Тешката зима и најавената енергетска криза ќе го зголемат притисокот врз владата за одржување на предвремени парламентарни избори, вели политичкиот аналитичар Марко Трошановски.
Видете и ова: Опозицијата не успеа, владата на Заев преживеаОпозицијата ја обвинува власта за неспособност да се справи со предизвиците и постојано бара предвремени избори. Власта вели дека сите капацитети се насочени кон пребродување на енергетската криза и затоа изборите треба да бидат во редовниот термин.
Трошановски вели дека влошувањето на социјалниот стандард на граѓаните само ќе го зголеми наталоженото незадоволство од претходните постапки што ќе го зголеми притисокот за нови избори.
„На власта секако да не ѝ одговара да има предвремени избори сега кога незадоволството е највисоко, меѓутоа доколку опозицијата одлучи да мобилизира граѓани на бранот на ова наталожено незадоволство, притисокот да се направи таков чекор значително ќе порасне. Дека ќе резултира сигурно со предвремени избори апсолутно не е гарантирано, меѓутоа веројатноста за истите би се зголемила“, вели Трошановски.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Неизвесно е дали ќе има природен гас зимоска и по кои цени. Од гасот зависи парното за скопјани, кое во крајна нужда може да се префрли на мазут. Државата, исто така, увезува струја, која ја купува по многу повисоки цени од оние кои граѓаните ги плаќаат. Власта најави ново поскапување на струјата од Нова година. Директорот на ЕСМ Васко Ковачевски вели дека сака поскапувањето да биде најниско што е можно. Од минатиот месец, струјата веќе поскапе просечно за 7 отсто, но поскапувањето за тие што се греат на струја ќе биде повисоко.
Трошоците за живот веќе се зголемени за 16 проценти, а само храната е за 24 отсто поскапа од лани.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека владата не е способна да се справи со енергетската криза и затоа се потребни предвремени парламентарни избори.
Видете и ова: Треба олеснување за сончеви панели, а не туширање со тенок млаз„Македонските фирми плаќаат најскапа струја во регионот, и тоа е пред сè последица на криминалот и неспособноста на владата, од каде не знаат како да произведат повеќе домашна струја по пристојни цени“, реагира ВМРО-ДПМНЕ.
„СДСМ со своето неделување, криминал и неспособност сега, придонесува истата ситуација да продолжи и догодина. Затоа предвремени парламентарни избори час поскоро се решение за излез од кризата во која нè втурна СДСМ“, велат во опозициската партија.
Во власта велат дека нè очекува „тешка зима“ и затоа сите капацитети треба да се вложат во надминување на оваа криза. Тие ја отфрлаат идејата за предвремени парламентарни избори. Заменик-претседателката на СДСМ Сања Лукаревска вели дека енергетска и економска криза има во цела Европа и оти владата е посветена на барање решенија за пребродување на овој тежок период.
„Тоа никако не смее да биде причина за предвремени парламентарни избори. Таман работа. Ние треба да ја пребродиме кризата, па дури потоа, во 2024 година, да одиме на редовни парламентарни избори“, вели Лукаревска во интервју за Радио Слободна Европа кое во целост ќе го емитуваме в недела.
По излегувањето на Беса од Владата во ноември минатата година, целата опозиција побара гласање доверба за владата, која остана без мнозинство. Сепак, на денот на гласање, пратеникот Кастриот Реџепи од Беса не се појави на седницата и владата преживеа. Во Владата потоа влезе Алтернатива и обезбеди мнозинство во парламентот.