова: Чудна туристичка сезона и ова лето

Во меѓувреме продолжуваат да важат здравствените препораки за заштита од високите температури. Се препорачува за време на овие многу топли денови да се остане во затворени простории главно климатизирани, а кога е потребно да се биде надвор за овој временски период, да најдат можност за почести одмори под сенка. Пожелно е граѓаните да се заштитат од директно изложување на сонце, да избегнуваат излегување надвор од 11 до 17 часот, да носат лесна облека, заштитни очила и капа, да конзумираат лесна храна и пијалоци, да обрнат внимание на подготвувањето и конзумирањето на храната и да се избегнуваат термички подготвени производи.