Текстилците бараат озаконување на лошите работни услови?

Архивска фотографија- работничка во текстилна фабрика

Работниците во текстилните фабрики и сега не земаат минимална плата. Немаат празници и викенди, велат самите тие, но и невладините организации. На барањето на сопствениците тие го гледаат само како барање за озаконување на она што и сега се случува.

„Жално, разочарана сум“, ова е првичната реакција на 52 годишна шивачка од Штип која 30 години работи во текстилната индустрија прашана за новите барања на сопствениците на фабриките - осум и пол часа на работа, без викенди и државни празници. Од Кластерот на текстилни работници првото барање го правдаат со платената пауза од 30 минути што ја намалувало, како што тврдат, продуктивноста на работниците.

„Имаме пауза од вкупно триесет минути која ни е поделена на два дела. Но, на вратата од надвор ни ставија рајбер и таа е отворена само во времето кога е паузата, ако ,во меѓувреме, треба да се оди до тоалет, или имаш каква било потреба, нема излегување“, вели работничката која инсистираше на анонимност поради страв од губење на работното место.

За нас и сега нема ниту викенди, ниту празници, додава таа изненадена од овие барања на сопствениците. Тие со години работат во такви услови, а новина сега е што работодавачите сакаат и да ги озаконат, реагираат и од невладините организации.

„И во моментот текстилните работници работат многу повеќе од 40 часа неделно, колку што е предвидено со закон и постојано остануваат прекувремено. Не знам какви се сега овие нови барања. Наместо да молчат оти секоја сабота и секој празник е работен, а притоа не е евидентирана и платена таа работа, сега ова го бараат и со закон“, вели Кристина Ампева од невладината организација Гласен текстилец.

Ваквите барања на работодавачите доаѓаат и во период кога самите сопственици се жалат дека немаат доволно работна сила поради иселувањето. По најавите од владата дека од идниот месец минималната плата ќе се зголеми од 12.500 на 14.500 денари, претседателката на Кластерот за текстил Маријана Перковска за РСЕ рече дека растот на платите е неминовност, зашто во спротивно работниците си заминуваат.

„Износот на минималната плата не е толку проблематичен, тој е неминовен, инаку ќе има флуктуации, ќе си заминуваат луѓето “, вели Перковска.

Истражувањата на Гласен текстилец, пак, покажуваат и дека сега нема многу млади вработени во секторот.

„Возраста на вработените во источниот регион е над 45 години. Со вакви непромислени изјави си прават сами штета на своето работење и својот углед“, вели Ампева.

Но и минималната сегашна плата од 12,500 денари ретко кој ја прима во текстилниот сектор. Нашата соговорничка шивачка вели дека и покрај законска забрана за исплата по нормиран учинок, тоа се уште се применува, па пред државата тие земаат 12,500, но во реалноста онолку колку што сработеле, а остатокот го враќаат во плико кај газдата.

„И кога доаѓаат инспекции, газдите секогаш знаат ден однапред, па ги тргаат неосигураните, вработените на помало работно време, ги средуваат документите, така што инспекторите вообичаено не наоѓаат ништо спорно“, објаснува работничката во текстилна фабрика.

Таа крајно разочарана од состојбата, па вели дека е логично што се помалку млади има вработено во текстилниот сектор. "Иако имам 52 години, ако можам и јас веднаш би заминала во странство", додава шивачката.

И од Сојузот на Синдикати на Македонија реагираа дека барањето за зголемување на осумчасовното работно време би значело губење на основното право за кое работниците се избориле во 1886 година и оценија дека предлозите од Кластерот се надвор од европските трендови за унапредување на работничките права. Од синдикатот наведуваат и дека работниците во текстилната индустрија се најниско платени во државата, нивните права најчесто се прекршувани, а тоа, велат, го нема никаде на светот.