Таен договор за јавни автопатишта

Првиот вицепремиер Артан Груби и претставници на Владата на брифинг со новинарите

Деловна тајна е договорот со Бехтел и Енка за коридорите 8 и 10-д, изјави координаторот на проектот и вицепремиер Артан Груби. Тој објаснува дека државата нема да плаќа пенали, туку дополнителни трошоци ако не се изменат осум закони. Условите за 60 - часовна работна недела Владата ги договорила пред да се донесат законски измени со кои ќе се спроведе.

Тројца министри, неколку директори и десетина претставници на министерства и институции пред медиумите објаснуваа дека контроверзиите околу „историскиот проект“ за изградба на коридите 8 и 10-д и не се баш контроверзни.

Главниот збор го имаше првиот вицепремиер и координатор на проектот Артан Груби кој кажа дека договорот со конзорциумот Бехтел и Енка не е достапен за јавноста затоа што е класифициран, односно е деловна тајна по барање на изведувачот и Владата. Објаснувањето беше дека никаде во светот каде што Бехтел и Енка склучувале договори не биле јавно објавени.

Видете и ова: Трнлив пат до автопат

Неговиот колега, министерот за економија Крешник Бектеши вели дека не е прв пат договори со компании да не се објавуваат за да заштитат нивните интереси. Така не се објавени договорите со ОКТА, Еуромакс, кинеската Синохидро и турски Тав.

„Имаме договори кои се деловна тајна со компании кои котираат на берза и сензитивна информација е да се објави начинот на кој работат овие компании. Имаме стотици такви договори особено со фирми кои работат во ТИР- зоните“, вели Бектеши.

Но, вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска вели дека не гледа причини зошто да не се објави договор кој е од стратешко значење, но сепак остава резерва.

„Станува збор за стратешки договор од национален интерес, не сум сигурна во моментов, ќе проверам дали има евентуално некоја клаузула што би го спречувала тоа. Во спротивно, пак ќе кажам, тоа е договор од национален и стратешки интерес и не мислам дека треба да биде сокриен од јавноста“, изјави вицепремиерката Грковска на друг настан.

Јавното обвинителство има увид во деловната тајна - договорот со Бехтел и Енка

Освен Владата, договорот потпишан со конзорциумот Бехтел и Енка го има и Јавното обвинителство кое отвори предмет за коридорите, потврди Груби. Тој додаде дека Владата ќе размисли дали ќе може да го видат и пратениците со сертификат за класифицирани информации, кои ќе треба да гласаат за осумте закони во скратена постапка, што според него треба да овозможат побрза и поевтина изведба на коридорите.

Опозицијата обвинува дека овој договоре штетен за државата и дека Владата ќе плаќа пенали од над 50 милиони евра. Груби и Ковачевски го демантираат потпретседателот Александар Николоски дека Владата по истекот на 45 дена од потпишувањето на договорот ќе мора да исплаќа пенали.

„Тоа значи дека на 23 Април сите граѓани на Македонија за ништо ќе треба да платат 53 милиони евра“, напиша потпретседателот на ВМРО – ДПМНЕ Александар Николоски на својот профил на Фејсбук каде што објави само една страна од вкупно 438 страници од договорот на англиски.

Груби не ја потврди, ама не ја ни демантираше автентичноста на објавата. Демантираше само дека станува збор за пенали, туку дека доцнењето ќе ја крене цената на изградбата.

И според објавената страница кај Николовски и според брифингот тоа значи дека ако не се донесат измените во законите кои им се неопходни за исполнување на условот „завршен проект за 4 години и 7 месеци“ предвидени во договорот, тогаш рокот за изведба се зголемува за најмалку 6 месеци, а цената во старт ќе порасне за најмалку 53 милиони евра. По што ќе следуваат најмалку дополнителни 900 илјади евра за секој еден месец доцнење од предвидениот рок.

Бочварски- Преговарано е според законите кои се во собраниска процедура

За договорот за условите за работа и очекуваните резултати од конзорциумот Бехтел и Енка кој Владата го потпиша на 8 март се преговарало врз основа на недонесените закони кои сега чекаат „собраниски амин“, потврди министерот за транспорт и врски Благој Бочварски. Тоа значи дека Владата се договорила работниците на автопатите да имаат 60 часа работна недела иако во Македонија со закон до сега е пропишана 40 часа.

