77-годишниот Среќко Раденковиќ беше еден од првите 1,7 милиони жители на Косово што се вакцинираше против ковид-19 во минатиот викенд. Од селото Србовац, надвор од поделениот северен град Митровица во близина на границата со Србија, тој вели дека некако му насмевнала среќата.
Раденковиќ, етнички Србин, рече дека слушнал од соседот на 25 декември за шансата да се вакцинира против коронавирусот што досега зарази 82 милиони луѓе ширум светот, а убивајќи скоро 1,8 милиони.
„Промена на играта“ во борбата против ковид-19, Европа се вакцинира
Следниот ден, тој беше во редот заедно со десетици други во Здравствениот центар Звечан, дел од здравствениот систем во сенка во областа што ја управуваат етнички Срби. Наведено е дека има 50 или 60 дози на вакцината на Фајзер и Бионтек наменети за постари пациенти.
„Ја примив вакцината без двоумење“, изјави Раденковиќ за РСЕ.
Во регион кој е зафатен од антивакцинално чувство и дезинформации, желбата на секој за вакцина за да се заштити од коронавирусот може да биде поздравена. Но, случајот на Раденковиќ има и друга страна.
Косово не се очекува да ја добие својата прва пратка вакцини под меѓународниот дистрибутивен систем КОВАКС за најмалку два месеца. Дури и тогаш, се очекува да добие само доволно дози за околу една петтина од жителите.
Значи, косовските судски власти, соочени со евентуално стотици вакцинации во неколку заедници во северниот регион што се граничи со Србија, сакаат точно да знаат кој кого вакцинира, со кого и кој е надлежен.
Едноставна дедукција
Регионалните обвинители во Косово велат дека собираат информации за тоа што може да стане кривична истрага што ќе доведе до гонење по извештаите за вакцините.
„Ако имаме докази дека вакцините се шверцувани - бидејќи употребата на овие вакцини бара овластување - и ако тие се незаконски, ќе се покрене кривична постапка против оние што ги направиле овие работи“, изјави за РСЕ Шакри Сила, генерален обвинител во Митровица. Можеби нема да треба да бараат далеку.
Во Србија почнува вакцинацијата против коронавирусот
Неофицијалните извештаи укажуваат на тоа дека Звечан била една од четирите северно-косовски општини кои добиле околу 50 дози вакцина на Фајзер и покрај тоа што за тоа немало овластување од косовските регулатори за здравје и безбедност. Другите области се Северна Митровица, Зубин Поток и Лепосавиќ.
Српскиот претседател Александар Вучиќ на 25 декември објави дека вакцинирањето на стари жители во Лепосавиќ започна и е неизбежно во етнички поделениот град Митровица.
„Да ги заштитиме прво нив, а потоа и другите“, рече Вучиќ за постарите Срби на прес-конференција на воениот аеродром пред српскиот главен град Белград, каде што ја поздравуваше пратката медицинска опрема од Обединетите Арапски Емирати. Тој тогаш рече дека Србија ќе продолжи да се грижи за „своите луѓе на Косово“.
Српските власти не соопштија дали продолжуваат да вакцинираат на Косово, поранешна провинција чиј суверенитет Белград сè уште го отфрла и покрај признавањето од повеќе од 115 земји.
Но, официјален претставник на Грачаница, српска заедница во близина на главниот град на Косово, Приштина, сугерираше дека српското Министерство за здравство се подготвува да испрати вакцинации и во таа област.
Мирјана Димитријевиќ, директор на здравствена установа во Грачаница, изјави за РСЕ дека се испитуваат жители над 65-годишна возраст за да се процени интересот за српската вакцина.
„Очекуваме дека по доставувањето на овие податоци до надлежните институции, ќе ја добиеме поканата за набавка и ќе започнеме со дистрибуција на вакцини“, рече таа.
