Министерството за здравство заедно со Светската здравствена организација (СЗО) и УНИЦЕФ развива комуникациска стратегија и кампања за вакцинацијата за ковид- 19 која има за цел споделување на точни и навремени информации околу вакцините и вакцинацијата, како и подигнување на свеста кај населението за значаење на вакцинацијата против ковид-19 во борбата против вирусот, велат од Министерството за здравство.
А во очекување на првите вакцините против ковид-19 во земјава, граѓаните се занимаваат со теории на заговор, дезинформации, антивакцерство, политички препукувања зошто земјите во соседството ги вакцинираат своите граѓани против ковид-19, а Македонија се уште чека на вакцини, а тука се и прашања кои вакцини се подобри, дали тие од Западот, руските или тие од Кина?
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Од Министерството велат дека со точни и релевантни информации, навремено ќе ја информира јавноста околу процесот на вакцинација.
„Планот за комуникација се адаптира според новите информации кои стигаат преку традиционалните и онлајн медиумите, а преку нив ќе се пренесуваат и пораките. Во кампањата предвидено е вклучување и на експертската јавноста како поддршка на вакциналната кампања. Од голема важност е поддршката на сите медиуми во пренесување на точни информации, спречување на ширење на лажни и непроверени вести или информации. Министерството за здравство од почетокот на ковид ,кризата информира навремено транспарентно и точно така продолжуваме и во процесот на вакцинацијата“, ни одговорија од Министерството за здравство.
Видете и ова: Половина население имало контакт со коронавирусот, нови пикови се малку веројатниДенот на вакцинација треба да се гледа како празник
Матичниот лекар Лиридон Диша вели дека за да се убедат граѓаните да се вакцинираат властите треба да подготват кампања со која ќе ја подигнат свеста за важноста на вакцините.
„Пораките во овие кампањи треба да бидат кратки и јасни, со информации за содржината на вакцината и како таа ќе се применува. Треба да се шират рекламни спотови низ медиумите со цел да се подигне јавната свест. Владата треба да назначи јавни личности, влијателни во општеството кои транспарентно ќе ја примат вакцината пред телевизиските камери. На медиумите да се појавуваат реномирани лекари кои континуирано ќе ги објаснуваат придобивките од вакцината. Денот на вакцинација треба да се гледа како празник во кој доброто го победува злото“, вели доктор Диша.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Повеќе од половината анкетирани во Северна Македонија веруваат во теории на заговор во однос на коронавирусот, и исто толку одбиваат да се вакцинираат против ковид-19. Слично е на целиот Западен Балкан, покажа истражувањето на јавното мислење во земјите од Западниот Балкан, кое пред еден месец го објави мрежата БИПАГ (Balkans in Europe Policy Advisory Group). Во земјава над 40 отсто од испитаниците одговориле дека „со сигурност“ нема да се вакцинираат, додека уште над 10 проценти рекле дека „веројатно нема“ да се вакцинираат. Околу 15 отсто рекле дека со сигурност ќе се вакцинираат, 20 отсто дека „веројатно“ ќе се вакцинираат и 10 проценти од анкетираните се уште не одлучиле што ќе прават.
Вакцините се цивилизациска придобивка
Одговорот на здравствената криза треба да го даваат лекарите, медицинските лица, истражувачите. Се додека тие одговори ги дава политиката, постојано се расправа и влегува во клинч со опозицијата, се дотогаш ќе имаме проблеми вели специјалистот за односи со јавност Бојан Кордалов.
„Колку повеќе оваа прашање го оставиме во рацете на стручните, толку помалку ќе се бориме со лажните вести. Се додека секој, на чело со политиката, се чувствува компетентен да оценува дали одреден лек, медикамент, вакцина е ефикасна или не, дотогаш ќе имаме ќе имаме таква ситуација“, вели Кордалов.
Тој вели дека е потреба инклузивна кампања во која нема луѓето да се делат на послушни и непослушни, нема да се осудуваат луѓето, туку кампања со која ќе се објаснат придобивките од вакцината.
Видете и ова: Земјите во ЕУ се борат со бавната дистрибуција на вакцините„Ќе се обидуваме со позитивни примери, ќе се обидуваме со фактите кои со себе ги носи науката, со резултатите, со примерите од минатото, со она што знаеме што вакцините досега го направиме, но сме го подзаборавиле, да ги убедиме сите, да ги потсетиме сите дека вакцините се цивилизациска придобивка. Таква комуникација ни е потребна“, вели Кордалов.
Премиерот Зоран Заев информираше дека Србија ќе ни испрати помош од најмалку 8.000 вакцини од Фајзер. Заев рече дека во последната недела бараат помош и поддршка и од други земји за, како што рече, да ни дадат помош за да можеме да почнеме додека не стигнат првите 5.850 вакцини во февруари.
Министерот за здравство Венко Филипче информираше дека здравствениот систем е целосно спремен за вакцинација и во февруари се очекува да пристигнат првите дози од „Фајзер“ и „КОВАКС“ механизмот.
Македонија доби два фрижидери за складирање на вакцините на Фајзер против ковид-19, кои треба да се чуваат на температура на -70 степени Целзиусови. Има план за складирање на вакцините, за дистрибуција, за идентификување на критичните групи според приоритет. Целосно се спремни и здравствените домови и Центрите за јавно здравје ширум државата за да ги преземат и аплицираат вакцините, информираше министерот за здравство Венко Филипче.
Во февруари се очекуваат првите вакцини од Фајзер и тоа 5850 дози, а по тоа уште 17.500 во месец март и април.
Филипче најави дека февруари ќе пристигнат и вакцините преку КОВАКС механизмот, за коишто се направи уплата и се обезбеди соодветна гаранција. Вкупната количина на вакцина преку овој механизам за нашата држава изнесува 833.000 дози.
Според планот, прво ќе се вакцинираат здравствените работници кои работат со ковид пациенти, вработените во лабораториите кадешто се прави дијагностика, штитениците на домовите за лица со посебни потреби и најстарите лица од возрасните групи над 70 години коишто имаат коморбидитети. Во втората група се останатите здравствените работници, вработени во критична инфраструктура - наставниците, вработените во градинките, новинарите и секако пациентите од другите возрасни групи коишто имаат хронични болести.
Македонија не е исклучок, и во соседството каде веќе почна вакцинацијата теориите на заговор ги поткопуваат напорите на здравствените власти да се вакцинираат што повеќе луѓе. Па затоа политичарите од соседството, но и многу влијателни личности во светот се вакцинираа пред камери за да ги охрабрат граѓаните да се вакцинираат.
Агенцијата Асошиејтед прес во анализа објавена викендов наведува дека теориите на заговор ги поткопуваат кампањите за вакцинација на Балканот. Во Србија, која има 7 милиони жители, над 300 илјади луѓе се пријавиле дека ќе земат вакцина. Во Бугарија, анкетите таму сугерираат дека недовербата кон вакцините останува голема дури и кога случаите на корона вирусот продолжуваат да растат, па бугарски лекари се обидоа да ги променат ставовите. Д-р Стефан Константинов, поранешен министер за здравство, се пошегува дека на луѓето треба да им се каже дека соседна Грција ќе ги затвори одморалиштата за туристи кои не се вакцинирани, бидејќи „ова ќе гарантира дека околу 70 отсто од населението ќе побрза да добие вакцина“. Слични трендови се забележани и во некои земји на ЕУ од истокот.
Светската здравствена организација проценува дека за да се создаде колективен имунитет потребно е да се вакцинира 70 отсто од населението. Во спротивно ако премногу малку луѓе се вакцинираат, инфекции со коронавирус ќе продолжат.