Утре истекува рокот за аплицирање за субвенциониран студентски оброк за редовни студенти на државните и приватните универзитети во државата. Студентите од новата академска година, како и оние што не го запишале летниот семестар, ќе се пријавуваат во октомври.
„Досега електронски се пријавиле 16.900 студенти“, велат од Министерството за образование и наука, за РСЕ.
Согласно пресметките на МОН, ова право им следува на околу 40.000 студенти и за оваа намена во буџетот се обезбедени 15 милиони евра.
„Аплицирањето за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк започна на 1 август и согласно јавниот повик трае до крајот на месецот за тековните студенти, додека студентите од новата академска година и оние кои не го запишале летниот семестар може да се пријават до 31 октомври“, потсетуваат од МОН.
Апликацијата се одвива електронски, преку веб страницата на МОН, со прикачување на пријава и изјава за точност на податоци, како и податоци за лична трансакциска сметка.
„Не ни е јасно зошто има толку мал одзив на студенти за пријавување за субвенциониран студентски оброк. Аплицирањето е исклучиво онлајн и постапката е многу лесна и едноставна. Претпоставуваме дека е заради неинформираност и фактот што аплицирањето се вршеше за време на летните денови. Сепак, ние направивме сѐ што беше во наша моќ да ги информираме, постојано објавување на официјалната страна на Фејсбук, по студентските групи, до личниот меил на секој студент, изјави за телевизија итн.“, вели за РСЕ , Претседателката на Универзитетското студентско собрание при УКИМ, Ева Цветковска.
Студентските претставници се надеваат дека до крајот ќе аплицираат што е можно поголем број на студенти.
„Од особена важност е да се потенцира дека станува збор за мерка којашто се однесува само на додипломските студии, иако редовни студенти се и оние кои се запишани и на втор и на трет циклус на студии. Компаративно гледано, ваквите мерки ги опфаќаат и студентите од втор и трет циклус студии, па сметам дека на тој начин ќе беше поголем одзивот и во овој случај. Сепак, се соочуваме со бројка на студенти на додипломски студии многу помала од очекуваната. Како фактор кој за некои студенти влијаел е фактот што треба да се остават податоци од трансакциската сметка на студентот, но сепак, Владата веќе спроведе мерки за еднократка финансиска помош за кои беа потребни истите податоци. Во секој случај, инферентноста и апатијата се многу присутни појави кои испреплетени со мала доза на недоверба можат да резултираат со бројки како овие. Се надевам дека во преостанатите денови ќе аплицираат што е можно поголем број на студенти и дека во иднина Владата ќе ги опфати сите циклуси подеднакво“ вели Студентската правобранителка, Теа Мицевска за РСЕ.
Студентите кои аплицирале ќе ја добијат првата уплата во износ од 2400 денари на почетокот од октомври годинава. Оваа сума ќе ја добиваат секој месец, девет месеци во годината, односно секој студент- корисник на субвенцијата ќе добие по 21600 денари годишно.