Секоја нова власт, една од првите работи што ги менува, се фирмите за обезбедување и за чистење во институциите. Зошто? Затоа што во овие два бизниси лежат десетици милиони евра годишно од јавни набавки, покажуваат податоците од владината дата база на податоци „Отворени финансии“.
Во најновото истражување на РСЕ, го отворивме случајот со фирмата за чистење Серта, за која се води истрага дека наводно со лажни документи добила два тендера од владини институции, во вредност од околу 5 милиони евра. Од Серта демантираат, но од Финансиската полиција велат дека инспекторите на терен не ги нашле машините и количките со кои Серта, на хартија, ги исполнила критериумите за да го добие тендерот.
Видете и ова: Под истрага два милионски тендери на „Серта“ за чистење на владини институцииДиректорот на Службата за општи и заеднички работи на владата, Пеце Мирчевски ни потврди дека е отворена истрагата против Серта, но договорот со нив и натаму се спроведува.
За танго се потребни двајца. Сличен случај имаше и во 2018 година, при што, покрај сопственикот на фирмата „Секјуриком“, Австриецот Вонфганг Гампер, осомничен беше и поранешен директор на СОЗР Васе Доневски кој помина неколку месеци во притвор. Судскиот процес за тој случај, сеуште трае.
Додека институциите се координираат Скопје може да остане без пари за Пречистителна станица
Политичките препукувања за местенка на тендерот за пречистителната станица во Скопје го забавија изборот на фирма што ќе гради објектот, со што земјава ризикува да ги изгуби европските пари.
Обвинителите и полицијата сеуште се координираат дали да отворат предмет за случајот. Ова се случува месец и половина по обвинувањата што ги изнесе скопската градоначалничка Данела Арсовска, откако по повеќе од една деценија ветувања, проекти и барање финансии, дојде моментот да се избере фирмата што ќе го гради објектот вреден над 100 милиони евра, за третман на канализациските води кои сѐ уште непречистени се испуштаат во Вардар.
И да не „пукнеше тиквата“ меѓу Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ, веројатно поради некакви интереси од тоа која фирма ќе гради (труска или австриско-германска), се ќе си течеше како подмачкано и сите ќе беа „задоволни“.
Нов шеф на клучното обвинителство и веднаш сомнежи. Ќе бидат ли функционерите на ДУИ недопирливи?
Да му дадеме ли шанса на новиот шеф на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Ислам Абази, или не? Ќе се зафати ли тој сериозно со расчистување на криминалот и корупцијата?
Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека изборот на Абази за наследник на Русковска е партиско политички договор на власта. Антикорупциска изрази сомнеж во критериумите за избор, а министерот за правда Тупанчевски призна дека нешто ќе мора да се промени во моделот за избор. Тврдењето на Абази дека нема врски со ДУИ е оспорено.
„ Секако тој треба да се докаже и во очите на јавноста дека е потполно ослободен од тие настани и дејствија кои се поврзуваат со него и дали тие се пречка за неговото вршење на функција“, вели поранешниот претседател на Врховниот суд, Дане Илиев.
МЕПСО троши над 600 илјади евра годишно на плати за вишок вработени
Извештаите на Регулаторната комисија од изминатите години покажуваат дека бројот на вработени во МЕПСО постојано расте. Во 2007 година, на пример, имале 411 вработени, во 2014 се искачиле на 479, во 2017 веќе надминале 540, за годинава да достигнат 622 вработени.
Државните компании, особено оние со повисоки плати, станаа „млечни крави“ за роднини на функционери кои сакаат да се закачат на државно виме. По секоја промена на власта, медиумите се полни со вести чиј син, сестра, баџанак или вујна се вработил во некоја државна компанија.
Последните звучни вработувања во МЕПСО се од 2018 и 2019, кога се вработуваат синот на поранешниот премиер Владо Бучковски од СДСМ, ќерката на поранешниот градоначалник на Гостивар Невзат Бејта од ДУИ и сестрата на министерот за економија Крешник Бектеши од ДУИ.
Сепак, со оглед на тоа што МЕПСО е државна компанија, секој непотребен трошок, пак е на товар на граѓаните, независно дали преку сметките за струја или на друг начин.
Данците не знаат кои се „наши деца“ за контролори за летање и не им давале да препишуваат на тестот
Бура од коментари и постови на социјалните мрежи по информацијата дека директорите на контрола на летање си ги пријавиле децата за обука за контролори, но Данците кои го спроведувале тестот не дале да се препишува, па положиле „туѓи“ деца. Раководството на М-НАВ смета дека „нешто е труло во државата Данска“ и се обидува да го поништи конкурсот. Платите во М-НАВ се над 2000 евра.
Видете и ова: Данците не знаат кои се „наши деца“ за контролори за летање и не им давале да препишуваат на тестотТројцата членови на управниот одбор на македонската контрола на летање М-НАВ и директори во агенцијата: Фахрудин Хамиди, Миѓан Селмани и Влатко Крстевски, сакаат да го поништат огласот за контролори на летање, зашто од 270 пријавени, положиле само 8 кандидати, меѓу кои не се нивните, а ни пријавените деца на функционери од ДУИ, објави порталот СДК.МК.
Прво моторџиско сако во светот: Од мотор, право на бизнис состанок
Во меѓувреме, некои „туѓи деца“, со иновативни идеи и многу работа си го пробиваат патот кон успехот, и тоа не по државни институции.
Брамел е првото моторџиско сако во светот. Го создаде македонски иноватор - пасиониран моторџија, за кога оди на бизнис состаноци да има на себе ем безбедно мотоџиско сако со сите безбедносни нишани, ем да биде деловно елегантен. Проблемот родил идеја, идејата иновација, а иновацијата станала успешен бизнис низ цел свет... Во оваа епизода на серијалот за македонските иноватори ви ја претставуваме иновацијата на Нино Карас и Нина Левиќ, иноватори и претприемачи и нивното Брамел сако - прво моторџиско сако во светот.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Тепање и понижување во руски филтрациски логор: Приказната на Украинката Олена
И за крај, приказната на украинката Олена Струкалјова, која вели дека била принудена да ја соблече облеката и видела брутално претепан човек во рускиот филтрационен камп, низ кој цивилите од окупираните области на Украина морале да поминат пред да бидат однесени во Русија. Таа била однесена во Русија, а потоа си заминала во Грузија. Ова е нејзината приказна.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Почитувани, тоа е се за оваа седмица. Можете да ме контактирате на мејл: nakevl@rferl.org. Сите сугестии, предлози и забелешки се добредојдени.