Тешки зборови на релација Скопје - Софија

Архивска фотографија, македонскиот премиер Димитар Ковачевски и бугарскиот претседател Румен Радев

Лавина реакции пристигнаа од Софија кон Скопје по споредбата на премиерот Димитар Ковачевски на бугарскиот дискурс кон Македонија со рускиот кон Украина. Билатералната политичка сцена се вжешти и по обвинувањата за „црни листи за бугарски државјани во Македонија“.

Македонските и бугарските политичари во последниве два дена разменија „силни зборови “ со што ја заострија реториката во македонско- бугарските односи. Темата за билатералните односи и вметнувањето на Бугарите во македонскиот Устав „преку грбот“ на македонскиот револуционер Гоце Делчев, се случува во период кога во земјава е формирана работна група која работи на уставни амандмани, а во Бугарија се водат преговори за формирање на Влада по петтите по ред вонредни избори.

Бугарскиот претседател Румен Радев и порача на македонската Влада дека ќе може да каже дека гради модерно мултиетничко општество кога ќе најде сили да ги впише „сонародниците на Гоце Делчев во својот Устав“.

Видете и ова: Ковачевски: Дискурсот на Бугарија кон Северна Македонија наликува на рускиот кон Украина

На ваквата изјава денеска возврати македонскиот премиер Димитар Ковачевски.

„Она на што ние работиме, бидејќи е формирана работната група, откако работната група ќе ги направи амандманите, значи дека наследниците на Гоце Делчев ќе ги вметнат сонародниците и наследниците на Радев во македонскиот устав“, изјави Ковачевски.

Вчера Ковачевски вс Јотова

До засилената реторика дојде откако Ковачевски вчера го спореди дискурсот кој се користи во Бугарија кон Македонија со рускиот кон Украина, како одговор на бугарската потпреседателка Илијана Јотова и нејзиниот говор за „обесправените Бугари во Северна Македонијa“.

Според Ковачевски, обвинувањата од Јотова се целосно неосновани и доаѓаат од земја која што не ги почитува пресудите на Европскиот суд за човекови права и стандардите на Советот во областа на човековите права.

Видете и ова: Бугарско МНР - Цинична е секоја споредба на Македонија со Украина

Станува збор за пресуди на Судот за човекови права што Бугарија ги нема спроведено во однос на здружување на Македонците од Бугарија.

Бугарското Министерство за надворешни работи ја оцени изјавата на Ковачевски како цинична и неприфатлива. Бугарското МНР смета дека е недозволиво да се изразува загриженост за основните права на една заедница и да се користат како изговор за неосновани и жестоки напади врз земја членка на Европската унија.

„Изјавата на Ковачевски, уште еднаш јасно го искажува вистинскиот однос на Скопје кон основните вредности на ЕУ“, се наведува во соопштението на бугарското МНР.

Најава за нова декларација во бугарското Собрание

На изјавите на премиерот Ковачевски реагираа и бугарски пратеници кои порачаа дека е „неправда некој денес да се осмели да ги спореди со Руската федерација“.

Лидерката на бугарската Социјалистичка партија (БСП), Корнелија Нинова, изјави дека партијата иницира декларација на Националното собрание за осуда на односот на Република Северна Македонија кон Бугарија. Причина за тоа, според неа, се „ многу неприфатливи зборови и постапки од страна на официјалните власти на Северна Македонија“.

Вметнувањето на Бугарите во македонскиот Устав е услов за продолжување на преговорите на земјава за членство во Европската Унија(ЕУ).

Скопје преговара со Брисел а не со Софија

Македонскиот премиер е дециден дека уставните измени се дел од преговарачаката рамка со ЕУ и земјава преговара со ЕУ, а не со Бугарија.

„Тоа е нешто што ќе тече како процес и треба да се случи затоа што македонските граѓаните заслужуваат да живеат во земја членка на Европската Унија“, вели Ковачевски.

Но за првите луѓе на бугарската политика членството на Северна Македонија во ЕУ зависи од постапките кон бугарските граѓани.

„ Раководството на Македонија треба да ги убеди своите граѓани, а не Бугарија, дека гради демократска држава. Држава во која не се пука во бугарските клубови, тие не се палат и во која Бугарите не се изложени на системски терор, физичко насилство и режирани судски процеси“, изјави Радев на годишната конференција на началниците на одбраните од балканските земји во Софија.

Видете и ова: Уставните измени се само една од можните сопки кон влезот во ЕУ

Софија обвинува за црни списоци

Политичките тензии меѓу двете соседни земји дополнително се разбрануваа откако на бугарскиот европратеник не Андреј Ковачев не му беше дозволен влез во земјава заради неговите сопатници, но МВР не одговори конкретно за РСЕ дали постојат списоци на бугарски граѓани на кои им се забранет влез во Северна Македонија.

Вчера во Скопје не пристигнал ниту бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски, кој е познат по своите националистички испади дури и во Европскиот парламент, а кој требаше да учествува на состанокот на мешовитот парламентарен комитет меѓу Северна Македонија и ЕУ. Тој денеска ја коментираше изјавата на претседателот Пендаровски.

„Официјалните власти во Скопје прават „црни“ списоци за забрана за бугарските граѓани и се фалат со тоа. Само античовечки режим на омраза може да примени вакви трикови во XXI век во Европа! Во комунистичките режими имало „забранети луѓе“, очигледно навиките не се искоренети,“ коментираше Џамбаски на социјаланта мрежа Фејсбук.

Пендаровски - не може никој да се крие зад својата функција

Претходно македонскиот претседател Пендаровски за обвинувањата дека билатералните односи се нарушуваат со забраната за влез на европратеник во Македонија изјави дека не може некој да се сокрива зад својата функција, а да изнесува ставови кои ја повредуваат јавната безбедност во Македонија.

„Лицата кои имаат територијални претензии нема да влезат во Македонија“, порача Пендаровски.

Според него Андреј Ковачев и Ангел Џамбаски како европратеници се добродојдени во Македонија, но не и како приватни лица.

Тој на дискусијата организирана од белградскиот Центар за безбедносна политика на тема „Руска агресија против Украина: нов импулс за проширување на ЕУ“ истакна дека таквиот дијалог кој доаѓа од Бугарија не прилега од страна на земја-членка на ЕУ. Кажа и дека пред две и пол години Бугарија почна да изнесува барања кои немаат никаква допирна точка со ЕУ критериумите.

„Започнаа да зборуваат за македонскиот етнички идентитет, дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот, дека во периодот од 1941 до 1944 тие биле администратори, а не окупатори и сето тоа беше во писмена форма дисеминирано до сите амбасадори. Таков тип на историски ревизионизам е апсолутно недозволив во секоја сериозна дискусија“ изјави претседателот Пендаровски.

Видете и ова: Има ли листа на бугарски државјани на кои им е забранет влез?

Официјална Софија веќе подолг период го блокира членството на Скопје во Европската унија со обвинување за непочитување на Договорот за добрососедство и за непочитувања на правата на Бугарите во Македонија, а спори и за идентитетот и јазикот на Македонците. Од Бугарија последните денови доаѓаат предупредувања дека е можно и ново вето за Северна Македонија, откако на бугарскиот европратеник Андреј Kовачев и групата бугарските државјани кои биле со него, не му бил дозволен влез во Северна Македонија.