„Договорот со ‘Бехтел и Енка’ е потпишан врз основа на посебен закон одобрен во Собранието од страна на сите пратеници и тој договор ги има поминато сите законски процедури за склучување и беше јавно потпишан“, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски.

Но, кога е потпишан договорот со Бехтел и Енка предвидено 60 часа работна недела и покрај одлуката на Уставниот суд тоа да не се дозволи. За да се спроведе изградбата со продолжено работно време треба да се измени Законот за работни односи за кој веќе жестоко се дебатира во Собранието.

Осум закони чекаат измени во Собрание

Според предложените измени во Собранието, покрај Законот за работни односи, експропријација, и за заштита на културното наследство, ќе се менуваат законите за земјоделско земјиште, урбанистичко планирање, минерални суровини, законите за шумите и за градење. Опозицијата обвини дека измените се носат на брзина, „шверцерски“ како што велат, без широка консултација, што фрла сомнеж врз целиот проект.

Видете и ова: Спорна фирма или транспарентна постапка за надзор на автопатите што ќе ги градат Бехтел и Енка?

Две варијанти за роковите околу коридорите 8 и 10-д

Како што објаснија надлежните во игра биле две сценарија за оптимизација на изградбата на автопатите Струга – Ќафасан, Прилеп – Битола и Тетово – Гостивар – Букојчани, од Коридорите 8 и 10д. Првото е проценетата вредност на целиот проект од 1,3 милијарди евра со дополнетото 300 милиони евра за експропријација на 55 проценти од парцелите на трасата кои се приватна сопственост.

Во пракса, фирмата треба „во од“ да прави проект за изградба и паралелно да работи на терен на 4 делници за кои ќе треба да експроприра земјиште од кое 55 проценти е во приватна сопственост.

За да избегне одолговлекување во изградбата, владата реши автопатите од коридорот 8 и 10 да ги прават по принципот „клуч на рака“, односно наместо на тендер, директно да се преговара со турско-американскиот конзорциум Бехтел и Енка за изградба на автопати, тие да си изготват физибилити студија, и целосно да го изведат проектот.

Но, второто сценарио за толку подолго ќе трае изградбата и колку повеќе ќе чини, ако не поминат измените на осумте закони во Собрание не откриваат.

„Целта е едноставна, со законските решенија во Собранието, проектот ќе ја чини државата многу помалку и ќе биде побрзо спроведени“ повторни неколку пати Груби.

Видете и ова: Се менуваат закони за „Бехтел и Енка“ да градат брзо

Груби најави дека првиот камен темелник за коридорот 8 ќе биде поставен на 27 април, додека за Коридорот 10-д ќе биде поставен на 12 мај. Прославата кога Груби ја откри таблата за изградба на коридорот 8 на која носеше маичка со коридорот вели дека ја платил изведувачот.

Овој проект од самиот почеток го следат контроверзии. Прво се заобиколија закони и се донесе нов закон „во четири очи“ за таа цел. Имаше проблеми и со изборот на надзор. Првиот обид пропадна поради руска врска, а и вториот се поврзува со скандали со фирмите за надзор. Но и покрај сомнежите , Владата и Бехтел и Енка го потпишаa договорот.

Груби проектот го нарече историски ден за Македонија, а секоја прилика ја користеше за да ги негира обвинувањата поврзани со целиот проект за изградба на автопатите.

И Основното јавно обвинителство, но и Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) отворија предмет за коридорите. Предметот е распореден кај надлежен јавен обвинител, кој презема дејствија и ќе изврши проверки, по што се очекува донесување на јавнообвинителска одлука за понатамошниот тек на постапката.

Претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска неодамна изјави дека дел од документацијата поврзана со проектот е веќе кај нив, а се прибираат и останатите документи.

„Поради специфичноста на предметот овој предмет ќе го работи тим и од советници и од членови на Комисијата, значи ќе му дадеме особено значење и внимание се со цел вистината да ја извадиме на виделина и резултатите ќе ги соопштиме на јавна седница,“ изјави Ивановска.

Бехтел е најголемиот американски контрактор по приходи, додека глобално се трети. Имаат 54.000 вработени во речиси 40 земји. Градат големи инфраструктурни проекти ширум светот, а во регионот градеа неколку автопати, а некои ги следеа контроверзии. Ги градеа автопатите во Косово, Албанија, потпишаа договор за „Моравскиот коридор“ во Србија.