Обединување, слога, единственост. Овие зборови беа најчесто повторувани во говорите на македонските државници по повод националниот празник Илинден. Со повеќе свечености низ неколку места во државата, денеска се одбележува денот кога славиме 119 години од започнувањето на Илинденското востание, прогласувањето на Крушевската Република и денот кога пред 78 години е одржано Првото заседание на АСНОМ и воспоставувањето на нашата државност.
Од централната манифестација која се одржува на Мечкин камен во Крушево се обрати премиерот Димитар Ковачевски.
Не постои поголем патриотизам од носењето на државнички одлуки, рече премиерот порачувајќи дека „сега е време за обединување, за заедништво, за верба во подобро утре“.
„Како што успеавме да се обединиме независно од етничката и верската припадност, наша заедничка должност е да треба да се обединиме и независно од политичките определби. Како илинденците и асномците и ние да ги поставиме пред нас државните приоритети. Тие приоритети се напредок на државата. Нема поголем државен приоритет од патот напред кој носи перспективи за иднината на младите и економски напредок за граѓаните. Тоа е можно со интеграцијата во европското семејство и повикувам на обединување за остварување на оваа државна цел. Нејзините корени се во Илинден и затоа Илинден нека биде нашата сила за нашата иднина“ рече премиерот Ковачевски.
По осумнаесет години, македонска делегација предводена од шефoт на државата Стево Пендаровски пристигна во манастирот „Св. Прохор Пчински“ каде е одржано првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ), на 2 август 1944 година. Претходно претседателот Пендаровски положи цвеќе пред Споменикот на паднатите борци од НОБ во Алејата на великаните на градските гробишта во Бутел, во Скопје.
Во својот говор пред јавноста Претседателот порача дека историската вистина не може да се промени со договор, ниту со протокол бидејќи фактите го разобличуваат секој наметнат конструкт, а концептот на обединета Европа ни ја дава најдобрата шанса да го заокружиме развојот на Северна Македонија како современа европска република.
Порачувајќи дека со историската вистина нема компромис, како и дека говорењето на историските факти, никогаш не било, ниту може да биде говор на омраза, потенцираше дека проектот на обединета Европа недвосмислено потврдува дека патот до автентично и трајно помирување меѓу народите води преку правдата втемелена врз вистината.
„Ако македонскиот народ не подлегнал на обидите за асимилација, денационализација и историски ревизионизам во периодите кога бил обесправен и немал своја држава, денес, при своја држава, шансите за такво нешто се непостоечки. А наша должност е да се грижиме нашата република, сите нејзини граѓани подеднакво да ја чувствуваат како своја татковина,“ рече претседателот Пендаровски.
Во параклисот на манастирот Прохор Пчински денеска беше поставена и спомен плочата за одржувањето на ова место на првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година. На неа на двата јазика, на македонски и на српски јазик, пишува:
„На 2 август 1944 година на ова место е одржано Првото заседание на Антифашистичкото собрание на Народното ослободување на Македонија, каде народните избраници донесоа историски одлуки со кои се воспостави државност и самобитност на македонскиот народ изразувајќи ја својата определба да живеат заедно со народите на Југославија“.
Во манастирот Св.Прохор Пчински покрај одбележувањето на празникот Илинден од страна на црковно-државна делегација утрово се одржа и заедничка литургија за верскиот празник Св Илија на која сослужуваа владици на СПЦ и МПЦ-ОА.
Мицкоски: Секое бегство од референдумот е бегство од народот
По повод Денот на Републиката - Илинден, делегации на опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска положија цвеќе на гробот на Никола Карев во Крушево и на неколку локации во Скопје. Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски традиционално, се обрати од струшко Ташмаруништа.
Тој порача дека се подготвени да ја платат секоја цена за да ја зачуваат Македонија и македонските национални интереси и побара поддршка за референдум на кој граѓаните ќе се изјаснат дали под вакви услови сакаат да влеземе во ЕУ.
„Референдумот за отфрлање на асимилацијата која тие ја прифатија е добра можност политичката елита да покаже колку го вреднува ставот на народот дури и тогаш кога поинаку мисли од него. Јавно повикувам да поддржиме референдум. Сите заедно да повикаме и на народот да му дадеме шанса да донесе одлука и сакам уште еднаш тука да потенцирам по којзнае кој пат, народот да биде спокоен, без оглед на тоа што ќе смисли оваа власт како опструкција или отпор за референдумот, гаранцијата и блокадата за зачувување на Уставот од страна на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ се факт и тоа останува“, порача Мицкоски.
Тој вели дека референдумот е огледало на немоќта на власта и на нивниот морален хазард и бегајќи од него сакаат „ да го пренесат народот жеден преку езеро“ без притоа да имаат обзир за тоа каква катастрофа прифаќаат. Според него секое бегство од референдумот е бегство од народот, а со тоа се покажува колкаво предавство се прави на Македонија и македонскиот народ.
Единствен излез од актуелната ситуација според Мицкоски се парламентарни избори и ново мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата кои ќе бидат гаранција дека Македонија ќе го врати изгубеното.
Џафери: Идентитетот не се дава и одзема, идентитетот е тоа што сме и што го носиме во нас
Претседателот на Собранието Талат Џафери од Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце, порача дека имаме една заедничка држава и сите сме одговорни да ја чуваме и развиваме, за нас и за идните поколенија. Џафери посочи дека предизвиците на нашиот пат никако не престануваат и не се намалува тежината на одлуките што треба да се донесат.
„Гледано објективно и со искрена намера за кажување на работите онака како што се, ќе го кажам тоа што на сите ни е познато, а тоа е дека ниту една земја не наиде на поголеми препреки од Република Северна Македонија на нејзиниот пат кон членство во НАТО и Европската унија. Во тој процес, за жал, се разјадуваше нашето општество, се групираше во табори, во предавници и патриоти, во европејци и русофили, во албанофоби и бугарофили, во комуњари и вмровци. А тоа никако не беше во полза на државата. Тоа никако не одеше во прилог на обединувањето кон крајната цел“, рече Џафери.
Зборувајќи за глобалните кризни и безбедносни предизвици, тој кажа дека сме „премногу мали за сами да ги биеме битките пред кои се исправаме секојдневно“ и оти е значајно да бидеме обединети и единствени за тоа што го сакаме, заслужуваме и можеме како земја и како граѓани на Република Северна Македонија.
Честитка до граѓаните испрати и лидерот на ДУИ Али Ахмети, кој меѓудругото оцени дека станавме пример за создавање мир и остануваме решени да го надминеме следниот предизвик, интеграцијата во Европската Унија.
Илинден во Македонија датира од 1903 година, кога на 2 Август Македонците и другите народи се кренаа на востание против Отоманската Империја и ја формираа Крушевската Република. Поради тоа Илинден е познат и како денот на Републиката. Востанието беше кренато на 2 Август - на денот на Свети Илија кој е национален православен празник кога традиционално се одржуваат верски церемонии во црквите и манастирите ширум Републиката.
Еден од најавтентичните настани за празникот е традиционалното пристигнување на коњаниците од Скопје во Крушево, местото каде во 1903 година беше воспоставена Крушевската Република по битиките против Отоманската војска, која траеше кратко.
Четириесет и една година по Илинденското Востание во Манастирот Св. Прохор Пчински беше одржано и Првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ), кога беше потврдена рамноправната положба на Македонија во рамки на федералната држава Југославија.