Приштина предупредува на последици
Во објавата на Фејсбук под наслов „Санкционирај ги кршењата на Србија“, министерката за надворешни работи на Косово, Мелиза Харадинај-Стубла ја нарече „тајна интервенција“ и „флагрантно кршење“ на договорот за правилата за заемното признавање на фармацевтските препарати.
„Србија и нејзините највисоки функционери, со своите неодамнешни активности, како и со тековните прекршувања, ја загрозија државната безбедност на Косово и го поткопаа процесот на нормализацијата на односите меѓу Косово и Србија“, оцени таа.
Привремениот премиер на Косово Авдулах Хоти на 26 декември ја забележа пријавената дистрибуција на вакцини на „граѓаните на северот на земјата“ и посочи дека вакцините „влегле преку нелегални канали“.
Тој вети дека „косовските институции ќе ги преземат неопходните законски мерки против лицата вклучени во оваа нелегална активност, како што е и шверцот на дрога“.
ЕК со дополнителни средства за вакцини за Западен Балкан
Два дена подоцна - како што Европската комисија усвои пакет од 70 милиони евра за итен пристап на Западен Балкан до вакцините за коронавирус, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји ја сподели својата „загриженост“ во врска со ова прашање.
Претставници на Светската здравствена организација во Приштина изјавија дека вакцината под КОВАКС, глобален механизам за дистрибуција на агенцијата за јавно здравје на ОН, веројатно нема да пристигне на Косово до пролетта - најдоцна до почетокот на април.
Експертите на СЗО велат дека на Косово во моментов му недостасува техничка инфраструктура и обучен медицински персонал потребен за давање вакцина.
Хоти исто така рече дека Вархеји го „уверил“ оти вакцината „ќе пристигне на Косово во исто време како и во другите земји од Западен Балкан“.
На прашањето на Балканската редакција на РСЕ, косовскиот министер за здравство Арменд Земај во минатата недела одби да каже дали Приштина преговара за вакцината на Фајзер и Бионтек.
Вршителот на должноста косовски претседател Вјоса Османи на 29 декември оцени дека вакцините веќе увезени од Србија се прекршување на договорите во рамките на меѓународните напори за нормализација, но исто така сугерираше дека тие покажуваат на „недостаток на подготовка од страна на косовските институции“.
„Мислам дека имаме одложувања што не треба да бидат оправдани“, изјави Османи, додавајќи: „Другите земји во регионот се пред нас, затоа мора и ќе бараме одговорност од Владата за тоа зошто не сме подготвени и се очекува, според голема веројатност, вакцините да пристигнат некаде по април“.
Политички скрининг?
Иако бројките варираат, најмалку 100.000 жители на Косово се етнички Срби, главно на северот, но исто така и во заедници на југот на земјата. Белград одржува систем за здравствена заштита во сенка во многу од тие региони.
Србија го предводеше регионот во започнувањето на своите напори за вакцинација, благодарение на пристигнувањето на скоро 5.000 дози на вакцината на Фајзер и Бионтек на 22 декември.
Два дена подоцна, таа стана третата земја во Европа што започна да ја дава вакцината на Фајзер, по Британија и Швајцарија. Србија моментално ја тестира руската вакцина Спутник и наводно преговарала за кинеската вакцина на Синофарм.
Вучиќ негува силни формални и неформални врски меѓу српската влада и етничките српски заедници во Косово и другите соседни земји.
Артон Демхасај, директор на косовската невладина организација Коху која промовира демократија и антикорупциски напори верува дека очигледно политиката за вакцинација на Вучиќ на северот на Косово има за цел да ја испровоцира Приштина.
„Сега тој очекува институционални реакции од Косово и тогаш тоа ќе го искористи на меѓународната сцена како „ Еве дури и за хуманитарна интервенција за српските граѓани на Косово, какви се реакциите “, рече Демхасај за РСЕ.
Тој посочи дека и обезбедувањето на вакцината толку брзо - дури и пред многу земји на ЕУ - беше дел од намерно политичко шоу од страна на Вучиќ.